Текстот не смее да ја нарушува приватноста на семејството

[Рецензија: (Вознемирувачко видео) Пронајдена мртва жена во Вардар!]

Насловот на текстот што го рецензираме е сензационалистички. Иако предупредува дека станува збор за вознемирувачко видео, тоа видео воопшто не требало да биде објавено, имајќи предвид дека е спротивно на етиката и професионалните новинарски стандарди, а се коси и со Кодексот на новинарите. Видеото во кое се гледа телото, па дури и ликот на жената не е од јавен интерес, освен што предизвикува вознемиреност и ја руши приватноста и на починатата жена и на нејзиното семејство.

Линк до написот: (Вознемирувачко видео) Пронајдена мртва жена во Вардар!

Датум на објавување: 3.11.2019

Датум на рецензија: 4.11.2019

Рецензент: Силвана Жежова

Телото е без видливи траги на насилство и е дадено на обдукција. Жената kај себе немала документи за идентификација. Допрва ќе се работи на утврдување на нејзиниот идентитет.

Текстот, исто како и насловот, не содржи информации од јавен интерес. Дали телото било или не било без видливи траги на насилство утврдува лекар, а не новинар. Телото на жената во моментот на пишување на текстот сè уште не било дадено на обдукција, која треба да ги даде одговорите. Така што, податоците наведени во текстот може да бидат третирани само како претпоставки, шпекулации.

Медиумот во овој случај крши два члена од Кодексот на новинарите, член 7 и 8.

Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост, се вели во член 7, од Кодексот.

Покрај тоа што преку објавувањето на видеото медиумот не ги почитувал личната болка и жалост, Кодексот е прекршен и во член 8, бидејќи за оваа вест што не е од јавен интерес се известува сензационалистички.

Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми, се вели во член 8 од Кодексот.

Видеото од извлекувањето на телото од водите на Вардар, беше објавено во повеќе медиуми. Освен што е јасно дека ваквите вести се користат за собирање кликови, во видеото нема ништо информативно и нешто што е од јавен интерес за една трагедија да добие медиумско внимание. Медиумите не треба да бидат гласила за семејни несреќи што не се од јавен интерес, особено што не се знаеше дали семејството било информирано за трагедијата од надлежните органи.