Тенденциозни наслови, текстови со пристрасна содржина, написи што ги загрозуваат објективноста и рамнотежата при известувањето или со целосно субјективна содржина, не водејќи сметка за тоа што им го нудат на читателите. Ова се само некои од прекршувањата на кои дел од медиумите, особено оние на интернет, не им обрнуваат внимание. Понекогаш не е потребна детална анализа за да се види пристрасноста на одреден медиум кон дадена политичка партија. Обично ваквите содржини стануваат поизразени кога се приближува некој изборен циклус.
Линк до оригиналниот напис: Зијадин, без да го покани некој во Владата, самиот се понуди и се избламира!
Датум на објавување: 7.3.2021
Датум на рецензија: 15.3.2021
Рецензент: Ајнур Бафќари
Фаворизирање една политичка партија, напад на коалиција, коментари, наоди, поврзаност помеѓу неповрзани работи, претпоставки и сè друго што е надвор од каква било новинарска етика. Сево ова се наоѓа во текстот што го рецензираме, кој иако е ставен во категоријата информации, содржи сè, само информации не. Авторот прави еден вид анализа, собирајќи неколку изјави и потоа тоа го сервира како новинарски напис.
Само во албанската опозиција не постојат таканаречените „црвени линии“, а доколку се појават, тие остануваат само како услов за влегување во Владата. Толку, бидејќи нивната кауза е само да бидат дел од владата – се вели во текстот.
Запомнете: Објективноста е најсилното оружје на новинарството
Бидејќи целта на една статија е да испрати порака за да има одредено влијание врз јавното мислење, јасно е дека текстот што го рецензираме има тенденциозна позадина. И покрај напорите на авторот да има сеопфатен текст, поради пристрасноста, фаворизирајќи една политичка партија, написот е многу субјективен. Коментарот е многу видлив, иако е вметнат како составен дел од „информацијата“.
Тенденциозна содржина, целта „перење на мозокот“
Единствени факти се изјавите собрани на едно место, но мешавината со бројни елементи на коментари и начинот на кој е напишан текстот ја искривуваат вистината, а тоа се гледа и во насловот со кој авторот избрал да го круниса текстот.
Концептот на манипулација „Аргумент против човекот“
Овој концепт на манипулација е тенденција да се напаѓа некое тврдење напаѓајќи го човекот што го искажува. Во овој случај, се напаѓа лидерот на една политичка партија, којашто е дел од коалицијата, а потоа и лидерот на друг политички субјект, исто така, дел од коалицијата, дискредитирајќи ги дека не се повикани да се изјаснат за таквата покана, бидејќи наводно никаде не е кажано дека поканата се однесува лично на нив.
Не кликнувајте на сè што ќе ви излезе пред очи!
Ваквите текстови се обидуваат да „исперат мозоци“, да соберат политички поени за одредена политичка партија и да соберат кликови од социјалните медиуми. Следниот пат, пред да придонесете за сето тоа и пред да станете нивна мамка, бидете внимателни од каде ќе изберете да бидете информирани.