Неумесен и недоличен текст без никаков јавен интерес

[Рецензија: Имала ли пратеничката во скафандер на себе пелени „Памперс“? (ВИДЕО)]

Рецензираме напис со сензационалистички и недоличен наслов: „Имала ли пратеничката во скафандер на себе пелени ‘Памперс’? (ВИДЕО)”, објавен деновиве на порталот „Експрес“.

Линк до оригиналниот напис: Имала ли пратеничката во скафандер на себе пелени „Памперс“? (ВИДЕО)

Датум и време на објавување: 19.4.2021

Датум на рецензирање: 20.4.2021

Рецензент: Мирослава Бурнс

 

Кодексот на новинарите е дециден дека новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Во членот 13 во истиот Кодекс се тврди дека тој треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот. Петнаесеттиот член од Кодексот посочува новинарот да ја негува културата на говор и етиката и потсетува дека неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста.

Наспроти, тоа што го дефинираат етичките и професионални новинарски стандарди,  текстот што го рецензираме е крајно неумесен. Целиот напис, вклучително и насловот не се водени од јавниот интерес, независно што политичарите поради специфичноста на нивната работа треба да бидат изложени на повисок степен на јавна критика.

На пример, како што пишува во документот Правото на приватност на јавните личности во Македонија, информациите што се објавуваат за еден политичар ќе бидат релевантни доколку се однесуваат на начинот на кој политичарот се справува со обврски и овластувања кои произлегуваат од функцијата на која е избран. Приватни и интимни релации, вонбрачни врски и слични компромитирачки информации може да бидат од јавен интерес ако тие врски се основа за корумпираност, стекнување неосновани привилегии, излевање на буџетски средства, непотизам итн. На пример, ако станува збор за политичар што се залага за почитување на одредени вредности, тогаш оправдано ќе биде објавувањето на информации од кои јавноста може да види дека токму тој не ги почитува тие вредности за кои се залага.

Европскиот суд за човекови права придава највисоко значење на слободата на изразување во контекст на политичка дебата. Во таа смисла смета дека политичкиот дискурс не треба да биде ограничен без цврсти причини, а со цел да не дојде до гаснење на критичката мисла. Тоа значи дека разумните очекувања за приватност се потесни за јавните личности и за други лица што јавноста ги знае, поради тоа што извршуваат политичка функција или друга јавна дејност.

Меѓутоа, во текстот што го рецензираме не е предмет никаква политика, ниту закон ниту самата постапка на пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска да отиде на гласање, иако позитивна на ковид-19. Во јавноста уште се кршат копјата за овој случај. За ваквата постапка  се поднесени две кривични пријави од опозицијата. Ссобранискиот спикер, Талат Џафери, пак, тврди дека ѝ дозволил присуство на седницата на пратеничката позитивна на ковид, затоа што постапувал според собраниски протокол. Пратеничката се повикува на јавниот интерес и тврди дека самата си го платила приватното возило и дошла да гласа за да се обезбеди пакетот економски мерки – помошта за 16 илјади граѓани, по блокадата на опозицијата во Собранието.

Тие се фактите.

Но, дефинитивно не е од никаков јавен интерес дали пратеничката носела или не носела памперс пелени додека била во скафандер! Овој агол на текстот е одбран сензационалистички и не се темели на ништо друго, туку наводен коментар даден од гледачка во контактна емисија на телевизија.

Неумесно, омаловажувачки и недостојно е да се спушти нивото на јавната дебата толку ниско за да се коментира како некој што е позитивен на ковид ги извршувал физиолошките потреби. Во текстот е линкувано видео на кое се тврди дека некоја гледачка на контактна емисија го поставила тоа прашање, меѓутоа во видеото таква гледачка нема, па не може да се провери дали навистина такво прашање било поставено.

Тоа што е познато е дека пратеничката влегла во собранието преку посебен влез, немала контакт со другите пратеници кои биле во пленарната сала (од 1 минута и 13 секунда на видеото) .

Во друго видео таа додава дека воопшто во ниеден момент не се движела сама во Собранието, туку цело време била со придружба. На 19 април во посебна изјава со директно вклучување на телевизија таа повторно кажува дека во Собранието во ниеден момент не била без придружба, се движела по посебна патека и немала контакт со другите пратеници, а гласањето било во посебен дел (од 7 минута и 26 секунда на видеото до 11 минута и 36 секунда во видеото).

Дојдов под посебни протоколи. Откако се консултирав со мојот матичен доктор, со мојот инфектолог, бидејќи сум асимптоматска, ги следев протоколите кои Собранието ги побара од Комисијата за заразни болести во ноември минатата година. Сите тие протоколи доследно ги следев. Се возев со приватно амбулантно возило, не на државна здравствена институција, кое што јас го платив од моите сопствени примања, бидејќи сакав да престанат манипулациите на опозицијата и нивните условувања. Под посебни превентивни мерки присуствувавме. Пристигнавме со засебни возила, бевме по посебна патека за разлика од другите пратеници и бевме сместени во кабините над собраниската сала. Не ни влеговме во собраниската сала. Во ниту еден момент не се движевме сами во собрание, и во ниту еден момент не отидовме таму со желба да се прошетаме, вели пратеничката.

Извори од собраниската служба за „Вистиномер“ потврдија дека пратеничката Костадиновска-Стојчевска во Собранието била 1 час и 10 минути, а не десет часа, како што инсинуира овој текст. Таа дошла во 13 часот и 55 минути, а заминала во 15 часот и 5 минути.

Со логичка евалуација за тоа која е целта на овој напис и дали е оправдана, доаѓаме до заклучокот дека напишаното во текстот не е од јавен интерес. Оваа целосно непрофесионална новинарска објава нема ниту едукативната ниту информативната, па ни забавна функција.