Теории на заговор: Добар изговор, потрага по одговор или обид за разговор?

Фото: pixabay.com

Конспиративните наративи претполагаат сложеност, а всушност се прости. Од збиената мрежа настани и поединци, по правило избиваат предвидливи шеми и обрасци: одделни или групирани моќници обично се посочувани како потајни злонамерници и главни виновници. Побудите за верување во теориите на заговори, пак, се чинат предвидливи, но, всушност, се сложени. Тие служат да задоволат најразлични потреби: за опстанок (односно преживување), за увид и сознание (проживување) или припадност (дружење)

 

Пишува:Д-р Билјана Ѓонеска, научна соработничка, МАНУ

 

Теоријата на заговор е слуга  на многу господари.

Овој исказ е издржан на повеќе рамништа. Најповршното опфаќа две категории луѓе: оние кои ги произведуваат (а може, но не мора во нив да веруваат), и луѓе кои безрезервно во нив веруваат (а може, но не мора и да ги произведуваат). Во рацете на првата група господари, теоријата на заговор станува средство за ширење дезинформации и остварување најразлични манипулации. Во главите на втората група господари, теоријата на заговор станува механизам за подмирување на итни и насушни потреби: за заштитеност и сигурност (во околината); информираност и упатеност (во приликите); интегрираност (во заедницата) и самодоверба (во самите себе). Оттаму, кај втората група луѓе теориите на заговор служат како добар изговор за разбудениот стремеж за опстанок и продолжување на видот (т.е. за преживување), или се начин да се задоволи потребата од одговори (т.е. сознавање и проживување), или начин да се зајакне врската, задржи наративот и разговорот со групата (т.е. дружење).

Егзистенцијалните (суштествени) потреби произлегуваат од човековиот стремеж за владеење со приликите. Тие се неразделно врзани со желбата да се воспостави ред, сигурност, и стабилност и контрола над околината. Стануваат загрозени во услови на природни катастрофи (како поплави или земјотреси) и општествени кризи (пример, воени конфликти или бегалски кризи) од големи размери, кои претставуваат закана за животите на луѓето. Во такви услови, теориите на заговор овозможуваат брза и краткорочна регулација на ненадејниот стрес, но и долгорочна компензација за негативните емоции (страв, анксиозност, фобии) таложени по преживеаните настани. Во околности на катастрофи и кризи, луѓето прибегнуваат кон теории на заговори, за да избегаат од помислата дека се оставени на милост и немилост на случајот, на комплексните прилики во општеството или каприциозноста на природата.

Епистемолошките (сознајните) потреби произлегуваат од постојаниот стремеж за разбирање на приликите. Тие се врзани со човековата желба за објективна и кохерентна претстава за светот со точен увид во околностите. Тие стануваат загрозени при настани кои биле проследени со ненадејност и нетранспарентност (пример, општествени инциденти и политички скандали). Недостатокот од информации за сите случувања, како и непотполниот увид во приликите што им преходеле, создаваат клима за теории на заговори. Во такви услови, теориите на заговор служат да ги покријат „празнините“ во следот настани, и недоследностите во аргументите. Тоа се големи наративи што соодветствуваат на големите настани, па ја враќаат смислата за светот како и чувството на ориентираност и упатеност во приликите. Пример, ненадејната смрт на важна личност никогаш не е случајна, а теоријата на заговор за монтираноста на случајот служи да се „оправда“ ненадејната загуба, но и да се „реосмисли“ да се „објасни“ и да ѝ се „даде смисла“ на несреќната околност.

Социјалните (друштвените) потреби произлегуваат од човековиот стремеж за припадност и интегрираност во групата, што ја посакува и со која се идентификува. Овие потреби стануваат загрозени кога се доведени во прашање припадноста кон групата или нејзиниот статус. Во првиот случај, теориите на заговори се кохезивни механизми кои ги јакнат врските со другите припадници во групата, бидејќи таргетираат надворешни групи или поединци. Во вториот случај, теориите на заговори се дефанзивни механизми, кои го зачувуваат статусот на групата во очите на припадниците, бидејќи ги сликаат во улога на невини жртви, онеправдени херои и маченици.

Иако побудите за нагласена верба во теориите на заговори се чинат интуитивни, природни, разбирливи, па дури и очекувани, сепак нивното пројавување не е секогаш оправдано. Ова е посебно точно за наративи што се користат како постојани изговори и опстојуваат долгорочно како регресивни сили што го инфантилизираат и блокираат развојот на поединецот. Дополнително, теориите на заговор кои претставуваат опасност за другите (пример, кога ги таргетираат „надворешните“ поединци и групи) или околината (пример, теориите на заговор што ја негираат науката) треба да бидат следени со будност. Затоа, осврнувајќи се на побудите за нивно пројавување, ние добиваме можност да ги разбираме нивните корени, да ги препознаеме првите никулци и да ги пресретнеме опасните изданоци од штетните теории на заговори.

 

Авторката е национална претставничка во европскиот проект за „Компаративна анализа на теории на заговори“ (conspiracytheories.eu).

Овој едукативен текст е подготвен во рамки на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – Критинк“, кој го спроведуваат Фондацијата „Метаморфозис“ и „Евротинк“ со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржините од „Критинк“ се слободни за целосно преземање согласно условите на лиценцата „Криејтив комонс“, под услов да се наведе изворот и да се постави линк кон онлајн ресурсниот центар crithink.mk. Содржините не секогаш ги изразуваат ставовите на Европската Унија