Проектот е финансиран од Европската Унија
Со критично мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк
Mendim kritik për qytetarë me shkathësi mediatike - CriThink
Critical Thinking for Mediawise Citizens - CriThink
Home Blog Page 260

Опозициските портали не напишаа ниту еден збор за сведочењето на Василевски

Фото: pixabay

Сведоштвото во текот на судењето за настаните од 27 април 2017 година на обвинетиот Александар Василевски-Нинџа ја потресе целата македонска јавност. И тоа со право. Во сведочењето, Василевски, како директен учесник во настаните, во детали говореше за своите активности во текот на тој ден, кои се однесуваa на упадот во Собранието и насилството што се случи во него. Во ова експлозивно сведочење тој истакна дека зад организацијата и имплементацијата на овие настани, всушност, стоела ВМРО-ДПМНЕ (тогаш партија на власт), како и Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) при Министерството за внатрешни работи.

Но, ова сведоштво на Василевски не беше пренесено од информативните интернет-портали што важат за опозициски, односно блиски до ВМРО-ДПМНЕ, какви што се „Курир“, „Нетпрес“, „Република“, „Лидер“. За нив „Призма“ пред неколку месеци напиша дека се сопственост на Унгарци, поконкретно на фирмата на Унгарката Агнеш Адамик – „Адинамик медиа“ е сопственик на тие портали.

 

НОВИНАРСКИТЕ ПРАВА И ОБВРСКИ

Медиумите, се разбира, имаат право да известуваат што сакаат и да не известуваат за тоа што не сакаат. Тоа право никој не го спори. Уште повеќе, тоа право произлегува од член 16 на Уставот на Република Македонија, кој ја гарантира слободата на изразување. Но, она што е симптоматично, е фактот дека ова сведочење претставуваше ударна вест на денот и информациите што произлегуваа од исказите на сведокот Василевски веднаш стануваа главни вести во сите други информативни медиуми. Сепак, овие неколку опозициски медиуми тој ден судењето го третираа како да не постои, односно не го третираа воопшто.

Инаку, ова не е првпат важни настани што се однесуваат на индиции за незаконски дела поврзани токму со ВМРО-ДПМНЕ да бидат игнорирани од медиумите блиски до партијата. Истото се случи и во 2015 година со содржините од прислушуваните разговори, кои ги објавуваше тогашниот опозициски СДСМ и кои ни тогаш не беа пренесувани од редица медиуми блиски до ВМРО-ДПМНЕ и тоа со месеци. Работите неретко стануваа и апсурдни со оглед на тоа што овие медиуми наголемо ги пренесуваа реакциите, демантите и контранападите на челниците на ВМРО-ДПМНЕ во однос на она што беше објавено во прислушуваните разговори. Но, самите разговори не беа пренесени ниту како најобични вести. Со оглед на тоа, читателите на овие портали или беа збунети, не знаејќи на што се однесуваат реакциите на челниците на ВМРО-ДПМНЕ или реакциите на самата партија или, пак, мораа да ги посетуваат другите портали за да се информираат за што станува збор. Така се случи и овој пат. Истата вечер, лидерот Христијан Мицкоски на партиски настан го нападна сведочењето, при што неговиот настап беше пренесен од овие портали, но основната вест, како и пред 3 години, недостасуваше.

Се разбира, можно е сведочењето на Василевски да не е точно и да содржи измислици. Но, доколку имаат такви информации, медиумот треба да ги наведе или, пак, ако има каква било друга причина зошто за ова сведочење, за кое пишуваа дури и меѓународните медиуми, не се информира, овие медиуми требаше да ги кажат тие причини за јавноста да знае на што се темели таквата уредничка одлука.

Ваквото прикривање важни информации од неспорен јавен интерес, гледано од етичка гледна точка, конкретно во овој контекст, не е сосема најјасно регулирано. Кодексот на новинарите во членот 1 говори дека „новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи“. Но, овде се зборува за тоа дека точните и проверени информации треба да бидат сеопфатни и оти нема да прикриваат „суштински податоци“, што бездруго би влијаело на нивната точност. Во членот 6, пак, се вели дека „новинарот не смее да го користи медиумот за објавување или прикривање информации за стекнување лична корист“, но овде не станува збор за стекнување лична корист или барем такво нешто не може да се насети на прв поглед.

Од друга страна, пак, известувањето од Кривичен суд за ова сведочење беше од голем јавен интерес и со непишувањето ниту збор за овој настан, се прекршува основниот принцип на однесување од Кодексот на новинарите, кој се однесува на новинарското вршење на нивната основна задача, односно обврската да се исполни „правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од Уставот на Република Македонија.“

Следствено на ова, јавноста од страна на овие медиуми не беше информирана, барем не во целост, за прашања што се однесуваа на настаните од 27 април 2017 година, кога беше загрозена безбедноста на пратениците, на граѓаните и беше извршен институционален упад.

За упадот во Собранието на 27 април се обвинети вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

 

ШТО БЕШЕ ПРЕМОЛЧЕНО?

Јавноста од страна на овие медиуми не беше информирана дека, според сведочењето на Василевски, зад овој упад во Собранието стоела и Управата за безбедност и контраразузнавање, бидејќи нејзиниот тогашен директор Владимир Атанасовски (кој сега е во притвор), бил дел од паравоениот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, од каде што се издавале наредбите за упад во Собранието.

За прв пат се обелодени дека дел од тој штаб биле и лицата Митко Чавков, Билјана Бришковска-Бошковски, Спире Ристовски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, а кои не се меѓу обвинетите за ова дело. Јавноста, од страна на овие медиуми не беше информирана и дека државата била пред прогласување воена состојба, но тој план пропаднал поради притисок од меѓународниот фактор. Ваквото тврдење утредента беше негирано од претседателот Ѓорѓе Иванов.

 

Фотографија стара една година сервирана како Груевски на албанска граница

 

[Рецензија: ФОТО: Топ-канал објави фотографија од Груевски на преминот Хани Хоти]

 

Фотографијата, која на јавноста ѝ се сервира како ексклузивна и за која се вели дека го покажува осудениот поранешен премиер Никола Груевски на граничниот премин меѓу Албанија и Црна Гора при неговото бегство за Унгарија, е, всушност, најобичен принтскрин (стоп-кадар) од видеоклип направен пред речиси една година, на 21 декември 2017 година, и нема врска со Груевски на граница.

Линк до текстот: ФОТО: Топ канал објави фотографија од Груевски на преминот Хани Хоти

Датум на објавување: 06.12.2018

Датум на рецензирање: 07.12.2018

Рецензент: Симона Атанасова

Груевски, во видеоклипот, вози „Пунто“, во центарот на Скопје, на еден од протестите на ВМРО-ДПМНЕ минатата година, кога тој го предводеше протестниот конвој од автомобили во знак на поддршка на притворените за насилниот упад во Собранието од 27 април.

Во написот, не само што се тврди дека сликата е од албанскиот граничен премин, туку се додаваат и временски интервали кога е направена сликата, на кој граничен премин, па дури, за да се засили веродостојноста, објавени се и регистарските ознаки на наводното унгарско возило во кое се наоѓа Груевски.

Прашањето што требало да си го постави медиумот е зошто, ако сликата е автентична и вистинита, Груевски е тој што го вози автомобилот, иако ѝ припаѓа на амбасадата на Унгарија.

Во написот се вели дека албанскиот медиум што ја објавил фотографијата тврди оти е автентична. И тука запира проверката на автентичноста.

Без понатамошна анализа и проверка, поверувано е во напишаното, преземен е написот, презентиран е како ексклузивна информација, а, всушност, нема никаква врска со бегството на Груевски.

 

Ако тврдите дека економијата тоне, треба да одговорите зошто

 

[Рецензија: Економијата тоне, Владата утре ќе нѐ задолжи за нови 21,1 милион евра]

 

Насловот на текстот што го рецензираме дезинформира, бидејќи „тонењето на економијата“ не може да се доведе во корелација со задолжувањето, кое во текстот се однесува на aукција на државни хартии од вредност. Имено, станува збор за редовна активност на Министерството за финансии, согласно календарот за аукции објавен на нивната веб-страница. Министерството за финансии во однос на оваа aукција на државни хартии од вредност информира дека се запишани 21,13 милион евра, а 21,3 милион евра ќе се вратат по основа на порано издадени и доспеани за отплата државни хартии од вредност и со тоа нето-задолженоста на Владата по основа на државни хартии од вредност се намалува за 170 илјади евра.

Линк до оригиналниот напис: Економијата тоне, Владата утре ќе нѐ задолжи за нови 21,1 милион евра

Датум и време на објавување: 03.12.2018

Датум на рецензирање: 04.12.2018

Рецензент: Силвана Жежова

Официјалните информации велат дека се во пад градежништвото и индустријата додека бизнис-секторот мака мачи за да опстане. Експертската јавност континуирано алармира на фактот дека градежништвото, кое е основна гранка и повлекува многу други во државата, е во очаен пад речиси цела година и оти тоа во голема мера влијае на слабиот економски раст.

Во однос на падот во градежништвото, според Владата, тоа се должеше на застојот на изградбата на автопатиштата и други стопирани проекти, поради погрешната проекција. Со продолжување на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, Миладиновци-Штип, железничката пруга кон Бугарија и други капитални проекти, се очекува подобрување на состојбата во градежништвото. Текстот не нуди одговор за причините за лошата состојбата во оваа гранка, ниту, пак, има посочено експерт со име и презиме, кој би го коментирал тоа. Во текстот се тврди дека индустријата е во пад, но според последните податоци на Државниот завод за статистика, објавени на 29 ноември, индустриското производство бележи пораст од 5,2 проценти во првите 10 месеци во споредба со истиот период лани.

Според многу критичари, Владата потфрли во економски политики додека долгот енормно расте, што, според нив, ја води државата кон еден опасен пат на економски план.

Во однос на долгот, министерот за финансии Драган Тевдовски многупати во јавноста образложувал дека по долго време, оваа година, јавниот долг е ставен под контрола. „За прв пат по повеќе од 10 години, јавниот долг е ставен под контрола и е подобрена структурата преку зголемена рочност и пониски каматни стапки. Владата планира постепена буџетска консолидација, со буџетски дефицит од 2 отсто на среден рок“, изјави Тевдовски на јавната дискусија на Економскиот факултет насловена „Јавните финансии на крстопат“.

Кога медиумот објавува текст, кој има претензија да ја анализира економијата во државата, потребни се бројки што ќе ги поткрепат или демантираат пишувањата дека нешто чини или не, потребни се ставови на аналитичари што ќе бидат откриени со име и презиме и кои ќе ја образложат таквата состојба, ставови од надлeжените институции, како на пример, Министерство за финансии, кое е повикано во текстот.

Паушалните обвинувања не се клучен доказ дека „економијата тоне“. Во однос на задолжувањето, пак, и Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд препорачуваат фискална консолидација, која е предвидена со Фискалната стратегија до 2021 година. Државата не би можела да ги сервисира обврските ако не се задолжува, но поважно прашање е за што се трошат тие пари. Односно дали се инвестираат во капитални проекти, и така повеќекратно парите да се вратат кај граѓните или во непродуктивни трошоци, кои не прават никаков поврат на средства.

 

Заев и Орбан не можеле да се прават дека не се познаваат затоа што Орбан не бил таму

 

[Рецензија: Заев и Орбан се правеа дека „не се познаваат“ на самитот во Загреб, иако седеа на иста маса]

 

Написот тврди дека Заев и Орбан не се сретнале за да разговараат за Груевски на Самитот на шефовите на владите на Централноевропската иницијатива во Загреб „и покрај тоа што седеа на заедничка маса“. Ова е целосна манипулација и невистина. Двајцата премиери не можеле да седат на иста маса, ниту да се прават дека не се познаваат од проста причина што унгарсиот премиер Виктор Орбан не ни бил присутен на настанот, а камоли да седи на истата маса со Заев.

Линк до текстот: Заев и Орбан се правеа дека „не се познаваат“ на самитот во Загреб, иако седеа на иста маса

Датум на објавување: 04.12.2018

Датум на рецензирање: 05.12.2018

Рецензент: Симона Атанасова

Текстот е типичен пример за „клик-бејт вест“, која притоа е исфилувана, напумпана, сензационалистичка, но и невистинита.

Во прилог на написот има и видео, кое на социјалните мрежи од медиумот е најавено како во видеото навистина да е прикажано дека Заев и Орбан се прават оти не се познаваат. Но, тоа не е вистина.

На видеото нема ништо ни малку слично. Го има премиерот Заев, заменик-министерот за економија, Кире Наумов, како и функционери од други земји. Но, на видеото никаде го нема унгарскиот премиер Орбан. Не само што тој не се разминал со Заев, не само што не седат на иста маса туку Орбан воопшто не бил таму.

Тој присуствувал претходниот ден, на вечерата кај хрватскиот премиер, по што си заминал и не присуствувал на самитот.

Ова го потврди и Заев во изјава за медиумите по завршување на настанот.

Премиерот Орбан беше само на вечерата, имаше само куртоазно поздравување помеѓу сите премиери и потпретседатели на влади и министри. Тој денеска не остана овде на самитот за да можеме да оствариме средба. Но се надевам дека некоја следна прилика ќе можеме и директно вака да ги испорачаме нашите аргументирани барања, дека азилот е неоснован и оти треба поранешниот премиер Никола Груевски да се врати во Македонија и да ја отслужи својата судска казна.

Но, медиумот што ја објави оваа манипулација не само што не ѝ се извини на јавноста за невистинитата вест туку истата вест на фејсбук-страницата на медиумот сензационалистички е објавена уште пет пати по првичното објавување.

Новинарот мора целосно да ја провери информацијата пред да ја објави, а не да ја користи само за собирање кликови и манипулирање на јавноста.

 

Не им верувајте на вестите кои ги ставаат сите луѓе во исто кош – тоа е манипулација

Овој текст е пример за тоа како артифицијално се дава тежина на еден текст, повикувајќи се на широка маса на луѓе, иако можеби новинарот не се обидел да интервјуира повеќе од три лица. Читателите треба да внимаат кога ќе видат генерализации како што се „сите студенти”, “сите пензионери” итн.

 

Пишува: Ферикан Иљази Арифи

Често во дневните информативни написи, но и во аналитичките текстови, наидуваме на појава што се користи за да и се даде поголема тежина на веста или на новинарската анализа, а тоа е воопштување или генерализирање. Авторот знае да користи генерализирани изрази како на пример „велат аналитичарите”, а всушност има изјави од само двајца аналитичари, или фраза каква што е „учениците се преплашени“, а пак има еден, двајца  или ниту еден ученик во изјавата што го тврди ова и тоа веќе стана практика која што не „не се забележува многу дека е погрешна“. Оваа генерализација се оправдува со фактот дека авторот, на пример, зел две страни, или пак зел две-три мислења, и тоа е доволно за да се повика на „сите аналитичари”, „сите ученици” или слично.  Меѓутоа, новинарските стандарди не го дозволуваат тоа, бидејќи се работи за класична манипулација.

Не е логично сите да имаат исто мислење!

Кога обичниот читател, кој што не е многу запознаен со стилот и стандардот на пишување, чита вакви генерализации, тој почнува да верува дека навистина една цела категорија на луѓе верува во истото, иако нема здрава логика која што вели дека постои целосна едногласност за било кое прашање во светот.

Во еден текст што сме го рецензирале претходно, може да се видат токму овие манипулации. Авторот се повикува на името на гледачите, без да има професионален метод на мерење, и без да има оценка од „сите граѓани”. Авторот ја користи квалификацијата „Зијадин Села три пати посилен од Али Ахмети”, и ова го базира на некои податоци што ги зел од директните емитување на телевизиски дебати, каде што се гледа колку луѓе ја гледаат дебатата во тој момент. Но, тоа што е погрешно во овој пристап е фактот дека врз основа на одреден број на гледачи, може да се и стотина, но не се сите, се создава општа квалификација дека граѓаните сметаат дека Зијадин Села е посилен од Али Ахмети.

Новинарот не треба да ги искривува фактите само за да пренесе „вистина” за која што тој мисли дека е таква, и ова да ги аргументира со една категорија на граѓани. Значи, читателот треба да биде внимателен кога има такви генерализации, бидејќи е јасно дека тие служат за манипулирање и давање тежина на текстот.

Читателот треба да има на ум дека никогаш не можеме да се повикуваме на „сите луѓе”, туку  квалификациите треба да бидат „мнозинството ученици” или едноставно „дел од учениците”. Така на читателот ќе му биде јасно дека ова е мислење на само неколку лица со кои разговарал новинарот, а не и на тие за кои тој претпоставува дека мислат исто како и нивните другари.