Рецензираме текст со тенденциозен наслов:
„Уште еден член на СДСМ фатен со дрога”, објавен деновиве на порталот „Инфомакс“ во рубриката „Хроника“. Во овој напис се мешаат фактите и мислењaта, нешто што според
Кодексот на новинарите не е дозволено. Но, уште попроблематичен е начинот на кој е пренесена информацијата од билтенот на Министерството за внатрешни работи. Притоа намерата е случај во којшто едно лице е осомничено за криминал да се прикаже како криминал на една политичка партија. Поголем фокус во целиот наратив е ставен на СДСМ и нејзиниот лидер
Зоран Заев отколку на тоа дека некоја личност е осомничена за шверц на кокаин.
Забележлива е употреба на манипулативната техника спин. Во написот се презентира една вистина, а тоа е дека полицијата привела човек на наплатната рампа Сопот затоа што при извршен преглед му бил пронајден кокаин. Потоа Јавното обвинителство во Велес, донело наредба за спроведување истражна постапка против А.А. на возраст од 31 година за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот Законик. Меѓутоа, спинот е во тоа што овој настан се става во еден поинаков контекст со следните зборови:
Не поминува ден без член на владејачката СДСМ да биде фатен во некаков криминал. Партијата се претвори во вистинско криминално дувло на наркодилери, фалсификатори и така натаму.
Со други зборови, се наметнува тезата дека во редовите на СДСМ има криминалци и тоа сè повеќе.
Припадноста на одредена политичка партија (што во случајов за лицето А.А. не е ниту потврдено), не претставува основа за гонење од страна на истражните органи, ниту пак, мотивација некој да се занимава со криминал. Ниту, пак, криминалот и партијата се причинско последично поврзани. А, исто така, секој човек пред законот одговара за своите индивидуални постапки. Но, тука намерно се поврзува припадноста во политичка партија со криминалните дела за кои некој е осомничен! Тоа што некој членува или не членува во политичка партија, не претставува услов или предуслов да изврши или да не изврши кривично дело.
Во конкретниот случај, СДСМ не е осомничена како партија за вршење кривично дело, па оттаму не може делата за кои е осомничен индивидуалец да ѝ бидат припишани на целата партија.
Дополнително за да се спинува и да се манипулира, односно за да се доведат во причинско последична врска припадноста во партијата и кривичното дело на лицето А.А., текстот е илустриран со фотографија од Зоран Заев и тоа од митинг за презентација на изборната кампања „Можеме“.
За „Критинк“ од МВР изјавија дека не знаат дали лицето А.А кое е осомничено за делото, е член на која било партија, бидејќи таква евиденција не водат и не е релевантна за настанот којшто е опишан.
Новинарскиот кодекс во членот 13 налага новинарот да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот, меѓутоа тука не е испочитуван овој принцип. На пример, во текстот се тврди:
Не поминува ден без член на владеачката СДСМ да биде фатен во некаков криминал. Партијата се претвори во вистинско криминално дувло на нарко дилери, фалсификатори и така натаму.
Секојдневно во билтенот на МВР има голем број настани, но за ниеден од нив не е наведено дека осомничениот е член на оваа или на онаа партија. Ама, во текстот што го рецензираме селективно се вадат само случаите каде што лицето е дел од СДСМ за да се етикетира партијата.
Единствениот исклучок од ова правило е доколку се работи за јавни функционери платен од народни пари, кои се изложени на поголем степен на јавна критика и чии што активности се под поголема лупа на опсервација. Па, затоа за нив во медиумите се објавува партиската припадност и други детали кои и така ѝ се познати на јавноста. Во случајов лицето А.А. не е на никаква функција.
Во член 16 член од Кодексот на новинарите се вели дека „новинарот нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности“, а веќе во следниот член се вели дека „новинарот има право да одбие работна задача ако таа се коси со новинарските стандарди од Кодексот“.
Меѓутоа, во овој текст не е направена разлика меѓу фактот и мислењето, а со сегментирањето на наводни криминалци само од редовите на една политичка партија, се спинува дека припадноста кон партијата има врска со вршењето индивидуално кривично дело, што се разбира, не е точно.