Топ-5 дезинформации за Министерството за здравство во 2019 година

 

Министерството за здравство беше една од најактуелните институции во 2019 година, за која многу се зборуваше и пишуваше. Епидемијата со морбили, која ја зафати државата и траеше цела година, беше еден од најголемите проблеми и предизвици со којшто се соочи Министерството и министерот Венко Филипче. Освен професионалните новинарски известувања, како за епидемијата, така и за целокупната работа на Министерството, годината не помина без шпекулации, дезинформации и лажни вести за оваа институција

 

Пишува: Симона Атанасова

 

1. ФИЛИПЧЕ МУ ПОНУДИЛ ОСТАВКА НА ЗАЕВ ПОРАДИ ГОЛЕМИОТ БРОЈ НА ЖРТВИ

Во екот на епидемијата со морбили, која ја зафати државата, се прошири дезинформација дека министерот за здравство, Венко Филипче, му ја понудил својата оставка на премиерот Зоран Заев од морални причини. Филипче во објава на „Фејсбук“ ја негира оваа вест и ја нарече лажна.

Лажна е веста ШТО се пласира на одредени портали дека сум му понудил оставка на премиерот Зоран Заев поради последиците од епидемијата на морбили (мали сипаници). Епидемијата е резултат на падот на колективниот имунитет, поради катастрофалните политики на претходната Влада во изминатите години и негрижата за здравјето на граѓаните. Доколку не прогласевме епидемија, сега државата ќе беше парализирана од огромен број заболени лица, стоеше во реакцијата на Филипче.

 

2. ФИЛИПЧЕ НА ПРОДОЛЖЕН ВИКЕНД ДОДЕКА ТРАЕ ЕПИДЕМИЈАТА НА МОРБИЛИ

Епидемијата на морбили, како најголем и најдолготраен здравствен проблем со кој се соочи државата во 2019 година, беше инспирација за ширење шпекулации и невистини. „Курир“ коментаторски и целосно еднострано објави дека епидемијата се раширила поради неефикасност на Министерството: „Министерот секогаш кога има проблем, оди на продолжен викенд или одмор“.

Од Министерството за здравство на 25 мај испратија демант до медиумот во кој се вели дека наводите во текстот се невистинити.

Неточна е информацијата дека министерот Филипче оди на продолжен викенд или одмор кога има проблем. Од рано утринава почнати се подготовките за да се испрати на лекување во странство пациентот што вчера доби изгореници од струен удар. Вчера министерот Филипче, беше во Подгорица, во рамките на официјалната посета и заедничка седница на Владата на Република Северна Македонија и Владата на Црна Гора, каде што со црногорскиот министер за здравство Ќенан Храповиќ потпишаа Меморандум за разбирање во областа на здравството и медицинските науки, пишуваше во демантот.

 

3. ФИЛИПЧЕ ЈА ВАКЦИНИРА ВНУКАТА СО КАПАЧЕ

На социјалната мрежа „Твитер“ беше објавена фотографијата од вакцинирањето на малата внука на министерот Филипче, но и дополнителна зумирана верзија, чија цел беше да се покаже дека бебето, всушност, не се вакцинира затоа што на иглата има „капаче“.

Но, не станува збор за капаче, туку за адаптер, кој овозможува иглата да се закачи за шприцот со кој на детето му се дава вакцината. Во случајов се користи мала игла за бебиња поради што таа не се гледа на сликата, туку се гледа адаптерот за кој e погрешно констатирано дека е капаче. Ова го потврди и Филипче.

Демантирам дека иглата при вакцинацијата била со капаче. Станува збор за адаптер кој се надоврзува на шприцот. Поради тоа на фотографијата не се гледа иглата, изјави во таа прилика министерот Филипче.

 

4. 400 ЛЕКАРИ СЕ ИСЕЛИЛЕ ОД ЗЕМЈАТА

Неколку дена пред крајот на 2019 година, Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари – АСМЛ на својата фејсбук-страница објави дека изминатата година емигрирале над 400 лекари. Но, во објавата немаше потврда како е добиен овој податок, ниту доказ дека тој е релевантен.

Ресорниот министер ја демантира информацијата, велејќи дека Лекарската комора издала само 160 потврди за заминување во странство.

Откако излезе таа информација во јавностА ние ги проверивме податоците и бројките. Не знам дали станува збор за лажна информација или некој сакал да ја спинува информацијата, но во Лекарската комора се ИЗДАДЕНИ само околу 160 потврди за заминување во странство, а тоа им треба на сите млади или лекари со искуство кои треба да одат да работат макар и привремено, затоа што без таа потврда не можат да ги нострифицираат документите во која БИЛО држава, рече тогаш Филипче.

 

5. ВО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО КАКО СОВЕТНИК РАБОТИ НИКОЛА ТОДОРОВ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во гостување во емисијата „Клик плус“, рече дека поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, е советник на актуелниот министер за здравство, Венко Филипче. Од Министерството за здравство го негираа тврдењето на Мицкоски, велејќи дека веста е неточна.

Министерството за здравство информира дека оваа вест не е точна и демантирана е уште во месец април. Никола Тодоров не е советник во Министерството за здравство, стоеше во реакцијата од ресорното министерство.