Со сериозен наслов не се пренесува шега

 

Пишува: Билјана Таневска

 

Ако сте од тие што читаат само наслови, можеби веќе се сретнавте со „веста“ дека досегашниот премиер Зоран Заев ја дал ќерката за да се потпише Преспанскиот договор или, пак, во замена за грчки остров. Колку и спектакуларно да звучи и често да се појавува, сепак, овој наслов не е вистина.

Всушност, се работи за исечок од опуштено новогодишно интервју во домот на Заеви подготвено како разговор на новинарот Мишко Иванов од „ТВ 24“ со Заев и неговата сопруга. Одреден твитер-корисник го споделува овој исечок каде експермиерот, кој е познат по своите обиди да внесе шега во своите обраќања, споделува една анегдота од разговорите помеѓу него и поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас пред потпишувањето на Преспанскиот договор.

Имено, се работи за комплимент кој Ципрас го дал за неговата ќерка, исто обидувајќи се да биде шеговит, на што Заев се надоврзал со предлог за преговори за склучување брак помеѓу неговата ќерка и еден од синовите на Ципрас. Тој, во обид да ја нагласи уште повеќе шегата во целиот апсурд на преговорите, вели: „малку ќе попуштите на името, јас ќе ја дадам ќерката, ние немаме море ќе дадете едно острово… и пополека ќе го најдеме решението.

Се разбира, шегата не мора секому да му биде смешна, особено кога се работи за вака сензитивна тема, но новинарите не смеат да си дозволат од неа да прават потполно лажна вест, која единствено има цел да нанесе политичка штета. Очигледно е дека се работи за безопасна размена, која служи за намалување на тензијата на сериозната атмосфера во која се одвиваа тие преговори. Слично како и сите други луѓе, лидерите и политичарите знаат да комуницираат неформално и да се шегуваат. Очекувањето на нешто различно од тоа е во најмала рака нереално.

Поголемиот дел од порталите што го пренесоа овој исечок го споделија со користење спектакуларни наслови кои сугерираат дека Заев ја дал ќерката за да се потпише договорот. Соочени со фактот дека голем дел од луѓето се задоволуваат само со наслови, особено кога во нив се раскажува цела вест, слободно може да заклучиме дека сите овие портали придонесоа за ширење на дезинформација.

Кои се понатамошните можни разврски на приказната може да се согледа уште во коментарите на видеото на „Твитер“. Некои од Твитер-корисниците што коментирале се ужаснати од фактот дека Заев ја дал ќерката, па што останува за државата, а некои зборуваат како тој навистина да ќарил остров. Но, доколку ова останеше само на „Твитер“, работите ќе беа поинакви. Проблемот е во тоа што одредени портали видеото го споделија како вест со наслов што шири дезинформација. Притоа, новинарите што го прават ова го кршат првиот член од кодексот на новинарите од Македонија во кој се вели: „(…) Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.“

Кај поголем дел од погоре наведените портали, кои го споделиле овој исечок од видеото, можеме да видиме дека пласираат твит како вест, без при тоа да дадат свое видување, заклучок, анализа или барем објаснување на контекстот. Никаде не се сугерира дека се работи за шега, но напротив дел од насловите презентираат дезинформација како вест. Самото избегнување да се нагласи дека се работи за шега, намерно им остава на читателите да си заклучат што ќе си заклучат и ниту еден медиум не посочил линк до целото видео чиј е исечокот, за да се добие вистински контекст од кој е изваден. Од друга страна, пак, голем дел од читателите нема ни да го видат видеото доколку налетаат на веста на социјални медиуми или на агрегатор на вести, туку само ќе го добијат како информација она што го прочитале во насловот или текстот кој во случајов е дезинформација. Кога на ова ќе го додадеме сознанието дека голем дел од луѓето на социјалните медиуми споделуваат наслови, односно вести на кои им ги прочитале само насловите, стануваме свесни колку е штетно користењето  наслови што шират дезинформации и немаат врска со вистината.

На крајот прашањето е дали навистина новинарите не се информирале доволно во врска со точноста на информацијата што ја споделиле или намерно ја споделиле без дополнително објаснување, но со наслов што сугерира невистина?