[Рецензија: САМО ВИЛМА ИМА ВНУК КОЈ НЕ Ѝ Е РОДНИНА: Русковска си го вработува внукот во ОЈО Скопје, Антикорупциска не гледа судир на интереси]
Насловот на текстот што го рецензираме шири дезинформации бидејќи шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција – Скопје, Вилма Русковска, не си го вработила внукот Зоран Маркоски во ОЈО Скопје. Маркоски веќе десет години работи во Основното јавно обвинителство во Куманово.
Линк до оригиналниот напис: САМО ВИЛМА ИМА ВНУК КОЈ НЕ Ѝ Е РОДНИНА: Русковска си го вработува внукот во ОЈО Скопје, Антикорупциска не гледа судир на интереси
Датум и време на објавување: 23.1.2020
Датум на рецензија: 27.1.2020
Рецензира: Силвана Жежова
Вилма Русковска, шефицата на обвинителството за организиран криминал и корупција не успеала да одолее на можноста која, благодарение на моментот, Ѝ се отворила, па нејзината позиција ја искористила да си го вработи нејзиниот внук како обвинител во Основното Јавно обвинителство Скопје.
Овој текст ја дезинформира јавноста, бидејќи внукот на Русковска, Зоран Маркоски, не работи како обвинител во Основното јавно обвинителство во Скопје. Маркоски за „Критинк“ потврди дека веќе 10 години работи во ОЈО Куманово и оти воопшто не е дел од ОЈО Скопје. Тој е обвинител уште пред Русковска да биде назначена за шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
За овие 10 години сум конкурирал 10 пати, вели Маркоски за „КриТинк“.
Работната позиција на Маркоски останува непроменета, независно од тоа што неговата тетка Русковска доби професионално унапредување од јавен обвинител во Основното јавно обвинителство во Основен јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Обвинителите ги избира Советот на јавни обвинители и од соопштението од 85. седница (17.1.2020) на Советот, на која се расправаше и за изборот на Маркоски, може да се види дека во Основното јавно обвинителство во Скопје, се избрани обвинителите: Адела Бојчевиќ, Александар Давчевски и Гаврил Ристовски. Помеѓу имињата на овие обвинители, не е внукот на Русковска.
Инаку, според мислењето на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), кое, патем, е објавено во текстот што го рецензираме, не постои судир на интереси тоа што „син на сестрата на Русковска кој е јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Куманово, конкурира за јавен обвинител во ОЈО Скопје, во кое Русковска пред нејзиното именување за основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја извршува функцијата јавен обвинител, а која ѝ е ставена во мирување“. Сепак, иако е дадено позитивно мислење од ДКСК, Маркоски не е избран за јавен обвинител во Скопје и останува да работи како јавен обвинител во Куманово.
И, наспроти тоа што фактите говорат дека Русковска не си го вработила внукот во ОЈО Скопје, текстот пласира невистини и има цел да прикаже непотизам при вработувањето, таму каде што го нема.