[Рецензија: „Голема чума во поморскиот град“: Нострадамус го предвидел коронавирусот, а еве кога ќе запре…]
Не поминува ни едно поголемо светско случување, а да не се поврзе со Нострадамус и неговите предвидувања. Како и многупати досега, медиумите успеаја и корона-вирусот да го поврзат со Нострадамус, а целта е една и единствена – преку сензационализам до што повеќе кликови и читаност на текстовите.
Линк до текстот: „Голема чума во поморскиот град“: Нострадамус го предвидел коронавирусот, а еве кога ќе запре…
Датум на објавување: 24.2.2020
Датум на рецензирање: 28.2.2020
Рецензент: Симона Атанасова
Во повеќе наврати на „Критинк“ пишувавме дека пророштвата на Нострадамус се нејасно напишани, па невозможно е директно да се поврзат со конкретен настан.
Творештвото на Нострадамус е изразено во катрени, односно строфи од по четири реда во вид на стихови и загатки, кои не се хронолошки наредени. Всушност, повеќето од пророштвата на Нострадамус се слабо преведени, неодредени и нејасно формулирани, со што се отворени за разни читателски толкувања и интерпретации, што, пак, остава доволно простор да се поттикнат еден куп шпекулации.
Постојат многу толкувачи на Нострадамус, а повеќето од нив различно толкуваат дури и еден ист стих што се однесува на иднината токму поради нејаснотијата на неговото пишување.
Ова прави да е невозможно да се тврди дека Нострадамус во своето творештво мислел конкретно на корона-вирусот, кој, и покрај паниката што се крева во јавноста, е далеку понеопасен од обичниот грип, од чии последици годишно умираат околу 650.000 лица.
Како извори на информации во текстот се користени објави на социјални мрежи и тоа со фразата „некој човек твитнал“. На социјалните мрежи секој може да напише што сака, што не значи дека објавеното е точно и оти треба да биде пренесено во медиумите без дополнителна проверка и притоа да се заплашува јавноста со пренесување објави во кои пишува „ќе умреме набрзо“.
И самиот наслов дезинформира во два наврата. Прво, дури Нострадамус и навистина да предвидел некаква „чума“, насловот вели дека таа се случува во поморски град. А корона-вирусот потекнува од градот Вухан во Кина, за кој со многу едноставно пребарување на „Гугл“ може да се види дека воопшто не е поморски.
Втората манипулација на јавноста е во последниот дел од насловот кој вели „а еве кога ќе запре“. Ова ги наведува читателите да кликнат на текстот, мислејќи дека внатре ќе прочитаат информација што ќе им каже кога ќе запре ширењето на вирусот. Но, во текстот воопшто нема ваква информација.
Неодговорно е за некој клик плус да се објавуваат медиумски написи полни со сензационализам, дезинформации и шпекулации поврзани со корона-вирусот, кои само ја засилуваат паниката, која и така постои кај јавноста. Медиумите треба со сериозно внимание и претпазливост да објавуваат информации поврзани со корона-вирусот и повеќе да се насочуваат кон едукација на населението за справување со вирусот отколку кон зголемување на читаноста преку сензационалистички објави.