[Рецензија: (Фото) НОВ CKAHДАЛ: Власта се пофали со странска инвестиција донесена од ВМРО, таблите четворојазични, но на македонски натпис нема]
Со нескриена жал за „добрите стари времиња“, но и со флагрантни невистини, текстот што го рецензираме ја дезинформира својата читателска публика за отворањето на новата фабрика за сензори во слободната трговска зона Бунарџик, така што пласира невистини, а потоа се пишмани. По системот „ако пројде-пројде“, тој ги потцени своите читатели, обидувајќи се да им подметне невистина, но патем да поттикне и етничка нетрпеливост, играјќи на картата дека тие се неуки и неинформирани, па ќе проголтаат сè што ќе им се сервира, но потоа ретерираа и се обидоа грешката да ја забошотат така што ќе ја избришат. Сепак, на интернетот грешките не се забораваат лесно.
Линк до оригиналниот напис: (Фото) НОВ CKAHДАЛ: Власта се пофали со странска инвестиција донесена од ВМРО, таблите четворојазични, но на македонски натпис нема
Линк до коригираниот напис: (Фото) СЕ КИТАТ СО ТУЃИ ПЕРЈА: Власта се пофали со странска инвестиција донесена од ВМРО
Датум и време на објавување: 31.10.2019
Датум на рецензирање: 3.11.2019
Рецензент: Југослава Дуковска
ТРАДИЦИОНАЛНИОТ ШВАЈЦАРСКИ ПОЗДРАВ ГРУЕЗИ – ТРН ВО ОЧИ ЗА НЕУКИТЕ
Промоцијата на стартот на работењето на фабриката на компанијата „Баумер“ од Швајцарија се одржа на 31 октомври, со присуство на премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев, директорот на ТИРЗ Александар Младеновски, како и двајцата сопственици на „Баумер“ –господата Оливер Вице и Кристијан Вице и швајцарската амбасадорка во РСМ, Сибил Сутер Техада. Написот што го рецензираме, пак, по сè изгледа, „не ги виде“ присутните на настанот, но затоа, пак, „виде“ поточно речено – измисли дека на настанот стоела информативна табла на која, покрај името на компанијата стои и „Добредојде“ на неколку странски јазици, како и имињата на Висар Фида и Арлинд Зекири, кои за потребите на написот се министри, иако во реалноста не се на своите министерски позиции најмалку две години.
Во првичната верзија на текстот, објавена на 31.10.2019 г., Владата беше обвинета дека ја промовирала странската инвестиција на влез во зградата каде што е компанијата без да го употреби службениот јазик – македонскиот и оти гостите, наводно, биле пречекани со натписи на „албански, англиски француски и италијански, но не и македонски“. За илустрација на ова тврдење, била одбрана стара слика од информативно пано, од пред неколку години, а не актуелна фотографија од самото свечено отворање, што е вообичаено кога се известува од самото место за некој настан. На сликата се гледа пано со добредојде на четири јазика меѓу кои е традиционалниот поздрав на швајцарските Германци, „Груези“ ,во текстот е претставен како поздрав на албански јазик, бидејќи тоа некому веројатно му звучело албански. Но, оваа лага очигледно не била доволно. Оваа фотографија е искористена за Владата да биде обвинета дека го „исфрлила македонскиот јазик“ од официјалното пано на настанот бидејќи гостите-министри биле Албанци?!
Откако ја увидел или бил предупреден дека објавил невистина, порталот го исфрлил од текстот делот со јазиците и сега овој напис може да се најде на интернет во нова, „фризирана“ верзија, без гафот со јазиците. Сепак, Krithink ја регистрира промената и преку Google cache ја најде првичната верзија на текстот, па на читателите ќе може да им се разјасни што била првобитната интенција на овој напис и што потоа требаше да биде „забошотено“.
ШПЕКУЛАЦИЈА ГАРНИРАНА СО ЕТНОШОВИНИЗАМ
Во верзијата на текстот што првобитно беше објавена, стои следниов пасус, кој потоа е избришан, но остана документиран со скриншот:
„Но, ниту оваа одлична вест за македонската економија не мина без скандал, па така на влезот вокомпанијата се најдоа четиријазични табли, но проблемот е во тоа што натпис на македонски воопшто и немаше. На таблата пишуваше на Албански, Англиски, Француски, но не и на македонски.
Која е причината за ваквото непочитување на македонскиот јазик, но пред се на законите и Уставот, останува нејасно. Сепак, она што не може а да не се забележи се имињата на гостите од Владата на Република Македонија. Неговата екселенција, како што е напишано, Висар Фида, Директорот на Агенцијата за странски инвестиции и министерот за странски инвестиции, Арлинд Зекири.
Дали бидејќи министрите се етнички Албанци, македонскиот јазик е намерно изоставен?“
Ова е пасусот што „летна“ од текстот откако било увидено (или било сигнализирано) дека е направена грешка, а кој остана забележан на скриншотот што го направивме пред да биде тргнат. И тоа, очигледно не една, туку цел низ груби грешки – не само што на настанот немало таква табла, и што не биле присутни екс-министрите Фида и Зекири туку Владата не била таа што ги пречекувала гостите. Таа била гостин во фабриката, а нејзиното именување веќе со месеци не е Влада на Република Македонија како што стои на сликата што го илустрира текстот, туку Влада на Република Северна Македонија, како што впрочем стои на паноата што биле поставени на свеченоста и може да се утврди од видеоснимките од овој настан.
КИТЕЊЕ СО ТУЃИ ПЕРЈА
Ваква табла, барем судејќи според видеоснимките од отворањето на фабриката – немало, но не е тешко да се претпостави дека ваква табла била истакната за време на некоја поранешна средба помеѓу претставници на швајцарската компанија и претставници на македонската Влада во некоја фаза од преговорите што ѝ претходеле на самата изградба на фабриката во Бунарџик.
Дека претходната македонска Влада навистина била таа што ја договарала оваа странска инвестиција со компанијата „Баумер“ од Швајцарија го потврдува и самиот текст што го рецензираме:
Договорот за инвестирање во Македонија со компанијата Баумер е постигнат уште во 2016 година од страна на претходнаТа Влада на ВМРО-ДПМНЕ. Компанијата пројавува интерес за инвестирање во Македонија како резултат на работата на економските промотори од претходната власт иако Владата на СДСМ се пофали дека станува збор за странска инвестиција донесена од актуелната власт.
Поради ова, не би требало да е чудно што при некоја официјална средба, домаќините поставиле ваква табла со добредојде за министрите Фида и Зекири на јазиците што се службени во Швајцарија, секако, додека овие биле министри одговорни за странски инвестиции, во владата на ВМРО-ДПМНЕ. Е, токму тој момент, порталот сака да го забошоти и да ги излаже своите читатели претставувајќи дека божем сегашната Влада, која патем „се кити со туѓи перја“ односно со инвестиција што ја донесле нивните претходници, го прекршила законот и го занемарила македонскиот јазик за сметка на албанскиот.
Очигледно дека било проценето дека ова ќе им пројде, бидејќи читателите веројатно не знаат како се викаат сите министри во актуелната Влада, но особено дегутантно е што покрај невистината, овој пасус поттикнува и етничка нетрпеливост, импутирајќи ѝ на Владата дека го брише македонскиот јазик, а го фаворизира албанскиот.
Овој обид настанот со отворањето на фабриката во Бунарџик да се искористи за пропагандистички текст против сегашната Влада и за величење на претходната, на ВМРО-ДПМНЕ, неславно пропадна, а грешката медиумот сам си ја призна, бришејќи дел од написот. На лагата ѝ се кратки нозете, вели познатата народна поговорка, а во овој случај скратен ѝ е и – текстот.