[Рецензија: ВИДЕО Македонец на ол инклузив во Банско!]
Текстот што го рецензираме, прво, не е информација од јавен интерес, второ, не е вест и трето, и она што е најстрашно во новинарството, е лажна вест.
Линк до оригиналниот напис: ВИДЕО Македонец на ол инклузив во Банско!
Датум и време на објавување: 12.10.2019
Датум на рецензирање: 15.10.2019
Рецензент: Ана Анастасовска
Написот има интересен наслов, може да се каже и сеирџиски, кој и тоа како ќе ве привлече да го кликнете. А целта на овој напис е токму тоа, што повеќе кликови.
За празникот 11 Октомври, речиси нема кој не е во Банско, оти, ем е празник ем продолжен викенд. И баш затоа на социјалните мрежи почнаа шегите „Прост си како Македонец во ол инклузив“, за на крај да осамне и видео во кое извесен гостин во хотел на вечера дошол со слип „купаќи“ и голо торзо, па товари храна во чинијата. Според коментарите на социјалните мрежи, наводно станува збор за Македонец кој бил на одмор во еден од хотелите во Банско, Бугарија.
Текстот на почетокот информира дека за празникот 11 Октомври, ден кој беше неработен и поради тоа имаше продолжен викенд, многу луѓе отпатувале во Банско, Бугарија. Понатаму во текстот се посочува дека на социјалните мрежи почнале да се шират шеги од типот: „Прост си како Македонец во ол инклузив“.
На крај на читателите им се нуди видео во кое извесен гостин во хотел дошол на вечера со слип „купаќи“ и голо торзо, па товари храна во чинијата. Повикувајќи се на наводни коментари од социјалните мрежи, написот тврди дека станува збор за Македонец кој бил на одмор во еден од хотелите во Банско.
И тука доаѓаме до проблемот во овој текст. Прво, не станува збор за шеги на социјалните мрежи, туку за еден коментар на корисник на социјалната мрежа „Фејсбук“, кој изиритиран од однесувањето на Македонците во ол инклузив напишал: „Прост си како Македонец во ол инклузив“. Еден коментар не може да биде „шеги на социјални мрежи“, односно, новинарот не смеел да генерализира.
Како дошло до „веста“?
Под ваквиот статус на Фејсбук следат коментари меѓу кои и коментарот: „Сигурно си во Банско“, кој е проследен со видеото пласирано во текстот.Оној што го пишувал написот, го видел ваквиот статус на „Фејсбук“, го видел коментарот со видеото и според сопствено сценарио си направил текст „печен“ за кликови. Ниту има потврда дека видеото е од Банско ниту, пак, има потврда дека станува збор за Македонец, едноставно, видеото е само искористено во друг контекст со цел да се направи лажна вест.
Авторот на првичниот статус на „Фејсбук“ од кој потекнала целата приказна, по ваквиот објавен напис, коментира:
Во меѓувреме, пак, споменатото видео е избришано од коментарите на статусот на „Фејсбук“.
Написот нема никаква врска со вест и далеку е од новинарски производ. Тука имаме класичен пример на користење коментари од социјални мрежи кои се извртуваат така што се креираат лажни вести. Она што можел авторот на написот да направи е да провери од каде е видеото, кога е направено, можел да го контактира авторот на првичната објава на „Фејсбук“ и да го праша од што толку се изреволтирал, да собере искуства на други луѓе и да направи новинарски текст.