[Рецензија: Убавото снашче на началникот на струмичката полиција Танчо, Ива, ама гревота што син му е параспур и уживател на дроги…]
Написот што го рецензираме всушност нема никаква врска со новинарски текат. Тој има за цел само да добие што повеќе кликови.
Линк до оригиналниот напис: Убавото снашче на началникот на струмичката полиција Танчо, Ива, ама гревота што син му е параспур и уживател на дроги…
Датум и време на објавување: 22.02.2021
Датум на рецензирање: 26.02.2021
Рецензент: Ана Анастасовска
Написот има наслов кој инсинуира дека синот на началникот на струмичката полиција бил „параспур и уживател на дроги“, а неговата сопруга била „убавото снашче“ и било „гревота“ што е со него во брак. Прво, очигледно е дека целта на насловот е да привлече што е можно повеќе кликови. Тој кај јавноста го поттикнува сеирот. Овој наслов нема никаква врска со јавниот интерес, она што е примарната цел на новинарството, да известува за теми од јавен интерес.
Кога ќе го отворите написот ќе сфатите дека станува збор само за наслов кој шири рекла-кажала муабети. Текстот не нуди никакви докази и факти за наводите дека синот на началникот на полицијата во Струмица е уживател на дроги. Само има негова фотографија и ништо повеќе.
Подоле има фотографии од „убавото снашче“ преку кои се алудира на нејзиниот изглед. Ова во никој случај не може да биде тема од јавен интерес. Написот завршува со фотографии од брачниот пар и толку.
Може да се каже и дека текстот е политички мотивиран имајќи предвид дека е објавена и фотографија од снаата на струмичкиот началник на полицијата, со премиерот Зоран Заев, кога таа била невеста. Оттука, очигледно е дека се алудира на пријателството меѓу началникот и премиерот.
Ваквото „новинарско“ известување, е неетичко и непрофесионално. Дали некој е убав или не, во никој случај не е тема од јавен интерес. Понатаму, дали некој е уживател во дроги или не, исто така не е тема од јавен интерес. Ако уживателот на дроги направил некое кривчно дело, на пример, под дејство на дрога усмртил некого или довел во животнозагрижувачка ситуација и слично, тогаш тоа би било тема од јавен интерес и таква тема заслужува новинарски да биде обработена.
Со овој напис се прекршува едно од основните новинарски правила наведени во Кодексот за новинари кое гласи:
Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни.
Понатаму е прекршен и членот 7 од Кодексот:
Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес.