[Рецензија: Латас кон припадници на сообраќајна полиција: Кога ќе се вратиме ќе ве нема!]
Написот што го рецензираме е непрофесионално изработен. Тој нафрла информации за кои нема никакви извори, ниту тие се проверени и потврдени или демантирани.
Линк до оригиналниот напис: Латас кон припадници на сообраќајна полиција: Кога ќе се вратиме ќе ве нема !
Датум и време на објавување: 15.4.2021
Датум на рецензирање: 19.4.2021
Рецензент: Ана Анастасовска
Текстот што го рецензираме пренесува неколку информации, но за истите не е наведен изворот, а не се ниту проверени. Написот ги информира читателите дека поранешниот уредник на телевизија „Сител“, Драган Павловиќ-Латас, направил сообраќаен прекршок по што бил казнет, а поради тоа, тој им се заканувал на полицајците.
Синоќа на влезот на Скопје поранешната прва перјаница на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Павловиќ Латас бил стопиран од сообраќајна полиција поради преголема брзина, при што му е одземена возачката дозвола, се наведува на почетокот од написот.
Подолу се наведува дека Латас се однесувал недолично.
Покрај тоа Латас се однесувал недолично и кон полициските службеници на кои им се заканил со зборовите „Кога ќе се вратиме ќе ве нема” и други навредливи зборови.
И тоа е сè. Не е наведено од каде му се на новинарот овие информации, дали лично од Латас или, пак, од сообраќајците што го стопирале. Информациите не се проверени, на пример, во МВР. Целиот текст е напишан така што делува како рекла-кажала и не остава впечаток на веродостојност.
„Критинк“ се обрати во МВР со цел да ги провериме информациите изнесени во написот. Оттаму ни потврдија дека Латас бил сопрен од сообраќајната полиција и казнет за возење над дозволената брзина, а за таква казна следува одземање на возачката дозвола, ни посочија од полицијата. За наводните недолични изјави на новинарот, од МВР не добивме коментар.
Во текстот е прекршен членот 1 од Кодексот на новинари, кој гласи:
Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.