Текстот намерно ја прави докторката Цаца Биљановска „миленичка“ на Филипче

 

[Рецензија:(ВИДЕО) Заразената докторка миленичка на министерот Венко Филипче?]

Насловот на текстот што го рецензираме не нуди никакви докази дека докторката заразена со коронавирус Нина Цаца Биљановска, директорка на Клиниката за кожни болести, наводно, му била миленичка на министерот за здравство, Венко Филипче. Тврдењето во насловот, а подоцна и во текстот, се базира на видео од докторката што било објавено на официјалниот фејсбук-профил на Филипче, а тоа не е никаков доказ за наводна омиленост, имајќи предвид дека на тој профил се објавени видеа од многу доктори, а не е само на Цаца Биљановска.

Линк до оригиналниот напис: (ВИДЕО) Заразената докторка миленичка на министерот Венко Филипче?

Датум на објавување: 9 март 2020 г.

Датум на рецензирање: 10 март 2020 г.

Рецензент: Силвана Жежова

Докторкатa ШТО не ги почитуваше препораките на Министерството за здравство, директорка на клиниката за кожни болести, Нина Цаца Биљановска, според објавата на Фејсбук, испаѓа како да била миленичка на министерот Венко Филипче. Тој на 16 јануари на СВОјот профил на Фејсбук го постирал видеото на Билијановска која се претставува како посветена докторка на пациентите, иако е на директорската позиција.

Доколку се разгледа официјалниот фејсбук-профил на министерот за здравство, Венко Филипче, може да се забележи дека има објавено видеа или фотографии од различни лекари, медицински сестри, здравствени тимови. Видеата најчесто се споделуваат од гостувањето на лекарите во различни емисии што се од јавен интерес, кога се зборува за актуелни здравствени теми, или, пак, се наменски снимени за да упатат одредена порака. Исто така, на официјалниот профил на Филипче се упатуваат и пофалби за тимови на медицински персонал за добрата грижа за пациентите.

Имајќи предвид дека видеото од Цаца Биљановска, на кое се повикува текстот, не е единственото на фејсбук-профилот на министерот, туку има многу други лекари што се промовираат, не може да се тврди дека таа докторка, наводно, му е миленичка на Филипче.

Исто така, видеото е тргнато од официјалната фејсбук-страница на Филипче, откако вчера министерот за здравство соопшти дека доторката ќе биде разрешена.

На денешната прес-конференција, информирајќи за новата состојба со корона-вирусот, тој рече дека во консултација со претседателката на Антикорупциска комисија, Билјана Ивановска, при вакви случаи, разрешувањето можело да биде веднаш и таа ќе биде разрешена денеска.

Министерот за здравство изрази разочараност од однесувањето на Цаца Биљановска, бидејќи апелите за самоизолација беа упатувани неколку недели наназад, на секоја прес-конференција на која се соопштуваше состојбата со корона-вирусот.

Во однос на препораките, уште на самиот почеток излеговме со мерка дека треба човек ШТО патувал во ризичен регион да остане дома 14 дена. Директорката на клиниката ќе биде разрешена, а другите институции понатаму ќе бараат одговорност. Ова што се случи денеска е нешто што јас и мојот тим, со кој работиме по 24 часа посветено, најмалку го очекувавме, рече Филипче на прес-конференцијата.

Објавувањето видеа и фотографии од лекари на официјалниот фејсбук-профил на министерот за здравство Венко Филипче, најверојатно, е ПР-стратегија на тимот за односи со јавноста на Филипче, кој е задолжен за комуникација со јавноста. Најчесто ваквите официјални страници не се водени лично од функционерите, туку токму од тие тимови.

Оттука, можеби видеото и да не е личен избор на Филипче, за со леснотија тој да се става во блиска корелација со заразената докторка. Така што, видливо е дека текстот тенденциозно сака да ја префрли одговорноста за неодговорното постапување на лекарката кај Филипче.