Претседателот на „Го сакам Водно“ не бил нападнат на расправата за ДУП-от за Трнодол

 

[ВИДЕО: Претседателот на „Го сакам Водно“ нападнат од активист на СДСМ]

Насловот на текстот што го рецензираме дезинформира, бидејќи во написот што е преземен од новинската агенција „Мета“, воопшто не се спомнува дека претседателот на „Го сакам Водно“ е нападнат од активист на СДСМ.

Линк до оригиналниот напис: ВИДЕО: Претседателот на „Го сакам Водно“ нападнат од активист на СДСМ

Датум и време на објавување: 17.12.2019

Датум на рецензија: 18.12.2019

Рецензира: Силвана Жежова

Во преполната сала на месната заедница во Козле дојде до тепачка помеѓу групи на граѓани, пренесува „Мета“. Дел од присутните изразија незадоволство што Општина Карпош го форсира донесувањето на овој ДУП со кој се предвидува зголемување на урбанизацијата, изградба на три шесткатници кај каналот за спречување на поплави во Трнодол и изградба на индивидуални објекти високо на Водно.

Текстот што го рецензираме е пренесен коректно и е објавен линк до изворот, но насловот не произлегува од содржината. Во оригиналниот напис воопшто нема информација дека претседателот на „Го сакам Водно“ бил нападнат од активист на СДСМ. Во насловот исто така не се споменува ниту каде се случил нападот (на расправата за ДУП за Трнодол, Жданец и Козле во преполната сала на Месната заедница во Козле), па на читателот му остава простор за произволно толкување.

На насловот реагира и претседателот на „Го сакам Водно“, Андреа Јанков, кој на својот фејсбук-профил демантира дека бил нападнат. Тој воопшто не бил присутен на расправата.

За настанот се огласија и од иницијативата „Го сакам Водно“, кои од свои извори дознале дека постоел напад врз граѓански активист од иницијативата „Спас за Водно“, жител на Трнодол, од страна на лице што не е жител на Трнодол, а бил вработен во Општината во минатото.

Го сакам Водно најостро ги осудува физичките напади од КОЈа било страна, и не можеме да не реагираме на неадекватната заштита на јавната расправа, која, иако отворена, се очекуваше да биде тензична. Општината не смее да организира ваков настан на ваква сензитивна тема и во тензична атмосфера без да обезбеди минимум безбедносни услови, а уште помалку да дозволи партиски членови или (бивши) вработени да напаѓаат луѓе, се вели во реакцијата на „Го сакам Водно“.

Правилото за наслов на текст е дека тој произлегува од содржината на текстот, кое во написот што го рецензираме не е запазено. Имајќи предвид дека се споменува лице инволвирано во случајот, потребна е негова изјава за потврда или негирање. На медиумот не е објавена ниту реакцијата на претседателот на „Го сакам Водно“, нема извинување кон него, а не е сменет ниту насловот наспроти фактот дека тој не бил нападнат од одредено лице, кое наводно бил активист на СДСМ.