[Рецензија: Скандал… Демирхисарскиот градоначалник Марјан фатен со швалерката, па сега во Битола е под кирија со швалерката, имало бааги ќутек]
Скандалозен избор на тема, скандалозно напишан текст, скандалозно навлегување во приватноста на две семејства, скандалозно објавување фотографии од лице на кое му се накалемува неморал и сето тоа нималку во функција на јавниот интерес!
Во овој напис се прекршени најмалку три члена од Кодексот на новинарите, меѓу кои и одредбите што определуваат дека новинарот ќе ги почитува законите во државата, но нема да објави или сокрие ништо што е во спротивност со јавниот интерес, дека новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес и дека новинарот ќе се придржува и на општоприфатените општествени стандарди за пристојност.
Линк до оригиналниот напис: Скандал… Демирхисарскиот градоначалник Марјан фатен со швалерката, па сега во Битола е под кирија со швалерката, имало бааги ќутек
Датум и време на објавување: 2.4.2020
Датум на рецензија: 5.4.2020
Рецензент: Мирослава Бурнс
Овој текст директно ги нарушува угледот и честа на најмалку две личности, претставува основа врз која во иднина се заговара јавна осуда и линч. Објавувањето детали од приватниот живот и тоа со вокабулар и со стил на пишување што е длабоко сензационалистички, е неприфатливо. Личните и семејните прилики не се од интерес за граѓаните! Објавени се и фотографии на личност што воопшто не е јавна , таа детално се лоцира, се стигматизира, се обвинува за неморал.
Во членот 16 од Кодексот на новинарите се наведува дека новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.
Вмешани се и децата на функционерот и навистина е непријатно да се замисли каков ефект ваквите написи имаат за нив и воопшто за семејствата на инволвираните. Не постои никакво оправдување за ваквите шпекулации, изнесување лични и семејни прилики. Tекстот е непрофесионален и недозволив, и во контекст на изборот на темата и во контекст на начинот на кој е напишан. Испишан е со чаршиски жаргон, неверојатна леснотија во употребувањето навреди при деталното изнесување на интимата и наводните настани, кои и да се случиле и да не се случиле, воопшто не треба да најдат свое место во ниеден професионален медиум.
Изнесени се и наводи за насилство што не се поткрепени со никакви докази, а ваквите сериозни обвинувања кон градоначалникот го нарушуваат неговиот углед. Ваквото информирање може да нанесе последици и нематеријална штета на инволвираните, пресметани во срам, жигосување, нетолеранција, потсмев и еден куп други негативни ефекти.
Текстот изобилува со клевети и навреди, во неговото објавување нема никаков јавен интерес и главната цел на оваа објава се сензационализмот, желбата за што поголема читаност по која било цена, а цената и методите користени во овој случај се бескрупулозни – угледот на две семејства.
Со неговото објавување не е оправдана функцијата на професионалното новинарство, а тоа е јавниот интерес. Ваквите текстови запрепастуваат.