[Рецензија: Познат скопски менаџер и наш ракометар фатени во прељуба со две сестри]
Текстот што го рецензираме, а кој е објавен на 5 март 2020 година, е стар шест години и со идентичен наслов и содржина е објавен на 2 ноември 2014 година и пренесен од повеќе медиуми. Станува збор за шпекулативен текст, кој и пред шест години бил рецензиран на „Сервисот за проверка на факти од медиумите“ и бил оценет како невистинит.
Линк до оригиналниот напис: Познат скопски менаџер и наш ракометар фатени во прељуба со две сестри
Датум на објавување: 5 март 2020
Датум на рецензирање: 5 март 2020
Рецензент: Силвана Жежова
Познат менаџер и популарен ракометар се нашле во тешка ситуација, кога девојката на менаџерот влегла во станот и ги фатила жива двајцата другари како се забавуваат во кревет со две сестри од Ниш ангажирани како танчарки кај нас. Љубоморната девојка во афект пробала да му ги отсече гениталиите, во што едвај успеал да ја спречи, пренесуваат медиумите.
Почетокот на текстот што е предмет на оваа рецензија, а понатаму и целата содржина во него, се идентични со текстовите со ист наслов објавени во 2014 година. Написот е шпекулативен, во него нема докази, туку целото пишување е базирано на „рекла-кажала“, односно на „сведочењето“ на извесна баба Милица.
Озборувања воопшто не му се потребни на новинарството. Написот нема ниту извор, туку целата приказна, наводно, ја има раскажано „баба Милица“, инаку сосетка на посочените ликови. И, како во холивудски филм, текстот има заплет и расплет и сето тоа е скокотливо да се прочита и да се задоволат апетитите на оние читатели кои сакаат озборувања, но тоа не може да се нарече новинарство,се вели во РЕЦЕНЗИЈАТА објавена на „Сервисот за проверка на факти од медиумите“, а пренесена и од „ВИСТИНОМЕР“
Во текстот не се нудат аргументи дека навистина станува збор за познат менаџер и популарен ракометар, бидејќи тврдењето на баба Милица, за која не се знае ни дали воопшто постои како лик, не е поткрепено со докази. Во отсуство на факти, текстот личи како да го пишувал автор што има голема имагинација, сè со цел да го заинтригира читателот да го отвори текстот и со тоа да собере што повќе кликови.
Многу симптоматично е бабата да ги знае сите ракометари, како и деталите во целата случка. На пример, „баба Милица“ знае дека девојките се од Ниш, знае дека се танчАрки, знае дека биле љубовници на посочените ликови, значи знае сè, објави тогаш „Сервисот за проверка на факти од медиумите“,
Објавените информации, дури и да се точни, не се од јавен интерес, бидејќи се во сферата на приватниот живот на кој и да било менаџер или ракометар без разлика колку се познати.
Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес, се вели во член 7 од Кодексот на новинари.
Текстот се сведува на озборување и нема никаква новинарска вредност, односно се вбројува во „жолт печат“. Реобјавувањето содржина стара шест години некому му се видела подобна за собирање кликови, заборавајќи дека не станува збор за многу долг временски период за одредена содржина да се заборави, особено во ерата на интернетот и функционирањето на агрегатите на вести.