Видеоклип во кој наводно има шишенце од вакцина против ковид, а нема, е искористен за пласирање лага дека во антиковид-вакцините има метал
Рецензираме пост на „Фејсбук“ во којшто лажно се тврди дека има метал во вакцините.
Метал во вакцините – пишува авторот на објавата и притоа поставил и придружен видеоклип на кој се гледа како се прилепува за магнет шишенце (за кое се тврди дека е од вакцината).
Меѓутоа, ова шишенце не е од ниедна вакцина. Како што претходно пишуваше во рецензија на „Вистиномер“, неточно е и дека во вакцините против ковид има магнет, или какви било магнетизирачки својства, иако на социјалните мрежи се шират дезинформации на оваа тема.
Почна со наводните чипови на „Апи Џект“
Ќе почнеме од крајот, односно од бекграундот на целата лажна приказна за наводни магнети во вакцините. Целата драма со наводни микрочипови, преку кои, наводно, населението ќе биде следено, нема врска со реалноста.
Компанијата „Апи Џект“ од САД, размислува за „опционален микрочип“, ама тој би бил на етикетата од шприцот и нема да се инјектира при имунизацијата. Важно е да се каже дека овој микрочип е засега наменет само за САД, а не за С. Македонија, а неговата намена, како што за „Ројтерс“ потврдил портпаролот на фирмата, Стив Хофман, е да му овозможи на здравствениот работник да верификува дека вакцината и шприцот не се со истечен рок, не се фалсификат и да потврди дека вакцината во шприцот е искористена.
Здравствениот работник би користел апликација на мобилниот телефон за да ја види оваа информација или да ја внесе во системот. Сето тоа ќе се прави без никакво навлегување во личните податоци за пациентот. Информациите во оваа апликација ќе се однесуваат само на дозите и на шприцевите, односно на вакцината, а не на човекот.
Во видеото е прикажан производ на компанија што нема врска со вакцините
Но, што се наоѓа на видеоматеријалот што го рецензираме во спорниот пост на „Фејсбук“? Сигурно е дека материјалот во шишенцето не е вакцина! Ако се погледне поблиску, етикетата од шишенцето открива дека станува збор за производ на компанијата Particle Works.
Оваа компанија нема никаква поврзаност со вакцините против ковид и не ги произведува. Ако се погледне описот на нивната дејност на веб-страницата, ќе се види дека тие произведуваат метални честички и мониста од хидрогел.
Имаат и оддел на веб-страницата на кој се вели дека Particle Works произведуваат магнетни честички што комуницираат со надворешното магнетно поле за да создадат активирање, зголемување на температурата и промена во магнетното поле. Овие својства се користат во индустријата, дијагностиката и фармацијата. Но, немаат врска со ковид-вакцината на ниеден производител!
Целата листа со производители на ковид-вакцина погледнете ја овде. Кога ќе се погледне составот на вакцината на „Фајзер“, се гледа дека таа содржи МРНК липиди, калиумхлорид, содиумхлорид и сахароза. Значи главно содржи липиди, протеини, соли и шеќери. Липиди, протеини, соли и шеќери може да се најдат во голем дел од храната и не се феромагнетни метали.
Затоа, наведеното во постот што го рецензираме го оценуваме како дезинформација. Супстанција што не е вакцина лажно е претставена како да е вакцина, со цел да се наведат граѓаните да помислат дека во вакцината против ковид има магнет или чип, веќе широко распространет лажен наратив од почетокот на вакцинацијата.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.