Дејството од филмовите „Лудиот Макс“ со Мел Гибсон не се случува во 2021 година

Филмски плакати/постери од првобитната трилогија „Лудиот Макс“ и наводните години на случување на нивните приказни.

Од неодамна по интернет се шири неточно тврдење дека дејството на филмската трилогија „Лудиот Макс“, наводно, се случува во 2021 година.

Наспроти тоа, достапните податоци за приказните од филмовите покажуваат дека првите три дела, во кои игра Мел Гибсон, се одвиваат околу 1985, до 1990 и до 2005 година. А новата хронологија воведена со филмот со Том Харди и Шарлиз Терон го поместува дејството најмалку три децении во иднината – некаде по 2015 г.

Киселиот хумор за 2021 година е дел од песимистичките наративи кои, особено поради пандемијата со Ковид-19, ја прикажуваат 2020 година како најлоша година досега, при што се „пророкуваат“ и нови катастрофи за човештвото. Нејзината точност сама по себе нема планетарно значење, но може да послужи како пример за создавање навика да се проверува дали податоците дадени во кој било контекст се информација или дезинформација.

Еден пример за тоа е постот од страницата на Фејсбук „Машки хумор“, кој функционира како „мим“ со кадар од вториот дел на филмот, кој го прикажува ликот што го прослави актерот Мел Гибсон и натпис „Не кревајте веднаш паника… Но, Лудиот Макс се случува во 2021 година!“ (Not to alarm anybody… But Mad Max took place in 2021!). Постот на англиски јазик го шират и корисници од Северна Македонија со коментари на македонски јазик.

Снимка на екранот од мимот со кој се дезинформира дека дејството на „Лудиот Макс“ се одвива во 2021 година.

Наспроти тоа, во воведот на култниот австралиски филм (Mad Max) од 1979 година времето на одвивање на дејството не е прецизно одредено. На почетокот на самиот филм се појавува кадар со кој е прикажано седиштетото на друмската полиција со натпис „Аули на правдата“ (Halls of Justice), додека потоа е прикажан дел од автопатот и кајрон „За неколку години отсега…“ (A few years from now…).

Воведен кадар од првиот филм „Лудиот Макс“ од 1979 година, со кајрон „За неколку години отсега…“.

Според документарецот „Хронологија на Лудиот Макс“ (Mad Max Timeline Part 1), во филмот има показатели што укажуваат дека оригинално авторите го сместиле дејството кон средината на осумдесеттите години на XX век. Наводно, иницијално филмот бил замислен како современа приказна за новинар што полудува известувајќи од крвави сообраќајни несреќи во текот на седумдесеттите години во Мелбурн, но при снимањето еволуирал во дистописка научнофантастична приказна за сообраќаец што се бори со постапокалиптични банди.

По успехот на првиот филм, режисерот Џорџ Милер и други соработници при подготовка на вториот дел  (Mad Max 2, 1981) развиле хронологија според која неговото дејство се случува три години по првиот, значи во доцните осумдесетти години. Приказната на третиот дел (Mad Max Beyond Thunderdome, 1985), во кој Макс е на возраст од повеќе од 40 години, се случува 15 години подоцна или најдоцна до 2005 година.

Четвртиот филм од серијата „Лудиот Макс: Пат на бесот“ (Mad Max: Fury Road), кој требало да се снима во 2003 година во Намибија, требало да се надоврзе како продолжение на првобитната трилогија. Соодветно остарениот лик на  педесетгодишниот Макс и во овој филм требало да го игра Мел Гибсон.

Арно ама, поради падот на вредноста на американскиот долар во однос на австралискиот, продукцијата морала да паузира неколку години, при што решиле дека нема смисла да прават продолжение со Гибсон, кој во тој период имал разни проблеми. Според изјавите пренесени во вториот дел од документарецот за хронологијата (Mad Max Timeline Part 2 – Fury Road), овие ризици довеле до одлука да се смени главниот актер со триесетгодишникот Том Харди, а филмот конечно снимен во 2015 година да се прогласи за нова верзија (reboot) или според Милер „повторна посета на тој свет… веројатно се случува по третиот дел“.

Притоа, авторите си направиле нова хронологија. Според детали од филмот и придружниот стрип „Пат на бесот“, направен од косценаристот на филмот Марк Секстон, дејството се случува најмалку три децении по нуклеарната војна, која се случила некаде во иднината на „сегашноста“, односно моментот кога филмот е објавен – во 2015 година. Притоа, бившиот полицаец Макс има триесетина години, што значи дека поминале само неколку години од нуклеарната катастрофа со која се распаднала цивилизацијата чиј дел бил како јавен службеник.

Ова е различно во однос оригиналната трилогија, според која таква војна се случила во доцните осумдесетти или раните деведесетти години. Во стрипот е изложена таа алтернативна или сега важечка верзија на хронологијата, која наместо во 1985, почнува некаде по 2010 година.

Може да се заклучи дека 2021 година не фигурира како клучна ниту според првобитната хронологија на сагата за Лудиот Макс од осумдесеттите (наспроти сликата од „мимот“), а ниту според новата хронологија развиена за „Патот на бесот“ во 2015 година.

Овие детали можеби им се од „животна важност“ само на тврдокорните љубители на научната фантастика, додека луѓето што веруваат во однапред предодредена судбина бездруго ќе продолжат да наоѓаат „докази“ за таквиот поглед на светот – дека некој, некогаш можел да предвиди дека одредени настани ќе се случат во одредено време. Таквиот начин на размислување едноставно бара објаснувања што ќе се вклопат во однапред определена шема или образец, а ги отфрла тие што не одговараат – што е спротивно на научниот метод.

Проблемот е што потоа луѓето навикнати на таков тип размислување се подложни за искористување од страна на промоторите на дезинформации, кои заедно со тие за наводни пророштва промовираат и политички и комерцијални интереси. Не е случајно што, на пример, во врска со пандемијата беа објавувани измислени вести за новокомпонирани пророштва на Нострадамус или Баба Ванѓа.

Затоа, од интерес за секој корисник на социјалните мрежи е создавањето навика за проверување на тврдењата со кои сме пренатрупни на таквите платформи. Во овој случај, дезинформацијата е тривијална, но самата проверка освен што го изострува умот може да доведе и до поттик повторно да се ужива во некои уметнички или забавни остварувања или да се дознае за историјатот на нивното креирање, со што се зголемува и општата култура.