Новинарите треба да ги критикуваат градоначалниците, но со вистината како оружје

[Рецензија: ЌЕ ИЗГPAДИ ЛИ НEШТО ЗА ПРОМЕНА: Шилегов најави дека повторно ќе pyши]

Наведената содржина претставува очебиен напад врз скопскиот градоначалник Петре Шилегов, поради најавата дека ќе се отстрани една галија од коритото на Вардар во центарот на Скопје. Во текстот се прави директен атак врз Шилегов дека ништо не изградил, а само уривал – што не одговара на вистината. Исто така, на Шилегов му се припишува уште една грешка, за којашто при преслушување на неговото обраќање се гледа дека не ја направил – односно, вели „Ќосето“, а не „Чосето“, како што тврди текстот.

Линк до оригиналниот напис: ЌЕ ИЗГPAДИ ЛИ НEШТО ЗА ПРОМЕНА: Шилегов најави дека повторно ќе pyши

Датум и време на објавување: 9.3.2020

Датум на рецензирање: 11.3.2020

 

 

Градоначалникот од редовите на СДСМ, Петре Шилегов, во нова акција koнтра претходната градска власт. По востaновениот урнек и манир на дејствување, Шилегов пак ќе pyши. За градење на нешто, скопјани, очигледно, ќе почекаат. А можеби, ќе останат и без вакво дејание на градоначалникот…

Написот почнува со овие четири реченици, кои се очигледен коментар. Се работи за манипулативни тврдења со кои се креира погрешна слика за акцијата за отстранување на галиите од Вардар што ја најави Шилегов.

Иако во текстот се изнесени и дел од аргументите на скопскиот градоначалник – дека галиите претставуваат закана за безбедноста на граѓаните, не се пренесува целиот негов исказ. Во написот фали важен фрагмент од настапот на Шилегов, тој каде што кажува дека овие објекти претставуваат опасност за предизвикување поплави, што e посочено и во анализи и студии. Дополнително, пренесувањето на дел од аргументацијата на скопскиот градоначалник во текстот е ставено во втор план, откако најпрвин е нагласено дека „Шилегов само урива, а ништо не гради“.

Скопскиот градоначалник на прес-конференцијата јасно посочи:

Безбедноста на скопјани е на прво место. Сите анализи и студии што ги направивме е дека објектите од ‘Скопје 2014‘ кои што се наоѓаат внатре во коритото, тоа се галиите, сериозно можат да ја загрозат безбедноста од поплава на градот и со тоа да нанесат штета и материјална, меѓутоа и да ги загрозат животот и здравјето на граѓаните. Од друга страна, пак, расчистуваме со нешто што никогаш не било и никогаш нема да биде Скопје, а тоа е проектот „Скопје 2014“. Дислокацијата на овој објект е првата, всушност, втората активност што ја презема градот, по отстранување на споменикот на Ќосето, а е во рамките на неговите ингеренции. (1.06 -1.50 минута од видЕото)

На прес-конференцијата самиот Шилегов кажа што е досега урнато (тоа може да се слушне во видеото) и притоа ги посочи отстранувањето на споменикот на Ќосето (1.47 минута од видеото) и фундаментите на таканареченото Панорамско тркало (2.07 – 2.12 минута од видеото), а отстранувањето на првата изградена галија кај МЕПСО ќе биде, всушност, третата работа. Нешто што може да се наведе како некакво си рушење во текот на мандатот на Шилегов е и отстранувањето на привремените живеалишта под Кале. Така што, далеку од тоа дека може да се тврди оти станува збор за некаков востановен урнек на уривање, како што тенденциозно се наведува во написот: „По востaновениот урнек и манир на дејствување, Шилегов пак ќе pyши“.

Текстот на две места зборува за „очекување“ на граѓаните Шилегов нешто да изгради – на почетокот (цитирано погоре), и на самиот крај.

Граѓаните и натаму остануваат во силно и постојано очекување дека конечно, по толку години на позиција, Шилегов нешто и ќе изгради.

Доколку се мисли на градење од типот на она што го правеше претходната градска власт – објектите во центарот на Скопје од проектот „Скопје 2014“, тешко дека е останато место каде што такво нешто би можело да се изгради  – ако веќе во текстот се мисли (не е целосно јасно), на високоградба.

Но, без некаква намера да му се прави пропаганда на Шилегов (за тоа што тој сработил, ќе се фали самиот), ќе наведеме само неколку градења во моментов – кружен тек кај поликлиниката „Чаир“, нов парк во Мичурин – на местото на стариот запуштен простор, се работи и на новиот булевар и мост што треба да ги поврзе населбите Аеродром и Ќерамидница, како и на реконструкција на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица).

Во однос, пак, на зајадливоста дека Шилегов на прес-конференцијата вели Чосето, а не Ќосето, и од официјалното видео (1.47) и од второто видео (1.48), се слуша дека скопскиот градоначалник сепак вели „Ќосето“. Со тоа, текстот содржи и трета невистина, колку и да е таа тривијална!

Со ваквиот начин на (дез)информирање од прес-конференцијата на градоначалникот на Скопје, прекршени се професионалните стандарди утврдени во Кодексот на новинарите и во Прирачникот за етика во новинарството.