ЕУ дискутира за воведување ковид пасоши, сè уште нема дефинитивна одлука

[Рецензија: ЕУ одлучи: Се воведуваат ковид пасоши, ќе бидат достапни пред летото]

Написот што го рецензираме не нуди доволно информации и на тој начин создава погрешна перцепција кај јавноста.

Линк до оригиналниот напис: ЕУ одлучи: Се воведуваат ковид пасоши, ќе бидат достапни пред летото

Датум и време на објавување: 25.02.2021

Датум на рецензирање: 01.03.2021

Рецензент: Ана Анастасовска

Рецензираме текст кој преку недоволен број информации креира лажна вест и со тоа ги доведува читателите во заблуда. Имено, написот пренесува вест дека Европската унија одлучила да се воведат ковид пасоши и дека тие ќе бидат достапни пред летото. Притоа, текстот се повикува на изјава на германската канцеларка Ангела Меркел, дадена по самитот на ЕУ.

Германската канцеларка Ангела Меркел денес изјави дека дигиталните сертификати за вакцинација, што ќе им овозможат на луѓето да патуваат во Европа и покрај пандемијата на коронавирус, веројатно ќе бидат достапни пред летото. „Сите се согласија дека ни треба дигитален сертификат за вакцинација“, рече Меркел на прес-конференција по самитот на ЕУ, што се одржува оналајн, пренесува Ројтерс, се вели во написот.

 

Точно е дека ЕУ одржа самит на 25 февруари, а на самитот се дискутираше за опцијата да се воведе ковид пасош како можен услов за патување во рамки на Унијата. Но, на овој самит не падна одлука да се воведат вакви пасоши, како што наведува написот што го рецензираме. Имено, на Самитот, европските лидери го искажаа своето мислење за можноста да се воведе дигитален сертификат за вакцинација, но тие беа поделени во ставовите.

Како што пренесе Би-Би-Си на српски јазик, германската канцеларка Ангела Меркел изјавила дека повеќето земји членки на ЕУ се согласни дека на Унијата во иднина ќе ѝ биде потребна дигитална потврда за вакцинација, но поедини земји на европскиот блок се спротивставиле на ваквата идеја, оценувајќи дека сè уште нема доволно податоци за тоа колку штитат вакцините.

Зад идејата за воведување ковид пасоши, како што пренесе Њуз скај, застанале Грција, Шпанија, Австрија, Германија, Бугарија, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Франција, Белгија и Романија изразиле загриженост дека вакциналните сертификати се дискриминаторски во однос на оние кои не се вакцинирале. Францускиот премиер Емануел Макрон, изјавил дека мора да се најде некаков баланс и дека има многу етички прашања кои мора да се решат.

Романскиот претседател Клаус Лоханис рекол дека ковид пасошите ќе ги поделат Европјаните.

Занчи ЕУ сè уште не донела дефинитивна одлука дали ќе се воведат ковид пасоши, но факт е дека сè погласно се разговара на оваа тема во рамки на Унијата.

Како доказ за тоа дека ЕУ не донела конечна одлука е и информацијата дека Европската комисија овој месец ќе поднесе предлог закон за Дигитален зелен пасош. Целта е да се поднесе доказ дека лицето е вакцинирано. Оние коишто уште не можеле да добијат вакцини, да достават негативен тест. Ваквата информација на 01.03.2021 на Твитер ја сподели претседателката на ЕК, Фон дер Лајен.

Според тоа, можеме да заклучиме дека написот што го рецензираме не им нуди на читателите доволно информации и на тој начин ги доведува во заблуда. Новинарот кога пишува текст на одредена тема, мора да ги опфати сите аспекти на темата и сите ставови во врска со неа, а не да известува еднострано.