Задолжувањето се прави според редовен календар, а не според волјата на Ангеловска

 

[Рецензија: АНГЕЛОВСКА ЈА ЗАДОЛЖУВА ЗЕМЈАТА ЗА 3 МИЛИОНИ ЕВРА ДНЕВНО: За 45 дена новата министерка одобрила задолжување од над 150 милиони евра]

Насловот на текстот што го рецензираме дезинформира, бидејќи задолжувањето на државата не зависи од личната одлука на министерката за финансии, Нина Ангеловска, туку се одвива според Календар за емисија на државни хартии во вредност, кој однапред за следните два квартала се објавува на веб-страницата на Министерство за финансии. Оттука, нема зошто министерката за финансии да одобрува или не задолжување.

Линк до оригиналниот напис: АНГЕЛОВСКА ЈА ЗАДОЛЖУВА ЗЕМЈАТА ЗА 3 МИЛИОНИ ЕВРА ДНЕВНО: За 45 дена новата министерка одобрила задолжување од над 150 милиони евра

Датум и време на објавување: 15.10.2019

Датум на рецензирање: 16.10.2019

Рецензент: Силвана Жежова

Денеска Заев и Нина Ангеловска ќе ја задолжат државата за нови 53.6 милиони евра. За само 45 дена министерката Нина Ангеловска по наредба на Заев ја задолжија Македонија и граѓаните за над 150 милиони евра. Тоа е во просек над 3 милиони евра дневно задолжување во изминативе 45 дена. Психолошката граница на долгот одамна е помината.

Премиерот Зоран Заев и министерката за финансии Ангеловска немаат никакво лично влијание врз аукциите што се одвиваат според Календарот за емисија на државни хартии во вредност. Притоа, дезинформација е дека со редовната аукција на 15 октомври, која патем е и запишана во Календарот, државата се задолжува, туку се сервисираат стари долгови од пред пет години, направени во времето на ВМРО-ДПМНЕ.

Со денешната аукција Министерството за финансии ќе покрие стари долгови од претходно издадени државни хартии од вредност, кои доспеваат за исплата на 16 и 19 октомври. Ова е редовна аукција, најавена во календарот објавен на веб-странИцата на Министерството за финансии и нема ново нето-задолжување. Станува збор за презапишување на претходно издадени државни обврзници, од кои најголем дел се издадени пред 5 години, велат од МинистерствоТО за финансии.

Во однос на тврдењето на текстот дека „психолошката граница на долгот одамна е помината“, од Министерството за финансии потенцираат дека „бројот на аукциите сега е преполовен во однос на бројот на аукциите на претходната Влада и е сведен на 2 месечно – пракса од која не се отстапува“, што е во насока на стабилизрање на државниот долг.

Текстот што го рецензираме измешал „баби и жаби“, бидејќи сето она за што ја обвинува оваа Влада („нeискуството на новата министерка и криминогениот начин на работење на премиерот и функционерите на СДСМ доведуваат до пpoпаст на економијата и иселувањето на граѓаните“), не е поврзано со редовните аукции на хартии од вредност, кои ги практикува секоја Влада. Во однос на висината на јавниот долг и тој е намален, па така на 31.12.2016 долгот изнесуваше 48,8% од БДП додека на 30.6.2019 тој изнесува 46,7% од БДП.

На овој начин, како што е напишан текстот, или постои непозната во однос на аукцијата на хартиите од вредност и начинот како се сервисираат обврските или има тенденција да се најде вина и неодговорност таму каде што ја нема.