Функционерите се критикуваат со факти, а не со лични проценки

Илустрација

Медиумскиот простор наменет за вести треба да се користи за правилно и непристрасно информирање, без оглед на личните погледи на медиумот или новинарот. Во текстот што го разгледуваме, овој простор се користи за напад на политичар и за фалби за партијата на која ѝ припаѓа  

 

Фотографија од веста што ја разгледуваме

Линк до оригиналниот напис: „Ослободени ‘белите дробови’ на ДУИ во Куманово – Липково, Садула Дураку отстранет од сите партиски органи“   Lirohen “mushkëritë” e BDI-së në Kumanovë – Likovë, Sadulla Durakun e largojnë nga të gjithë organet partiake

Датум и време на објавување: 22.12.2019, час 12:11

Датум на рецензија: 22.12.2019

Рецензира: Фатлуме Дервиши

Критиките за вицепремиерот Садула Дураку и пофалбите за партијата од каде доаѓа, од авторот на овој текст се направени директно, без извори, без цитати, без податоци и без факти. Тој имал доволно субјективни описи за да го започне и да го заврши овој текст. Кога пишува за Дураку, авторот вели:

„…Дураку беше еден од луѓето што не дозволија ниту еден млад човек да се издигне во партиските структури, спречувајќи го со сите форми да опстои подолго во партијата, иако тој самиот не покажал резултати, ниту како градоначалник, а ниту сега како министер.

Дураку, исто така, не ужива почит во Липково и Куманово, во партиските структури на огранокот Куманово – Липково…

Со заминувањето на Дураку, ‘белите дробови’ на ДУИ во Липково и Куманово сега ќе дишат слободно, а ДУИ во Куманово на 12 април ќе биде победник“ – се деловите со коментари што се најзабележителни во текстот што го разгледуваме.

За авторот, Дураку е еден вид „болест“ за која зборува само текстописецот, но ниту еден друг извор. Веста може да се конструира од теренски податоци, со мислење на жителите на споменатите места, извори што би го поддржале или не би го поддржале она што го пишува авторот. Новинарот можел да искористи конкретни информации за работата на Дураку во општината што ја водеше и да открие и да интервјуира кои биле младите луѓе на кои Дураку не им дозволил да се приклучат на партиските структури.

Наведувањето на конкретни достигнувања или неуспеси би било поубедливо од само еден субјективен текст. Исто така, ставот на неговата матична партија, за причините за неговото отстранување од партиските структури, е неопходен во оваа „вест“.

Новинарите мора да прават разлика помеѓу факти и мислења, вести и коментаритоа е една од клучните одредби на Етичкиот кодекс за новинарите на Македонија.

Информативната фотографија не смее да исмева

Фотографијата што се користи за илустрација на веста е иронична и хумористична. Ваквите фотографии обично не се користат во вестите затоа што не ги дополнуваат нив, не покажуваат фактичка состојба, ниту дополнителни податоци што би биле важни за да се разбере веста. Овие содржини може да бидат дел од сатирични вести, кои може да ги користат и медиумите, но како посебна категорија/рубрика и јасно раздвоени од главните вести.

Техники на манипулација

Авторот на овој текст „има тенденција да верува дека една изјава е вистинита само затоа што нема докази оти не е вистина (и обратно)“. Ова, според Прирачникот на Критинк (стр.18/19), е познато како „повикување на отсуство на спротивен доказ“. Исто така, користена е и техниката на „кружно расудување“, што препознава „тенденција да се докаже вистината на тврдењето под претпоставка дека е вистинито“. 

За читателите

Иако во минатото имало критики што биле засновани на факти и докази релевантни за речиси непостојни промени во структурите на ДУИ низ годините, ваквиот вид информирање за овие измени не е професионален.

Во рамките на професионалните стандарди, новинарот требало да се потсети на овие повици за промени и да користи статистики, изјави или податоци за нивното позитивно или негативно влијание, со посебен акцент на Дураку. Личните проценки на новинарот не се важни за да пишува текст и особено да го претстави како „вест“ кога, всушност, тој текст не ги исполнува критериумите за тоа.