Неточна информација на штета на извозниците и бизнисот

 

[Рецензија: РУСИЈА HE ЈА ПРИЗНАВА „СЕВЕРНА“: Македонските камиони вратени од руската граница – не можат да поминат поради „Северна“!]

 

Насловот на текстот е шпекулативен и неточен, кој со непоткрепеното тврдење дека, наводно, македонските камиони не можат ја да поминат руската граница поради новото име, може само да му наштети на бизнисот и да ги дезинформира граѓаните. Оваа информација беше демантирана од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, на средбата со рускиот амбасадор Сергеј Баздникин.

Линк до оригиналниот напис: РУСИЈА HE ЈА ПРИЗНАВА „СЕВЕРНА“: Македонските камиони вратени од руската граница – не можат да поминат поради „Северна“!

Датум и време на објавување: 14.3.2019

Датум на рецензирање: 19.3.2019

Рецензент: Силвана Жежова

Поради пpoблeми со царинските и товарните декларации, благодарение на променетото име на државата, Русија нe ги прима македонските камиони полни со трговски и земјоделски продукти на своја територија, информира македонски шпедитер, кој сакаше да остане aнoнимeн

Кога во новинарски текст се пласира бизнис-чувствителна информација, не можете да ги базирате информациите на анонимни и на какви било извори. Во текст во кој тврдите дека македонските камиони не можат да поминат руска граница, поради сменетото уставно име, треба да имате официјални извори од македонски и руски институции, кои ќе го потврдат или демантираат тврдењето и ќе ја образложат причината за тоа.

Фотографиите објавени во текстот, а кои се однесуваат на откажани нарачки, не се доволен доказ дека се однесуваат на македонските извозници на рускиот пазар.

Информацијата беше демантирана и од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, на средбата со рускиот амбасадор Сергеј Баздникин. Амбасадорот информирал дека од руска страна не постои ниту официјално известување ниту каква било друга пречка за влез на македонските камиони во Русија поради промената на уставното име на државата.

Изминативе пет дена во Русија се влезени шест македонски фирми-извозници, кои во оваа земја извезуваат градинарски производи и овошје. Според последните податоци од Државниот инспекторат за земјоделство на Република Северна Македонија, сите компании-извозници што подигнале фитосанитарни сертификати со новото уставно име, без никаков проблем ги поминале граничните премини кон Русија, со што е овозможен непречен влез на камионите и пласман на македонските земјоделско-прехранбени производи на рускиот пазар, изјави Баздникин.

Ден потоа, Баздникин на премиерот Зоран Заев му врачи копија од нотата на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација, според која, врз основа на одлуката на претседателот на Руската Федерација, земјата го признава новото име на нашата земја – Република Северна Македонија.

Инаку, за вакви или слични проблеми што ги имаат македонските превозници најчесто реакции стигнуваат од Асоцијацијата на здруженија на работодавачите на превозните трговски друштва МАКАМ–ТРАНС,. Па доколку превозниците навистина имале некакви проблеми (како што тврди овој напис), од Асоцијацијата ќе алармираа или ќе се пожалеа. Но, за таква реакција не слушнавме.

Текстот што го рецензираме има интенција преку вакви непотврдени примери да ја прикаже наводната штетност од промената на името, односно дека државата почнува да губи голем пазар за извоз. Но, според официјалните информации, извозот на свежо овошје и зеленчук на рускиот пазар во јануари годинава е зголемен за 90 проценти во споредба со истиот месец во 2018 година.