[Замина фудбалската легенда: Почина Драгослав Шекуларац-Шеки]
Во текстот што го рецензираме е објавена вест стара една година. Драгослав Шекуларац Шеки почина лани на 5 јануари, а не на Бадник годинава. Оваа стара информација беше објавена и од други медиуми, но потоа беше избришана.
Линк до оригиналниот напис: Замина фудбалската легенда: Почина Драгослав Шекуларац-Шеки
Датум и време на објавување: 6.1.2020
Датум на рецензија: 10.1.2020
Рецензира: Силвана Жежова
Легендарниот фудбалер на белградска Црвена звезда Драгослав Шекуларац, кој е роден во Штип, почина денеска во Белград. Популарниот Шеки беше еден од најдобрите дриблери во историјата на бившојугословенскиот фудбал. Играше во средниот ред.
Смртта на Драгослав Шекуларац на 5 јануари 2019 година е претставена како да се случила сега на 6 јануари (2020). Ваквата појава на реобјавување вести на ист датум, ама од лани и преклани, најчесто се должи на тоа што информацијата се појавува на тајмлајн на „Фејсбук“, како потсетување што се случило на истиот ден во годините претходно. Но, медиумот пред да објави е должен да ја провери вистинитоста, односно времето кога тоа се случило.
Ваквата практика на реобјавување на стари вести со нови датуми трае подолго време. Особено тоа е забележливо кај информациите што се однесуваат за хуманитарна помош за социјално загрозени лица, или, пак, за лекување.
Основно правило во новинарството за пишување на една вест, е да се даде одговор на прашањата: кој, што, каде, кога и зошто. Временската одредница е многу важна категорија, па оттука и важноста да се провери кога одредена работа за која се пишува се случува за да не настане забуна кај читателите, но и да се биде коректен во известувањето. Реобјавувањето, пак, на стара вест е целосно непрофесионално и нема никаков јавен интерес.