[Рецензија: Битолските социјалдемократи гневни на партијата: Со ваква листа ли ќе барате победа?]
Во овој напис на читателите не им се презентира точна информација, туку само манипулации и невистини. Во насловот се најавува дека битолските социјалдемократи биле гневни на партијата, а во текстот тој нaводен гнев никаде го нема.
Линк до оригиналниот напис: Битолските социјалдемократи гневни на партијата: Со ваква листа ли ќе барате победа?
Датум и време на објавување: 10.3.2020
Датум на рецензирање: 14.3.2020
Рецензент: Ана Анастасовска
Текстот е манипулативен и не нуди никакви факти и докази за искажаното.
Уште на самиот почеток, во првата реченица од текстот е содржана невистина, а со тоа е прекршено и основното новинарско правило дека новинарот не смее да не ја почитува вистината и да пренесува лажни вести.
Зад затворени врати СДСМ вчера одлучи, Радмила Шекеринска, да биде носител во ИЕ 5.
Целосна невистина е дека СДСМ зад затворени врати одлучил Радмила Шекеринска да биде носител во петтата изборна единица. Имено, решенијата за изборните листи, партијата ги усвои на Конгрес, кој се одржа на 9.3.2020 г. во скопскиот хотел „Александар палас“. Конгресот на партијата е највисокиот партиски орган и, според тоа, не може да се каже дека партијата одлучувала зад затворени врати. Листите ги изгласаа делегатите на Конгресот.
Понатаму текстот ги посочува и имињата на следните двајца на листата во петтата изборната единица и вели:
Но оттука натаму започнуваат разочарувањата на битолските социјалдемократи, бидејќо ако се змеат во предвид минатите избори, СДСМ бара 20.000 гласови во Битола.
Членстото на СДСМ во Битола, ваквиот потег од централата во Скопје го сфаќа како потценувачки и омаловажувачки, но Шекеринска се надева на силна поддшка и убедлива победа во Битола.
И написот тука завршува. Тврдењата дека битолските социјалдемократи се гневни и разочарани од одлуката на партијата Радмила Шекеринска да биде носител во петката, не се поткрепени со ништо. Никаде нема изјава од општинскиот комитет на СДСМ во Битола, никаде нема изјава од ниту еден „гневен“ член на партијата од овој град. Па, поради тоа се добива впечаток дека наводните гневни битолски социјалдемократи се измислени.
Задача на новинарот не е да шири лажни вести и да манипулира со читателите со цел политички да поентира. Политичкото поентирање е работа на политичките партии. Новинарите имаат задача да пренесуваат вести и информации кои се од јавен интерес и притоа, таквите информации мора да бидат проверени од што е можно повеќе страни за да бидат релевантни.