Руски едиторијал од 2003 г., воскреснат во април 2020 г., искористен за манипулација дека немало разлика помеѓу САРС и ковид 19

Пост во јавна група на „Фејсбук“ со фотографија до која стои коментар, изразува сомнеж во корона-вирусот Сарс-Ков 2, предизвикувачот на болеста ковид 19, со што неупатени и неинформирани корисници може да бидат доведени во заблуда дека е истиот вирус како и предизвикувачот на САРС од 2003 г.

Во постот, под фотографијата од насловната страница на „Северноуралски вести“, издание 24 од 2003 година, како придружен коментар пишува:

Корона-вирус во 2003??? Сега шо прајме

Станува збор за фотографија на насловната страница на локален, градски руски весник, „Северноуралски вести“, од која се гледа дека главниот едиторијал на 13 јуни 2003 г. бил посветен на тогашниот вирус САРС.

Со наднаслов „Жешката линија на академик Чучалин“ (руски пулмолог и член на Руската академија на науки д-р Александар Чучалин, кој и денеска е активен во борбата против корона-вирусот) и наслов „Корона-вирусот станува поагресивен“, во едиторијалот се обработува темата на ширење на вирусот и вестите во светот во последните два месеца – се мисли на април 2003, за тогашната појава на корона-вирусот предизвикувач на САРС, како и за претходната појава на светски зголемен број пријавени случаи на воспаление на белите дробови помеѓу 1997 и 1999 година, при што се експлоатира хипотезата дека тие случаи биле претходница на САРС и оти станувало збор за ист предизвикувач.

Сево ова може да се разбере од претрага по интернет, од која ќе се види дека оваа фотографија со оваа насловница на локалнот руски весник, станала популарна во Русија во април 2020 година, првата недела од карантинот почнат тогаш во земјата и кога руските медиуми ја ископале насловницата од 2003 година, па дури за таа насловница и тој едиторијал имало специјална емисија на првиот канал на руската државна телевизија. За оваа интересна популарност по 17 години, пишува сегашниот уредник на весникот Северноуралски вести, извесен Г. Каландинскиј, а тоа е објавено и на порталот Сев-Ур Инфо, како и на сајтот на градот Северноуралск на 20 април 2020 г. и оттаму може да се разбере целата приказна со оваа насловна страница од 2003 година.

Таа фотографијата од насловната, сега, на 12 септември 2020 г., е закачена на постот што го рецензираме, при што е заокружена со црвено и годината кога е излезен едиторијалот, 2003 година. Тоа потенцирање, заедно со текстот во постот „Корона-вирус во 2003??? Сега шо прајме“, го упатува читателот на заклучок дека вирусот корона постоел и во 2003 година и оти тука е нешто чудно. Ова оди на линија на теориите на заговор дека вирусот не е нов, дека можеби и не е толку опасен ако го имало во 2003 година и слично. Дека тоа е така, може да се види и од коментарот под постот, каде што на укажување од друг ФБ корисник, дека во 2003 година навистина постоел корона-вирус предизвикувач на САРС, авторот на постот одговара:

Разлика помеѓу старата и 19 нема, тоа е факт на СЗО. Единствена разлика е „газдата“ денешен, Масоните и Илуминатите кои ги однесоа бизнисисте во Кина и одат на уништување на УСА и ЕУ…читај малку повеќе не е на одмет.

Постот е објавен на 12 септември и сѐ уште е вирален. Досега го имаат споделено 382 корисници на ФБ на своите профили. Само упатен читател кој што би направил претрага по интернет или информиран читател, кој се сеќава или знае за САРС од 2003 година, може да процени правилно. Сите други може да бидат доведени во заблуда и поради тоа „Вистиномер“ го рецензира овој пост, кој е со вистината фотграфија, но со манипулативен текст на авторот.(vistinomer.mk)

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс-наведи извор-без изведени дела.