[Рецензија: НОВ CKAHДАЛ: Катица Јанева во август тajно била во вилата на Претседателот?]
Медиумите и нивните извештаи се очите и ушите на јавноста за судењето на случајот „Рекет“. Тоа што тие го пренесуваат го формира јавното мислење за случајот и луѓето вмешани во него. Па така многу е важно известувањата од судскиот процес да бидат точни, непристрасни и ослободени од каков било сензационализам.
Линк до оригиналниот напис: НОВ CKAHДАЛ: Катица Јанева во август тajно била во вилата на Претседателот?
Датум и време на објавување: 17.1.2020
Датум на рецензија: 18.2.2020
Рецензент: Симона Атанасова
Снимките од посебните истражни мерки (ПИМ) за поранешната специјална обвинителка Катица Јанева покажуваат дека во август, возилото на Јанева со неа како совозач, се упатува накај населбата Водно. Па само поради правецот во кој се упатува возилото медиумот донел заклучок дека Јанева тогаш се упатила во вилата на претседателот Стево Пендаровски. Како само тој да живее на Водно!
Со таквиот заклучок сензационалистички пласиран во самиот наслов, со големи букви и со додавката „НОВ СКАНДАЛ“, тенденциозно се манипулира публиката. Насловот е целосно изваден од контекстот во којшто беше кажан податокот на самото судење. Никој во судницата не спомна дека Јанева била на средба со Пендаровски за да се изведе ваков заклучок во медиумските известувања. Тоа што насловот завршува со прашалник не го амнестира од ширење непотврдени шпекулации и сензационализам.
Претседателската вила се наоѓа во тој дел од градот, но вилата не е единствената куќа во таа област. Па, во најмала рака е несериозно да се донесе заклучок дека Јанева се упатила на тајна средба со претседателот кога за тоа нема никаква потврда или доказ.
Демант за ова тврдење стигна и од кабинетот на Пендаровски, од каде што велат дека во периодот кога биле во сила посебните истражни мерки, претседателот не живеел во резиденцијата.
Во врска со вашето прашање за ПИ-мерките за обвинителката Јанева, ве информираме дека претседателот Пендаровски во споменатиот период – август 2019 не живееше во резиденцијата. Претседателот Пендаровски со семејството живее во резиденцијата од октомври 2019 година, велат од Кабинетот на Претседателот.
Исто така, оттаму истакнуваат дека:
Претседателот Пендаровски никогаш немал средба со јавната обвинителка Јанева, ниту пред мај 2019 ниту потоа.
А за тоа како треба да се известува од судски постапки Кодексот на новинари во член 8 е катеогоричен:
Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми. Во судските постапки треба да се почитува принципот на пресумпција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда.
За жал, во овој случај е направено токму спротивното и на јвноста ѝ е понуден шпекулативен производ, кој натежнува од тенденциозност и сензационализам.