Проектот е финансиран од Европската Унија
Со критично мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк
Mendim kritik për qytetarë me shkathësi mediatike - CriThink
Critical Thinking for Mediawise Citizens - CriThink
Home Blog Page 276

Ако не си сигурен што е вистината – прашај!

 

[Рецензија: „Го сакам Водно“ бега од дебатата со Шилегов]

 

Рецензираме текст што има само една, но сериозна мана – тој дезинформира, односно пласира невистини. Се работи за куса информација со наслов „’Го сакам Водно‘ бега од дебатата со Шилегов“, во која се тврди дека еколошките здруженија собрани околу иницијативата „Го сакам Водно“ за спречување на изградбата на гасовод преку парк-шумата Водно се откажуваат од учество во јавна дебата со власта, која им ја понуди скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Само ден по објавувањето на оваа информација, јавната дебата се одржа. Во просториите на Град Скопје тројца претставници на екологистите ги спротиставија своите аргументи на четворицата претставници на надлежните државни институции инволвирани во изградбата на гасоводот, под модераторство на Шилегов, токму како што беше и најавено.

Линк до оригиналниот напис: „Го сакам Водно“ бега од дебатата со Шилегов

Датум и време на објавување: 2.9.2018

Датум на рецензирање: 10.9.2018

Рецензент: Југослава Дуковска

Еве што се вели во написот, објавен ден пред одржувањето на дебатата:

Екоактивистите од „Го сакам Водно“ ја откажаа можноста што им ја понуди скопскиот градоначалник Петре Шилегов да дебатираат во живо на лајв-стрим за гасоводот што минува на сртот на Водно преку кој треба да се олесни гасификацијата на главниот град и со тоа да се намали загадувањето зиме.

Ова тврдење, непоткрепено со конкретна изјава од таборот на екоактивистите, кои со жив штит ја блокираа работата на градежните машини на сртот на Водно, барајќи од властите јавен и отворен дијалог за изградбата на делница 5 на националниот гасовод од Скопје преку Тетово до Гостивар, осамна само ден пред утврдениот термин што скопскиот градоначалник го одреди за соочување на двете страни во просториите на Советот на Град Скопје, на кој беа повикани и медиумите.

Повикувајќи се на содржини објавени на социјалните мрежи (фејсбук-профил на: Go sakam Vodno/Го сакам Водно), написот тврди дека:

Од „Го сакам Водно“ велат дека им е прифатлива дебата во живо, но на некоја национална телевизија.

како и тоа дека

Шилегов сака да биде модератор на дебатата и однапред да биде субјективен и пристрасен, што за нас е неприфатливо.

од што во написот што го рецензираме се изведува заклучок дека дебата нема да има.

Написот доживеа да биде демантиран по само еден ден од објавувањето. Причината лежи во тоа што авторот премногу се потпирал на своето толкување на она што го прочитал на профилот на „Го сакам Водно“. Бранителите на Водно навистина јавно го изразија своето разочарување што дебатата на која ги повикаа претставниците на власта да ги вкрстат со нив аргументите околу изградбата на гасоводот преку Водно немало да се одвива на неутрален терен каква што би била, на пример, некоја национална телевизија, но во ниту еден момент не ја одбија поканата на Шилегов.

Присуството на трибината/дебатата во просториите на Град Скопје во понеделник, под изменети услови, нема да биде замена за дебатата што ја бараме и на која инсистираме пред една од националните телевизии и која ѝ ја должиме на целата македонска јавност под овие околности,

објавија претставниците на „Го сакам Водно“ на својот фејсбук-профил. Тие додаваат:

Нам како граѓански активисти јасно ни е дека овој тип дебата е далеку од тоа што ние го баравме, соочување на фактите на неутрален терен, со непристрасен медијатор, и оти доаѓање на терен на еден од учесниците во уништувањето на Водно и главните актери, ги става граѓаните бранители во инфериорна позиција. Сепак, ние како активисти, нема да одбиеме ниту една можност на граѓаните да им дадеме можност да ги слушнат сите аргументи против гасоводот низ Водно

Од ова не е јасно како може да се донесе заклучок дека екологистите

ја откажаа можноста што им ја понуди скопскиот градоначалник Петре Шилегов да дебатираат во живо,

како што тврди текстот што го рецензираме.

Очигледно е дека написот не ја зборува вистината, односно ги дезинформира своите читатели, што е голем кикс за еден медиум. Иако од напишаното не може да се заклучи дека дезинформацијата е пласирана намерно, сепак, објавена е невистина, а потоа ниту написот е коригиран ниту медиумот се извинил за грешката. Сето тоа можело да биде избегнато доколку „Го сакам Водно“ биле побарани за изјава за самите да кажат дали одат на дебата кај Шилегов.

 

(Не)етичко известување: Дали медиумите влијаат на бројот на самоубиства?

Пишува: Жарко Трајаноски, м-р по човекови права

„Еден од факторите кои некоја ранлива личност можат да ја наведат на
самоубиство е и публицитетот што на таквиот чин му се дава во медиумите “
(Прирачник за етиката во новинарството)

Новинар(к)ите треба да бидат свесни дека известувањето за случаи на самоубиство е комплексна задача која може да отвори многу етички дилеми и предизвици. Медиумите честопати се критикувани дека со давањето на преголем публицитет, или со сензационалистичкиот пристап, придонесуваат за зголемување на бројот на самоубиства. Кон новинар(к)ите се упатуваат и други критики: дека при известувањето за самоубиствата не покажуваат сочувство и ја експлоатираат човечката трагедија, дека ја вознемируваат јавноста, дека поттикнуваат стигма, дека неретко ја повредуваат приватноста и причинуваат дополнителна штета, итн.

Меѓутоа, ризиците за негативно влијание не треба до тој степен да ги обесхрабрат новинар(к)ите за да престанат да известуваат за сите случаи на самоубиство. Медиумите можат да предизвикаат и зголемување, но и намалување на бројот на самоубиства. Со познавање на стандардите, со професионален и одговорен однос, новинар(к)ите можат позитивно да придонесат преку охрабрување на потенцијалните жртви да побараат соодветна помош.

Дали треба да се известува за секој случај на самоубиство?

Медиумите не треба да ги покриваат сите случаи на самоубиство, туку само некои. Според Прирачник за етиката во новинарството „во светот е усвоена пракса за самоубиствата генерално, а особено за анонимните луѓе речиси воопшто и не се пишува.“

Пред да започнат да известуваат за самоубиство, новинар(к)ите најдобро е да си ги постават следниве прашања:

  • Дали жртвата е јавна личност?
  • Дали самоубиството се случило на јавно место?
  • Дали за самоубиството е веќе известувано?
  • Дали известувањето за чинот на самоубиство може да покрене одредено социјално прашање од јавен интерес?
  • Дали известувањето за самоубиство ќе придонесе за минимизирање на штетите?
  • Дали со известувањето за самоубиство може да се намали самоубиственото поведение?

Ако одговорите на повеќето прашања се негативни, тогаш новинар(к)ите треба сериозно да размислат дали воопшто треба да го покријат случајот на самоубиство, независно од гладта за информации од страна на публиката.

Според некои експерти, кога станува збор за самоубиство на јавна личност, или кога тоа се случува на јавно место, веројатно тогаш треба да се известува, но со сочувство за семејството и пријателите на жртвата. Кога самоубиството се случува во приватноста на домот, потребата на јавноста да биде известена е помала, а одговорноста на медиумските работници кои известуваат за такви случаи е многу поголема, поради поголемиот ризик за повреда на достоинството на жртвата и нарушување на приватноста на семејството и пријателите (Видете Louis Alvin Day, Ethics in Media Communications: Cases and Controversies).

Дали медиумското покривање може да го зголеми/намали бројот на самоубиства?

Новинар(к)ите треба да бидат информирани дека постојат бројни научни студии кои укажуваат дека некои видови на медиумско покривање можат да ја зголемат можноста за самоубиство кај ранливите индивидуи. Токму затоа, треба да бидат многу внимателни и одговорни, и особено свесни за предупредувањата кои видови на известувања ги зголемуваат ризиците за дополнителни самоубиства. Имено, според „Препораките за известување за самоубиства“:

„Ризикот од дополнителни самоубства се зголемува кога сторијата експлицитно го опишува методот на самоубивае, користи драматични или живописни наслови или слики, а постојаното/детално покривање ја сензационализира или возвеличува таа смрт.“

На пример, по детално опишаното самоубиство на голманот на германската фудбалска репрезентација, експертите укажуваат дека имало „значително зачестени самоубиства на млади мажи во таа возрасна група кои животот си го одзеле на ист начин“.

Меѓутоа, со внимателно и одговорно покривање, новинар(к)ите можат да придонесат за менување на митовите и предрасудите кај јавноста, за справување со стигмата, за обесхрабрување на потенцијалните имитатори, и за охрабрување на ранливите индивидуи да побараат помош. За позитивните ефекти од медиумското известување сведочат и експертите. Епидемиологот Медлин Гулд укажува дека стапката на самоубиства во метро во Виена опаднала за 75% откако во 1987 г. медиумите добиле препораки или да престанат да известуваат за  самоубиства во метро, или пак да известуваат за нив многу поодговорно.

Дали треба да се известува за причините за самоубиство?

Едно од контроверзните прашања, кои предизвикуваат етички дебати, е дали (и како) треба да се известува за причините за самоубиство. Според Прирачник за етиката во новинарството:

„Наведување на социјалните причини, како што е невработеноста, проблеми со училиштето или крај на романтична врска, може да биде разбрано како порака до сите кои имаат слични проблеми дека самоубиството е едно од можните решенија“.

Други експерти за новинарска етика сметаат дека причината за смртта не треба да се објавува (освен кај јавни личности), и дека треба да се испочитува желбата на семејството кои информации ќе бидат објавени.

Но, има и експерти кои сметаат дека новинар(к)ите би требало да истражат кои фактори поттикнале на самоубиство – економски, социјални, или други фактори (како, на пример, малтретирање на хомосексуален студент). Во секој случај, првичните известувања треба да се држат до познати факти, а

„Новинарите треба да избегнуваат шпекулирање за причините за самоубиството и да избегнуваат да фантазираат за тоа што можело да има во умот на личноста во тој момент.“

Новинарите треба да бидат свесни и за укажувањата на клучни авторитети за превенција на самоубиство, дека до самоубиство најчесто не доведува еден поттикнувачки настан, туку комплексна низа на настани и околности.

Следствено, новинар(к)ите треба да бидат особено внимателни кога објавуваат информации од полициски извори кои посочуваат на причина за самоубиството. Новинар(к)ите треба постојано да ја имаат на ум аксиомата „Самоубиството е проблем на јавното здравство“, и дека релевантни извори се здравствените експерти, а не вработените во МВР.

СОС-линија за кризни состојби на Клиниката за психијатрија (24/7):   (02) 3136 400.

Дали новинар(к)ите треба да се вклучат во борбата за превенција од самоубиства?

Според повеќе експерти за етичко новинсрство, кога новинар(к)ите известуваат за самоубиство, треба да бидат објавувани и информации каде можат да се обратат за помош луѓето кои размислуваат за самоубиство.  Но, има и размислувања дека во своите известувања новинарите не би требало да играат улога на активисти за превенција на самоубиство, затоа што со тоа би го напуштиле принципот на неутралност.

Сепак, етичка должност на новинар(к)ите е ем да објавуваат информации од јавен интерес, ем да ја минимизираат штетата додека известуваат. Со објавувањето на националната СОС линија за превенција на самоубиства, секогаш кога известуваат на тема самоубиство, новинар(к)ите ќе објават информација од јавен интерес, а истовремено можат да ја минимизираат и евентуалната штетата од нивното известување.

СОС-линија за кризни состојби на Клиниката за психијатрија (24/7):
(02) 3136 400.

 

Продолжува: Како (не) треба да се известува за самоубиство: Воздржете се од сензационализам!


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење

Што не е јасно во текстот? Сè!

[Рецензија: СКАНДАЛОЗНО: Во Домот на млади во Штип исмевање на Богородица – граѓаните прашуваат какви трендови се шират кај младите? (ВИДЕО)]

 

Текстот што го рецензираме претставува класичен пример за мешање баби и жаби. Написот информира за уметнички перформанс што се одржал во Домот на млади во Штип, но се поврзува со празникот Успение на Пресвета Богородица. Проблемот е што не е покажано дали двата настана имаат каква било поврзаност.

Линк до оригиналниот напис: СКАНДАЛОЗНО: Во Домот на млади во Штип исмевање на Богородица – граѓаните прашуваат какви трендови се шират кај младите? (ВИДЕО)

Датум и време на објавување: 4.9.2018

Датум на рецензирање: 10.9.2018

Рецензент: Ана Анастасовска

На 28 август оваа година, на еден од најголемите христијански празници, Успение на Пресвета Богородица, во Домот на младите во Штип беше организиран уметнички перформанс, со кои според граѓаните на срамен начин се „величи“ голото женско тело меѓу сите други облечени.

Написот почнува со информација за одржан уметнички перформанс и веднаш се наметнува дека перформансот, кој не им се допаднал на граѓаните, се одржал токму на големиот празник Успение на Пресвета Богородица. Перформансот граѓаните го оцениле како срамен начин на кој се величи голото женско тело.

Штом вака почнува текстот, се очекува надолу да има објаснување, поткрепено со изјави, факти и издржани новинарски аргументи, кои ќе го убедат читателот во тоа што е напишано на почетокот.

Според штипјани, подлото исмевање на женската плодност преку симулација на женското крвавање и разлеана крв во меѓуножјето на гола жена е јавен срам, поради датумот кога бил организиран, овој перформанс бил исмевање на Пресвета Богородица.

Се наведува дека, според штипјани, подло била исмеана женската плодност преку симулација на женското крвавење и разлеана крв во межуножјето на гола жена. Прво, крвавењето кај жените е природна работа и нема ништо срамно во тоа, а како сето тоа се поврзува со исмевање на женската плодност и особено каква врска има сето тоа со празникот и исмевањето на светицата Богородица, сè уште не е јасно. Точно е дека не е ниту упатно ниту толерантно да се исмеваат верските чувства на граѓаните, но овде немаме показатели дали такво нешто се случило или дали некој имал таква намера. Со ништо не е покажана и докажана поврзаноста меѓу перформансот и празникот – дали некој намерно инсистирал перформансот да биде токму тој ден или станува збор за случајност? Дали на перформансот бил на некој несоодветен начин спомнат празникот или не? Текстот за тоа ништо не кажува.

Според граѓаните, ако се земе предвид дека за штипјани ова е еден од поголемите празници со долга традиција младите масовно да ја посетат истоимената црква во Ново Село, институционално организирање еден ваков настан токму во Домот на младите е очигледно сквернавење на христијанската светост и исмевање на мајката Исусова.

Тука се посочува дека младите на овој ден требало да одат во црква, а не на вакви „срамни перформанси, кои ја исмевале мајката на Исус“. А, зошто тоа треба да биде така, цврсти наводи нема. Нема ниту изјави од граѓаните кои тоа наводно го рекле, со што таквите наводи ја губат својата тежина. Ваков начин на изразување со користење на зборовите „според граѓаните…“ е дел од политичкиот говор. Политичарите се тие што како народни избраници употребуваат вакви зборови, говорат во име на граѓаните, но тоа не се однесува и на новинарите. Новинарите не се од никого избрани и не е упатно тие да се ставаат во улога на народни трибуни. Она што новинарите можат и треба да го направат, е да соберат изјави од граѓаните и да ги претстават нивните ставови на објективен начин.

За штипјани голем проблем претставува што и овој пагански перформанс, посетен од малолетни и едвај полнолетни деца, е организиран во Домот на млади, институција што ја води општината, предводена од градоначалникот Благој Бочварски.

Веќе станува јасно која е целта на текстот, тој има политичка заднина. Дали малолетни и „едвај полнолетни деца“ ќе можат или нема да можат да посетуваат театарска претстава не е надлежност на градоначалниците, туку на самиот театар, на авторите на конкретната претстава и, конечно, на родителите на децата. Настрана фактот што не е јасно што значи тоа „едвај полнолетни деца“. Некој е или малолетен, односно е помлад од 18 години, или е полнолетен и е постар од 18 години. Правото и законите не познаваат категорија „едвај полноелтни деца“.

Целиот текст е непрофесионално изработен и освен наводи, не содржи ништо друго. Задача на новинарот не е да наведува и да манипулира, туку да информира. Кога го читате текстот имате чувство како дејството да се одвива во периодот на инквизицијата. Младите требало да одат во црква, а не на вакви „срамни“ уметнички перформанси. А, што е срамно во целиот перформанс, уште не е јасно. Дали целта навистина била исмевање на Богородица, и тоа останува енигма, бидејќи нема изјава од организаторот на перформансот.

 

Анонимните писма во медиумите како метод за манипулација на јавноста

Ниту Новинарскиот кодекс на Здружението на професионални новинари на Македонија ниту пак Прирачникот за етика на новинарството на ЗНМ не го уредуваат начинот на кој медиумите во Република Македонија би требало да се однесуваат кон анонимните писма на читателите, туку тоа им е оставено на уредувачките политики на самите медиуми

 

Пишува: Југослава Дуковска

 

Дали медиумите треба да објавуваат анонимни писма на читатели или не? Оваа дилема е стара речиси колку што се стари и печатените медиуми, поточно откако постојат рубриките Писма на читатели или во англосаксонската журналистичка практика попознати како Letters to the Editor (LTE), а тоа е некаде од втората половина на 18. век. Рубриките во кои се објавувале писма на читателите, уште од самиот почеток биле најчитаните и најдискутираните страници од весниците.

Според општоприфатената пракса, било вообичаено да се објавуваат сите или речиси сите пристигнати писма до редакцијата, освен оние кои според својата содржина и обемност не соодветствувале, содржеле вулгарности или навреди на нечија сметка, без оглед дали тие биле потпишани или анонимни. Ставот анонимните писма до редакцијата, односно до уредникот на медиумот да не бидат објавувани добива на популарност во американските медиуми некаде од средината на 20. век, за постапно, до крајот на 90-те повеќе од  90 проценти од американските медиуми да имаат изградена редакциска политика за необјавување на анонимни дописи. New York Times објавува непотпишани писма во текот на 30-те години од минатиот век, а писма потпишани само со иницијали можеа да се сретнат во текот на 60-те и во Chicago Tribune, како и во Los Angeles Times.

Во средината на минатиот век, на темата дали да се објавуваат или не анонимни писма до редакциите, интензивно се дебатирало. Во журналот  The Masthead, кој бил гласило на уредниците на американските пишани медиуми, во своите есеи на таа тема, тие како главни аргументи против објавувањето анонимки ги наведувале своите стојалишта дека ваквите писма главно биле дело на „лудаци“ и на „вжештени глави“ кои како мотив имале „себични, лични агенди“ (An ethical “Blind Spot”: Problems of anonymous letters to the Editor, Bill Reader, Ohio University, 2005).

„За секој пишувач на писма кој го загубивме со барање да бидат наведени името, презимето и адресата на живеење, добивме уште барем десетина нови“,

вели еден од уредниците во есеј на таа тема (Carpenter, 1967, p. 80). Друг, пак, вели:

„Просечниот читател ги презира писмата потпишани од „граѓанин-набљудувач“ или „читател“, кои очигледно немаат храброст да излезат јавно со свое име и презиме“ (Andrews, 1968, p. 12).

 

Анонимките – орудие на безгласните?

 

Додека масовно се практикувало објавувањето на анонимни писма до редакциите, тоа било оправдувано со одбраната на слободата на говорот, бидејќи многупати анонимните обраќања до јавноста биле единствениот начин да се дојде до вистината за некој настан или процес, што се одвива подалеку од очите на јавноста, еднакво како што и користењето на анонимни извори на информации понекогаш се единствениот начин некоја информација да допре до јавноста. Токму заради ова, повеќето кодекси на новинарска етика во светот прифаќаат користење на анонимни извори, под услов претходно да утврдат кои се мотивите на изворот да бара анонимност. Иако во далеку помала мерка истото се однесува и за објавувањето анонимни писма – дури и во оние медиуми каде постои редакциска политика за необјавување анонимки – уредниците понекогаш признаваат дека токму анонимноста може да биде моќно орудие кое ќе им даде глас на безгласните, какви што се информаторите („whistleblowers“). Во веќе спомнатата студија, An ethical “Blind Spot”: Problems of anonymous letters to the Editor, авторот Бил Ридер анкетирал голем број уредници на поголемите пишани изданија во Соединетите Американски Држави на прашањето дали и под кои услови би објавиле анонимни писма на читатели.

Притоа, тој нагласува дека е важно да се направи разлика помеѓу анонимни писма доставени без да биде наведен идентитетот на испраќачот (анонимни писма) и оние кај кои податоци за испраќачот постојат и му се познати на новинарот или на уредникот, но каде авторот бара името да не му биде објавено, главно поради страв од реперкусиите кои тој лично или неговото семејство би ги имале поради објавената содржина, било на работното место, било во средината во која живее (непотпишани писма).

Општо гледано, уредниците посветуваат внимание на непотпишаните писма доколку сметаат дека авторите на тие писма имале добри мотиви или преземале сериозен ризик, посебно доколку се во прашање жртви на криминал или вработени во јавните служби, кои укажуваат на проблеми во работењето на своите претпоставени. Еден од уредниците вели: придобивката е во тоа што им се овозможува на повеќе луѓе, кои инаку се чувствуваат ограничени поради страв од губење на работното место, страв од физички напади или страв дека нивната куќа ќе биде исчкртана со погрдни графити, да прозборат за она што ги мачи. Друг уредник додава дека гарантирањето на анонимност на авторот на писмо често откриваат појава или настан кои претставуваат јавна опасност. „Го правиме тоа (објавуваме непотпишани писма) само доколку информацијата е верификувана и само тогаш кога се работи за тема што е доволно значајна за да се алармира јавноста“.

 

Клевети, гласини и измислени писма

 

Сепак, праксата во светските медиуми денес, како и препораките и принципите содржани во етичките кодекси на професиналните новинари ширум светот, покажуваат дека е неприфатливо објавувањето анонимни писма поради големата веројатност анонимноста на авторот да биде само покритие за дезинформација, клевета или навреда насочена кон конкретни личности или институции. Но, се чини, дилемата дали треба да се објавуваат или не анонимните писма, е особено актуелна во балканскиот медиумски простор, каде  овој демократски механизам на јавноста многу често е изложен на злоупотреби.

Во Кодексот на новинарите на Србија прашањето за (не)објавувањето анонимни писма е најелаборирано уредено:

Со новинарство е неспоиво објавувањето на неосновани тужби, клевети, гласини, како и на измислени писма или писма чиј автор е непознат или пак чијшто идентитет не е проверлив. Насоки: Содржината на писмата што се објавуваат мора да бидат во склад со начелата на професионалната етика. Дури и кога адресата на испраќачот не се објавува, таа мора да и биде позната на редакцијата. Доколку постои сомнеж во идентитетот на испраќачот, писмото не би требало да се објави. Објавување на измислени писма не е дозволено, како ни интервенирање во писмо без согласност на авторот“.

Објавувањето анонимни писма во бројни црногорски медиуми, неодамна беше причина за голем скандал во јавноста во Црна Гора, попознат како „афера Брајушковиќ“, при што минатиот месец реагираше и тамошниот Медиумски совет за саморегулација. Тие го осудија објавувањето анонимки, во кои се наведуваат имиња на лица, наводно учесници во полициските „црни тројки“, кои организирале напади и претепувања на новинари и опозициони активисти, а меѓу нив и на покојниот црногорски новинар Душко Јовановиќ.

„Медиумскиот Совет за саморегулација го смета за непрофесионално објавувањето на анонимно писмо и третирање на истото како доказен материјал за тврдењата во текстот, дотолку повеќе што лицата се обвинуваат за тешко кривично дело, а притоа им се наведува целото име и презиме“,

стои во соопштението на Советот.

Во медиумите во Република Македонија главно опстојува една недефинирана ситуација во која, декларативно, сите се залагаат за необјавување на анонимни содржини било од етички било од практични причини (можност да бидат обвинети за клевета). Па, сепак, анонимни писма многу често осамнуваат на страниците на пишаните, печатените и електронските медиуми во земјата. Но, каде завршува потребата да се соопшти една вистина без притоа информаторот да сноси последици за својата храброст, а каде почнува манипулацијата со вистината од комотната позиција на анонимен пишувач? И што кога единствениот мотив за објавување на анонимно писмо е дискредитација на политички или бизнис противник, конкурент?

 

Дискредитација на политичките противници

 

Минатата недела, на 27 ноември, сајтот think.mk објави анонимно писмо на граѓанин, во кое се дискредитира градоначалникот на Општина Куманово, Зоран Дамјановски, кој инаку ѝ припаѓа на опозицијата. Писмото го обвинува Дамјановски дека ја саботирал акцијата на Владата на РМ за садење на дрва така што „ги заборавил учениците кои чекале превоз“ пред своите училишта за да учествуваат во пошумувањето, односно не биле испратени доволен број автобуси за да ги прифатат учениците. Анонимниот автор се прашува:„ Дали е ова уште еден контра-проект на опозицијата?“ И коментира: „Срамота!“ Демант за тврдењето дека кумановскиот градоначалник ја бојкотира акцијата за садење дрва се појави на еден друг портал, каде е објавена фото-репортажа за садењето дрва на локалитетот Архангел Михаил, кумановско, во кое учествуваше и Дамјановски. Сепак, соодветен демант не се појави и на порталот каде беше објавено анонимното писмо против Дамјановски, ниту, пак, медиумот се потруди да ја доистражи темата од анонимното писмо (дали Дамјановски ја бојкотираше акцијата, чија вина е недоволниот број автобуси за превоз на учениците тој ден и слично).

Дека објавувањето на анонимни писма со дискредитирачки содржини само формално се ограничува, а всушност доста интензивно се практикува во медиумите во Република Македонија, покажуваат неколкуте флагрантни примера на таквата практика, кои осамнаа во различни медиуми за релативно кус временски период. Меѓу нив посебно место зазема анонимното писмо од вработен во компанијата „Фершпед“, упатено на 24 ноември годинава преку страниците на дневниот весник „Дневник“ до директорот на таа компанија, Штерјо Наков, кој речиси две децении важеше за „недопирлива“ фигура на македонската транзициска бизнис-сцена. Писмото на анонимниот вработен изобилува со инсајдерски информации за начинот на кој Наков со негови најблиски соработници раководел со „Фершпед“ и како тоа лошо влијаело врз работењето на фирмата. Расплетот во „Фершпед“ непосредно по објавувањето на ова писмо (најблиската соработничка на Наков, Кираца Трајковска, го пријави во полиција зашто била спречена да влезе во просториите на фирмата, а потоа јавно, преку соопштение ги повика вработените да го спречат натамошното незаконско и штетно раководење на Наков и на неговиот син со „Фершпед“) кој следеше една недела подоцна, несомнено покажа дека објавувањето на писмото, како и кршењето на непишаното правило анонимки да не се објавуваат, воопшто не биле случајни потези.

Типичен пример за анонимно писмо, кој се чини, сѐ почесто добива простор во домашните медиуми, најчесто портали со таблоидни содржини, е неодамна објавеното анонимно писмо на порталот МАКТЕЛ на вработен во Општина Охрид дека скорешното вработување на помошник-началничката за урбанизам на Општината било покритие за нејзината љубовна врска со шефот на кабинетот на градоначалникот! Текстот, инаку, е опремен таман како за еден таблоид: пред насловот, вообичаено, стои назнаката: скандал, скандалозно, шокантно, а самиот наслов секогаш донесува експлицитно тврдење, во нескриена форма (СКАНДАЛ: Раководител во Општина Охрид си ја вработил љубовницата и по цел ден се сексаат затворени у канцеларија!)

Заедничко за сите овие примери е тоа што анонимките објавени во медиумите обично се занимаваат со „ликот и делото“ на личност на која не ѝ е особено наклонет медиумот, поточно, тие како по правило дискредитираат личности од спротивниот табор – опозиционерите се на „тапет“ во медиуми со ставови блиски до власта и, обратно, претставници на локалната или централна власт се тема во анонимните писма што се објавуваат во проопозициони медиуми (писмото за Штерјо Наков од „Фершпед“, кој веќе подолго време не е во „милост“ кај актуелната владеачка гарнитура, објавено во „Дневник“, анонимката за локален функционер во Охрид објавена на портал близок до опозицијата). Заеднички елемент им е тоа што не се занимаваат со детектирање на некој општествено значаен проблем, туку попрво се занимаваат со приватните животи на личностите кои се предмет на анонимките. Затоа и нема многу примери во кои анонимниот допис до редакцијата ќе иницира истражување на темата за која станува збор, односно професионален пристап на темата, доколку тоа таа навистина го заслужува.

„Ние како уредници порано често сме добивале анонимни писма во кои било наведено кој и колку крадел во некоја фирма. Но, ние никогаш не ги објавувавме тие писма бидејќи тие не беа потпишани, па според тоа никој не бил подготвен за наведеното да одговара. Затоа и ги фрлавме во кошници за отпадоци. Таблоидите станаа како канти за отпадоци, но нарачателите на анонимните писма се многу поважни. Тоа не го прават самите новинари, тоа го „пакуваат“ политичари, тајни служби едни против други“, 

вели Миломир Мариќ, некогашен уредник на белградскиот неделник „ДУГА“, во неговиот најблескав период, за истражувањето на European Journalism Observatory, под наслов Како пропадна српското новинарство.

Објавувањето на анонимни писма во медиумите како метод за пресметка со личности кои не се поддржувани од тие медиуми се користи како форма на притисок. Во такви случаи, медиумот е ставен во функција на одредена агенда, нечии конкретен политички или бизнис интерес, а на рубриката Писма на читатели одземена ѝ е функцијата на отворен демократски форум, што и била првобитната намена. Ниту Новинарскиот кодекс на Здружението на професионални новинари на Македонија ниту пак Прирачникот за етика на новинарството на ЗНМ не го уредуваат начинот на кој медиумите во Република Македонија би требало да се однесуваат кон анонимните писма на читателите, туку тоа им е оставено на уредувачките политики на самите медиуми. Недостатокот на експлицитна етичка препорака само ѝ погодува на оваа сива зона во македонските медиуми, во која далеку полесно им се отстапува простор на анонимни писма со дискредитирачка содржина.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.

Односот меѓу порталите и интернет-верзијата на традиционалните медиуми

Поимот јавен карактер е во опасност и зема друга конотација и токму тоа треба да биде мисија на сериозните медиуми, да ја сочуваат и да ја одгледуваат информацијата од јавен интерес, но прво треба да постигнат една поголема свесност кај публиката за самиот поим, а потоа им останува ним да ја прават разликата. Не треба да се измешаат активностите на истиот медиум во линеарниот модел (традиционален), со оној интерактивниот на веб. Тие се две различни нешта од една иста марка.

Пишува: Агрон Врангала

Медиумите, вклучувајќи ги телевизијата, радиото и печатените изданија, од својот почеток се движеле преку еден еволутивен животен циклус и продолжуваат да се развиваат сè повеќе, фрагментирајќи ги понудите на медиумите. На сличен начин, интернетот како медиум еволуирал во еден силен простор на информација што нуди комуникација во реално време, забава и вклучување на пазарната економија. Со зголемување на бројот на директни потрошувачи, нивното внимание е оддалечено од традиционалните медиуми и тие се заменети со интерактивни медиуми. Ова поместување кон интернетот е пречекано како нов чекор, кој овозможува крајна демократизација на општеството затоа што овозможува комуникација, отворање дијалог и слобода на изразување на секој граѓанин, во секое време, од секое место на светот. Меѓутоа, тука е и проблемот со бројните информации, нивната релевантност, анонимноста на корисниците и со веродостојноста на аргументите.

ПОРТАЛИТЕ НА ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ МЕДИУМИ

Сите весници, списанија, радиостаници и телевизии сега веќе имаат и интернет-адреса. Доколку медиумите сакаат да допрат до публиката, тогаш тие мора бидат до неа, таму каде таа се движи и каде што го поминува најголемиот дел од времето. Постои една изрека која вели Ако една информација е важна, таа ќе ме најде мене“. Сега, значи, ние не сме веќе тие што трчаат по информациите, туку информациите трчаат по нас.

Како прво, ова се поврзува и со економскиот интерес на инволвираните страни, кои на одреден начин беа присилени да се согласат со оваа реалност што допира директно врз нивната економија. На пример, плаќачите на рекламите не се веќе толку дарежливи да плаќаат огромни суми за скапоценото телевизиско време кога се емитува некоја емисија во живо, бидејќи тие многу лесно можат да ги информираат нивните потрошувачи преку интернет на најразлични начини и по многу пониски цени. Тука се и социјалните мрежи што нудат бесплатен, или, пак, маркетинг по многу ниски цени.

Постои и опцијата „boost post“ (потиик-објава). Управувачите на разните фејсбук-страници (fan page), ја користат оваа опција кога сакаат да го зголемат бројот на следбеници или да промовираат некој нов производ. Потоа, на другите корисници што не се следбеници на оваа страница им се појавува опцијата „suggested page“ (препорачана страница), што ги поканува да направат „like“ на таа страница. Традиционалните медиуми треба да се фокусираат и треба да го користат интернетот како силно оружје за да ги предизвикаат тие што немаат локација и чија единствена локација е вебот. Од професионална гледна точка, очигледно е дека порталите на традиционалните медиуми се поподготвени, бидејќи тие потекнуваат од еден традиционален модел на работење. Персоналот од искусни новинари и квалитетот на нивната информација е повисок. Тие не се занимаваат многу со неважни вести  и со скандалите на важните личности, туку се заинтересирани да ја информираат јавноста за настаните од јавен интерес.

И поимот јавен карактер е во опасност и зема друга конотација, па токму тоа треба да биде мисија на сериозните медиуми, да ја сочуваат и да ја одгледуваат информацијата од јавен интерес, но прво треба да постигнат една поголема свесност кај публиката за самиот поим, а потоа им останува ним да ја прават разликата. Не треба да се измешаат активностите на истиот медиум во линеарниот модел, со оној интерактивниот на веб. Тие се две различни нешта од една иста марка.

Роб Фиксмер (Rob Fixmer), основачот и главен уредник на „Сајбертајмс“ (Cybertimes) (дел од „Њујорк тајмс“ на веб), објаснува дека неговата главна цел била да создаде оригинална содржина за објавување на веб. Ова била многу скапа идеја. За секоја оригинална информација објавена на „Сајбертајмс“ ќе беа потребни најмалку 1000 долари.

ПОРТАЛИТЕ БЕЗ ЛИНЕАРНА ТРАДИЦИЈА

Во оваа категорија спаѓаат тие интернет-страници кои откако го купиле доменот за да се сметаат за независни веб-страници, може да почнат со производство на информации. Новите интернет-страници, кои секој ден ги има сè повеќе и повеќе, не е неопходно да имаат една адреса на локацијата на нивната редакција, консолидиран персонал или, пак, поделен буџет за активности. Тие сметаат дека е разумно да функционираат повеќе на еден герилски начин, ослободувајќи се од сите услови што треба да ги исполни еден медиум. И покрај нивниот нихилизам, тие продолжуваат да постојат, но и да се следат во голема мера од јавноста.

Ова е затоа што го фатиле ритамот на интернет-информацијата, која најмногу се концептуализира во своето количество и обемност. Жолтиот печат, лажните вести, непотврдените вести, позајмените вести и сензациите се елементите со кои најмногу играат овие портали. И успеваат во тоа. По сè изгледа на одреден дел од публиката ѝ годи да консумираат вакви информации и не ги привлекуваат толку многу вистинските вести кои може да се корисни, но не толку забавни.

Самопрогласените портали, патат од недостиг на професионализам, не регрутираат нови новинари и има многу од нив што функционираат со одржување од страна на само една личност. Оваа личност во исто време е и главен уредник, новинар, директор на маркетинг, финансиски менаџер, реализатор итн.

Но, што, всушност, прави тој? Отвора неколку страници на весници и на телевизии и го гледа рангирањето на главните дневни вести и ги објавува на својот портал, понекогаш и без да го цитира изворот. Во овие случаи има кршење на авторските права и се стимулира таканаречената монотонија на информациите што кружат на веб, каде многу лесно може да се забележи копирањето и множењето на истите информации. Или има случаи каде што во обид да се измени истата вест, почнуваат да го менуваат редоследот на зборовите или параграфите, практика која ја оштетува структурата на информацијата, при што може да се загуби и нејзиното значење.

Вреди да се спомене дека постои една плејада портали кои инвестираат огромни суми за производство на вестите. Тие се поквалитетни и компетитивни и се достојни конкуренти на страниците на традиционалните медиуми што се префрлени на веб.

КОЈ Е ОБЕДИНУВАЧКИОТ ФАКТОР ЗА ДВАТА ТИПА ПОРТАЛИ?

Социјалните мрежи се местото каде што се среќаваат сите, бидејќи таму се наоѓа најголемиот дел од публиката, но истовремено социјалните мрежи се претвораат во еден „вир“, во кој е тешко да се направи разлика и истите предизвикуваат дезориентација и вршат психолошки притисок врз јавноста.

Разликата помеѓу професионалните и аматерските медиуми е многудимензионална, но показателите што го одредуваат квалитетот се: работното искуство, инвестирањето во технолошка опрема и инвестирањето во човечки ресурси. Би бил добредојден придонесот на медиумските експерти за да се споделат нивните емпириски искуства во врска со добрата употреба и со управување на интернет-медиумите од масовните корисници.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.