„КриТинк“ ќе организира повеќе настани во текот на Деновите на медиумската писменост

Денови на МП 2019

Членките на македонската Мрежа за медиумска писменост (ММП) ги претставија настаните што ќе се одржат во рамките на Деновите на медиумската писменост 2019. Граѓаните ќе може да учествуваат во триесетина различни активности во периодот од 22 октомври до 15 ноември, со кои нашата земја се приклучува кон одбележување на Глобалната недела на медиумската и информациската писменост на УНЕСКО.

Во организацијата на Деновите на медиумската писменост 2019 се вклучија десетина членки на ММП, помеѓу кои и тимот на проектот „КриТинк“, кои  ќе организираат настани со кои ќе ја одбележат Неделата на медиумската писменост.

Координаторката Виолета Глигороска од „Метаморфозис“ истакна дека со „Евротинк“ го спроведуваат проектот „КриТинк“.

Crithink.mk” е веб-страницата што ја стартувавме за самиот проект и ја сметаме како основен ресурс, каде што може да се најдат едукативни текстови, анализи, проверка на факти. Веќе е објавен и Прирачникот за медиумска писменост, кој може да им послужи на граѓански организации како алатка за спроведување обуки за поширокото граѓанство за медиумска писменост“, истакна Глигороска.

Координаторот на „КриТинк“, Горан Лазаров, информира за настаните што овие две организации ќе ги спроведат во рамките на Деновите на медиумската писменост.

На 24 октомври ќе се одржи онлајн-вебинар на кој отворено ќе зборуваме на темата „Безбедност на интернет“. Вториот вебинар ќе биде на 29 октомври и ќе биде на тема „Борба против говорот на омраза на социјалните мрежи“. На 30 октомври за претставниците на граѓанскиот сектор ќе направиме обука на четири теми „Основи на критичко мислење во контекст на медиумската писменост“, „Употреба на методологијата на проверка на факти“, „Борба против говорот на омраза“ и „Препознавање на пропагандата“. Во рамките на проектот почнуваме со втората грантова шема и нашите субгрантисти ќе спроведат по еден јавен настан на 13 ноември, во осум различни града низ државата, на тема „Медиумска писменост“, изјави Горан Лазаров, координатор во „КриТинк“.

Тимот на „КриТинк“ ќе учествува и на завршната конференција на 14 и 15 ноември во рамките на одбележувањето на Деновите на медиумската писменост.

На 14 ноември ќе биде презентирано истражувањето направено во рамките на проектот, на 300 студенти од три универзитети, околу начинот на нивното информирање, колку критички размислуваат, каква е медиумската писменост.

На 15 ноември ќе има панел-дискусија на која ќе учествуваат претставници од невладиниот, граѓанскиот сектор, медиумите на која ќе се разговара за важноста на медиумската писменост и критичкото размислување.

Директорката на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Марина Тунева, изјави дека промовирањето на медиумската писменост е од огромно значење, бидејќи медиумите играат клучна улога во создавањето јавност која е демократски освестена и има критичка улога.

„Без морална поставеноста на новинарството, нема развој на демократските процеси. Медиумите треба да се стожер на јавниот интерес и да информираат според начелата на професијата“, рече Тунева.

Извор: meta.mk