[Рецензија: Горивата поскапуваат, буџетот се полни, џебовите се празнат]
Пожелно е насловите да бидат „тизер“ што ќе го заинтересираат читателот. Но, во овој случај, насловот е тенденциозен и тврди нешто за што нема податоци во текстот.
Линк до оригиналниот напис: Горивата поскапуваат, буџетот се полни, џебовите се празнат
Датум и време на објавување: 26.5.2020
Датум на рецензија: 27.5.2020
Рецензент: Стојан Синадинов
По последната најава за поскапување на горивата во Р. С. Македонија, медиумот објавува текст/ТВ-прилог со дециден наслов во кој се тврди дека горивата поскапуваат, буџетот се полни, а џебовите се празнат.
Но, веќе во воведот на текстот се демантира неговиот наслов:
Уште колку долго храната, производите и услугите ќе можат да го издржат растот на цените на горивата без да поскапат? Засега нема такви најави од фирмите производители и трговци на кои секојдневно им растат трошоците за транспорт.
Понатаму текстот дава преглед колку поскапеле горивата откако Владата ја зголеми акцизата на нафтата, како економска антикризна мерка предизвикана од пандемијата на Ковид-19, со времетраење до крајот на годината.
Откако Владата одлучи, спротивно на праксата во европските држави, да ја зголеми акцизата на дериватите за 3 денари, горивата неколкупати поскапеа. Од 21 април, кога беше донесена одлуката, горивата поскапеа за 9 денари. Дизелот се продаваше најевтино по 42 денарА за литар од 4 до 11 мај, а сега е поскап за 7 и пол денари.
Сепак, не е точно тврдењето дека зголемувањето на акцизата на нафтата е непозната пракса во европските земји, бидејќи со вакви мерки се намалуваат несаканите и нестандардни економски ефекти предизвикани од пандемијата на корона-вирусот. Пред донесување на оваа непопуларна мерка Владата објави детаљна анализа за движење на цените на нафтата кај нас и потребата од зголемување на акцизата.
Пред почетокот на анализите, обработени се податоците за движење на малопродажните цени на нафтените деривати во соседството и во поширокиот регион, при што е јасно констатирано дека цената на горивото во нашата земја е најниско во поширокиот регион и во Европа. Пониска цена во моментот има само Турција за 0,07 еур/лит. На пример за споредба цената во Србија е повисока за 25 ден/лит, во Косово е повисока за 26 ден/лит., во Албанија за 34 ден/лит. во Грција за 38 ден/лит а во Бугарија за 10 ден/лит. Во нашата земја имаме и најниски износи на акцизата за дизел горивото во регионот и во ЕУ. На пример за споредба акцизата во Србија е повисока за 14,5 ден/лит, во Косово е повисока за 7 ден/лит., во Албанија за 2,7 ден/лит. во Грција за 10,1 ден/лит а во Бугарија за 5,2 ден/лит.Во однос наминималната акциза пропишана во земјите членки на ЕУ утврдена на износ од 330 еур за 1.000 литри дизел гориво, нашата земја повторно е со најнизок износ од 245,7 еур за 1.000 литри. Исто така понисок износ има и Албанија со износ од 290 еур за 1.000 литри и БиХ со износ од 280,6 еур за 1.000 литри. Во делот на ДДВ исто така сме со најнискастапкаод останатите земји во регионот. Пониска стапка од 17% за ДДВ има само Босна и Херцеговина. Нашата земја по тој основ остварува најмал приход од ДДВ за дизел горивото од само 8 ден/лит, додека сите останати земји се над 10 ден/лит.
Текстот понатаму ја пренесува реакцијата на најголемата опозициска партија:
На ова реагираше и опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека власта излажала кога рекла дека порастот на акцизата нема да влијае врз поскапување на горивата и пад на животниот стандард на населението.
Веднаш потоа во написот се кажува дека воведувањето на непопуларната мерка со зголемувањето на акцизата ќе внесе дополнителни 30 милиони евра повеќе во буџетот годинава, како и тоа дека висината на акцизата ќе зависи од цената на нафтата.
Акцизата ќе се намали за еден денар, ако нафтата поскапе за 10 денари, а ако цената на нафтата се зголеми за 20 денари, тогаш акцизата ќе се врати на старото ниво, односно ќе се намали за 3 денари.
Затоа не е јасно зошто реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ е „плесната“ во текстот или само колку да ја има?
Во Кодексот на новинарите на Македонија се вели дека новинарот треба да објавува точни, проверени информации:
Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. (член 1).
Овој текст, пак, остава впечаток дека се немало докрај професионален и коректен пристап, особено при изборот на насловот – третиот став, што е прилично тенденциозен.