Фотографија од убиство во Полска објавена како масакр врз македонски деца

 

Фотографија искористена за статус на „Фејсбук“, која е крајно вознемирувачка за што и самиот „Фејсбук“ предупредува пред да ја отворите, нема никаква врска ни со Бугари ни со „грчиштана“, ни со ЕУ и НАТО, ниту со Албанците. Таа фотографија на ниту еден начин не е поврзана со Македонија во ниту еден историски контекст и е употребена за дезинформирање на јавноста.

Линк до оригиналниот напис: Фејсбук-статус

Датум и време на објавување: 11.10.2019

Датум на рецензија: 19.10.2019

Рецензент: Симона Атанасова

Текстот на статусот на кој е објавена фотографијата е полн со говор на омраза, со националистички и шовинистички ставови, кои имаат цел да предизвикаат бура од емоции кај тој што ќе го прочита, а фотографијата е закачена како илустрација од наводни македонски жртви за уште повеќе да се зајакне гневот кај тој што ја гледа објавата.

Со еден клик и пребарување на фотографијата на „Гугл“, јасно се гледа дека станува збор за фотографија од Полска од 1923 година, од криминален случај во кој мајка си ги убила четирите деца и ги обесила на дрво. Мариана Долинска, која имала ментално заболување, одлучила дека единствениот начин да ги заштити своите деца од глад е да ги убие.

Но, тоа не го спречило некој да ја објави, да изнапише еден куп гнев и притоа да шири дезинформација и говор на омраза на „Фејсбук“. На прв поглед, кога ќе ја видат фотографијата и текстот во комплет, корисниците на „Фејсбук“ помислуваат дека напишаното се однесува на сликата и оти тоа е вистина, а, всушност, е целосна лага и ги доведува читателите во заблуда. Постот има речиси 900 реакции, над сто коментари и 641 споделување. Коментарите на самиот статус, но и на споделувања се главно негативни и полни со омраза што само потврдува дека на „Фејсбук“ може да се сервира каква било дезинформација и таа да помине како вистина, а притоа да има голема видливост.

Вознемирувачката фотографија на мртвите деца повеќепати досега била искористена како илустрација на жртви на масакрите врз Полјаците, наводно, извршени од украинската армија. Фотографијата е злоупотребена и од веб-порталот „Донбас инсајдер“, од источниот дел на Украина ,кој се наоѓа под окупација на Русија. Во февруари годинава објавен е текст во кој се тврди дека масакрот го направила УКА, национална борбена организација на Украинците од Втората светска војна.