[Рецензија: УЖАС: Штипјанец се обидел да силува поп!!!]
Сензационалниот наслов: „УЖАС: Штипјанец се обидел да силува поп!!!”, несомнено, го привлекува вниманието, а во случајов тоа се случило со 1.680 луѓе што ја прочитале веста објавена на „Доказ“ на 28 февруари годинава. Главниот проблем е во тоа што веста е стара пет години.
Линк до оригиналниот напис: УЖАС: Штипјанец се обидел да силува поп!!!
Датум и време на објавување: 28 февруари 2020
Датум на рецензирање: 1 март 2020
Рецензент: Мирослава Бурнс
Со помош на пребарување на агрегаторот „Тајм.мк“, се открива дека веста била објавена на ТВ „Стар“ на 25 март 2015 година и потоа преземена од повеќе медиуми. Но, во случајов, се носи одлука текстот да се реобјави, без сериозна потреба, повод, причина, без јасно и прецизно наведување на фактот дека веста е стара пет години. Во оваа објава единствено е направен обид да се оправда несериозната постапка преку воведната реченица: „Ретро за попот, оти е смешно”.
Не е јасно што е смешно, зошто оваа пет години стара информација заслужила простор на порталот во 2020 година?!
Сензационализмот и бескрупулозната борба за кликови, без оглед на квалитетот на содржините, создава конфузија кај читателите, односно ги манипулира дека настанот е штотуку случен. Ретко кој би се помачил да проверува датум на објава на информацијата. Авторот шро ја реобјавува веста не ги информира прецизно читателите дека станува збор за стар полициски билтен, не ја дополнува веста со новитети, што би бил единствениот логичен повод таа да се објавува, туку во манир што сугерира вообичаено новинарско известување пишува дека „вчера” триесет и деветгодишен штипјанец во населбата Сењак се обидел да силува свештено лице. Од ова се добива лажна перцепција дека настанот се случил претходниот ден, што не е точно
Згора на сѐ, во текстот се атрибуира известувањето на ТВ „Стар“, која навистина известила за настанот, но многу одамна.
Основната дејност на новинарството и информативните жанрови не е да реобјавуваат вести стари пет години, туку да продуцираат нови, актуелни информации од полза за граѓаните. Ваквото „анимирање“ на јавноста во сензационална борба за кликови е неодговорно и целосно непрофесионално.