Проектот е финансиран од Европската Унија
Со критично мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк
Mendim kritik për qytetarë me shkathësi mediatike - CriThink
Critical Thinking for Mediawise Citizens - CriThink
Home Blog Page 277

Добра вест е само потврдената вест!

Good news red stamp

Пишува: Агрон Врангала

Зголеменото присуство на полициските сили, вечерта на 25 март, иницираше еден вид страв кај жителите на Кумановскиот Регион. Барем вака известуваа медиумите. Поради физичка неможност сите граѓани да бидат присутни на разни настани, на некој начин тие се зависни од информациите што ги нудат медиумите. Има многу теории за информацијата, нејзиното пакување, аглите и гледните точки, стилот на известување, квалитетот, брзината на информацијата и така натаму. Сите овие може да се дискутираат посебно, но од клучна важност е информацијата да не содржи нијанси на пропаганда. Уште повеќе, кога новинарот или медиумот сметаат дека станува збор за некоја чувствителна ситуација за јавноста. Тие што ја вршат репортерската работа знаат колку е тешко да се исчисти информацијата, за да не се создаде заблуда во јавноста. На крајот на краиштата, ова не подразбира некоја особена жртва што ја прави новинарот, туку едноставно, тоа е негова задача што тој треба да ја изврши.

 

„КУМАНОВО 2“

За многуте полициски сили што патролираат со тешки возила и со хеликоптери на неколку места во општина Липково и во Арачиново, првото нешто што можеби им паднало на памет на граѓаните би било сценариото „Куманово 2“. Иако потоа, според неколку извори се зборуваше за спречување на една заложничка ситуација меѓу групите на мигрантите, што беше  потврдено и од Министерството за внатрешни работи, не отсуствуваа паниката и стравот меѓу граѓаните. Во поттикнување на овој страв, без сомнеж, учествуваа и порталите во земјава.

Сè повеќе, бизнис-инвестициите и правилниците на владите за развивање на новите технологии и дигиталната комуникација стануваат дел од еден поширок глобален контекст, и не само тоа. Заштитниците на употребата на овие информатички технологии тврдат дека неконтролираниот пристап до информациите ќе нè носи до најголемата демократизација на општествата и до можности за економски подеми што се совпаѓаат со тие од развиениот свет. [2] Неизбежниот конкурс на модерното општество е за очите, ушите, вкусовите и за симпатиите на големата аморфна јавност.[3]

Забележливо е дека со масовната употреба на интернет-медиумите, главно на неколку портали без искуство во вршење на новинарската професија, зголемен е и бројот на непотврдените информации, но што достигнуваат голема прегледност. Доколку се направи една споредба меѓу традиционалните медиуми и порталите, се забележува една разлика, пред сè, во одговорноста на секој од нив. Колку повеќе се инвестира во еден медиум, толку повисока е неговата одговорност кон публиката.

Не вреди да го раскинеш договорот што си го склучил со јавноста само за неколку прегледи повеќе што ќе ги достигнеш со една непотврдена вест. Никој не би го посакал ова, но сепак ни се случува. Освен јавната критика, но и личното незадоволство што ќе го доживеат новинарите кога станува збор за создавање на една погрешна приказна, едно од неубавите чувства е тоа кога на крај ќе добијат и една жалба од уредникот, за тоа зошто биле совладани од конкуренцијата.  [4]  А порталите, во повеќето случаи, не се составени од вообичаената хиерархија на определување на задачите. Таму обично го немаш уредникот да ти стои „над глава“ за каков било пропуст или грешка што си ја направил како новинар. Твоја одговорност е тоа што ќе го направиш со тоа парче информација што го имаш.

 

КАКО ВЕСТА ДА НЕ ЈА ПРОМЕНИ СВОЈАТА ПРИРОДА НА ПАТ КОН ПУБЛИКАТА?

 Навистина, усогласувањето на дискурсот е суштината на известување на вестите, како што е „вест“ тоа што еден авторитетен извор му го кажува на еден новинар, додека, пак, претставениот дискурс обезбедува една гаранција на сигурност и на легитимност. Кога станува збор за застапеност на други „гласови“, суштинско за известување на вестите е да се толкува реалноста во дискурсот.

Има многу теории за вистината и за објективноста. Филозофите понудиле теории на вистината во смисла на „реалноста“ (или совпаѓање со фактот), кохерентност на идеите, оправданото верување или успешното предвидување. Но, не играле сите теории доминантна улога во историјата на новинарската етика. Новинарската практика се обидела да се потпре на една едноставна верзија на поимот на вистината, кој го истакнува точното отсликување на надворешните настани. Според оваа призма, една изјава е вистинита доколку таа точно го опишува еден предмет, факт или состојбата на една работа во реалниот свет.

Начелото на објективност останува во игра. „Традиционалната објективност“ – значи оригиналниот поим на објективноста на вестите. Овој примат како таков, првпат е прифатен од новинарите во печатените медиуми во САД на почетокот на 20 век, а потоа беше продолжен и од нивните колеги од Канада. Објективноста не беше многу популарна во европското новинарство. Во срцето на традиционалната објективност е идејата дека новинарите треба да нудат праведна информација, непристрасна, без предрасуди или мислења. Идејата е да се направи едно резиме на императивот „да останеме верни на фактите“, секогаш избегнувајќи ја едностраноста.[5] Доколку ова се постигне, завршува заблудата и паниката, некогаш и ненамерна, што може да се шири во јавноста.

 

Референции:

  • [1] Louann Haarman Linda Lombardo: Evaluation and Stance in War News, печати: Continuum International Publishing Group, New York, 2009.
  • [2] Amos Owen Thomas: Imagi-nations and borderless television: media, culture and politics across Asia, печати: Sage Publications, 2005, New Delhi.
  • [3] Stephen Coleman and Karen Ross: The Media and the Public “Them” and “Us” in Media Discourse, печати: A John Wiley & Sons, Ltd., Publication, Great Britain, 2010.
  • [4] Anthony Collings: Capturing the news : three decades of reporting crisis and conflict, печати: University of Missouri Press Columbia and London, 2010
  • [5] Lee Wilkins and Clifford G. Christians: The handbook of mass media ethics, печати: Routledge, New York, 2009.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење

Секоја оставка не е крах

 

[Рецензија: КРАХ ВО СДСМ: Петар Атанасов си поднесе оставка од пратеничката функција]

 

Текстот што го рецензираме се базира врз шпекулации и непроверени информации. Написот е нецелосен и има цел да ја манипулира јавноста и да шири лажни вести.

Линк до оригиналниот напис: КРАХ ВО СДСМ: Петар Атанасов си поднесе оставка од пратеничката функција

Датум и време на објавување: 26.8.2018

Датум на рецензирање: 31.8.2018

Рецензент: Ана Анастасовска

Насловот на написот е сензационалистички. Со самото тоа што се наведува дека настанал „крах во СДСМ“, привлекува внимание и ги тера читателите да го кликнат. Но, внатре во текстот, читателите нема да наидат на цврсти и проверени информации, туку само на шпекулации.

Написот на почетокот пренесува информација дека „Пратеникот Петар Атанасов си поднесе оставка од фунцијата пратеник во собранието на Република Македонија“.

Но, подолу нема објаснување на таквата информација и нема одговор на прашањето: Зошто?

Наместо одговор, на читателот му се понудени шпекулации.

Шпекулациите одат во насока дека тој се противи на Договорот од Преспа и референдумот за промена на уставното име, но повеќе информации ќе имаме во текот на утрешниот ден.

Ако новинарот слушне шпекулации, треба да ги провери, а не само да ги пренесе и да застане таму. Тоа е спротивно на новинарските стандарди. На тој начин се шират лажни вести во јавноста.

Ваквите „шпекулации“ се уште посмешни ако се има предвид дека причината за оставката на Атанасов од пратеничката функција беше позната и ја пренесоа други медиуми. Атанасов беше предложен за заменик-министер за образование и поради тоа мораше да ја напушти функцијата пратеник.

Целиот текст е празен, несериозен, без цврсти и проверени информации. Тој има само една цел, а тоа е ширење лажни вести и манипулирање на јавноста.

 

Умните луѓе прифаќаат разумни мислења

Дали некаде постои патриотметар, некоја направа што го мери коефициентот на патриотизам кај граѓаните? Ако има, тој што сака да опонира на ова мислење, треба да приложи резултат од тоа мерење. Колку што ми е мене познато, има тестови за интелигенција, ама за патриотизам…

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Колумната како израз на слободата на говорот е ултимативен концепт кој ја потврдува таа слобода. Но, колку повеќе земаме од слободата, толку повеќе треба да бидеме одговорни за моќта на зборот и за неговото влијание.

Ако ја земаме слободата во свои раце за да пишуваме на теми кои се особено чувствителни во одреден период, треба секогаш да си го поставиме прашањето: Дали моето мислење, изразено во новинарски формат, како медиумска соржина, ги продлабочува конфликтите, ги нагласува разликите, ги форсира стравовите, ги стигматизира оние со спротивно мислење…? Доколку одговорот на овие прашања е потврден, тогаш нешто со нашата колумна не е во ред. Доколку, пак, немаме доблест да си ги поставиме овие прашања и доколку не нѐ интересираат одговорите, тогаш треба да знаеме дека не сме достојни да пишуваме колумни, односно медиумски содржини кои го овозможуваат афирмирањето на личното мислење.

Препораките, тезите, она што можеме да го препорачаме како ука кога станува збор за колумните, мислењето, личните ставови, како новинарски жанр, ќе ги разгледаме низ укажувањата на кои нѐ предупредуваат два текста од овој жанр: Балканот се тресе – Македонија влегува во војна?! и Колумна на Наталија Ивчева: Крвни непријатели, алчни слепци, задоени предавници. Доста е, ова ќе ви биде крајот!

„Војна, крв, изроди, надворешни и внатрешни непријатели, алчни слепци, задоени предавници, курташак, вазал, предавници, паразити, геноцид, предавници, продадени души, вие и ние…“ Ова е репертоарот на зборови употребени во контекст кој единствено што оцртува е еден катаклизмичен исход со кој, наводно, е соочена нацијата, кој едноставно, е сосема погрешен.

Тој репертоар на зборови, здружен со потребата да се заплашува, неподносливо лесно е ставен и употребен за да се создадат фантазмагорични сценарија и да се изнесат шокантни претпоставки/најави/ставови, кои единствено имаат цел да ја вознемират јавноста.

За да биде неодговорноста илустрирана докрај, еден од двата текста што ги земаме како студии на случај, за да го демистфицираме овој начин на пишување мислења и колумни и да насочиме кон најдобрите практики за овие жанрови,  е објавен во рубриката „Забава“.

 

ЛИЧНОТО МИСЛЕЊЕ НЕ МОЖЕ ДА ОТСТАПУВА ОД ВЕЧНИТЕ СТАНДАРДИ НА НОВИНАРСТВОТО

Дури и кога се „облекува“ во лично мислење, медиумската содржина не може да отстапува од вечните стандарди во новинарството, а тоа се вистината и фактите.

Тука веднаш да кажеме дека мислењата се разликуваат од фактите. (Повеќе на оваа тема еднаш веќе пишувавме тука, во рубриката „Новинарски лекции“, под наслов „Нема само една вистина, нема една Македонија“).

Мислењето е заклучок до кој дошол некој врз основа на, или поттикнат од фактите. Во голема мерка мислењата се формираат и од она за што луѓето сметаат дека е факт и, понекогаш, од  најверојатно вистинитите факти. Но, да го провериме тоа низ пледоајето на авторот на едно од мислењата што ги анализираме во оваа лекција. Авторот, иако анонимен, вели:

„Сепак, вистина може да има само една, а се друго се шпекулации и опасни ставови на поединци или движења, кои намерно го лажат народот за исполнувања на свои цели. Иако ситуацијата е многу сериозна, повеќето структуруи во државава сеуште го гледаат само својот ќар, ја тераат своеглаво својта агенда мислејќи само на својот џеб. Од таа причина јас нема да го искажам моето мислење на темата, воопшто нема да се обидам да застанам зад едните или другите, туку само ќе посочам факти.“

Убаво е тоа: „ќе посочам само факти“. Само што сите лекции по новинарство велат, фактите мора да бидат докажливи и недвосмислени.

„Фактите, најчесто, се дефинираат како информации кои опишуваат дека нешто се случило. Тие можат да бидат директно осведочени од новинарот или прифатени како такви од некој што ги соопштува. И во двата случаи за овој тип факти се претпоставува дека се точни. Во секој случај, пред да известува за нив, секој новинар мора да препознава дека изјавите во врска со фактите доаѓаат од веродостојни и релевантни извори. Тоа го преодредува начинот на кој тие факти ѝ се презентираат на медиумската публика.“ („Нема само една вистина, нема една Македонија“)

Мислењата, пак, врз основа на такви, докажани, факти можат да бидат различни. Но, фактите мора да бидат докажани за да биде мислењето валидно.

Тука ќе направиме само една куса дигресија. Анонимноста како потпис под мислењата е бесмислица. Кога станува збор за мислења, колумни, лични ставови – нема анонимност. Тоа е злоупотреба на новинарскиот жанр. Толку е доста за ова.

 

МИСЛЕЊА ШТО ТРГНУВААТ ОД ЛАГИ, ЗАВРШУВААТ ВО УШТЕ ПОГОЛЕМИ ЛАГИ

Да продолжиме. Практиката познава дека има и такви луѓе кои формираат мислења и врз основа на докажани лаги. Едноставно, тие не веруваат во доказите, колку и да се трудите да им ги ставате пред очи. Оттука почнува создавањето медиумски содржини како мислења кои, со оглед на тоа дека тргнуваат од лаги, завршуваат како поголеми лаги.

Но, тоа не е единствената последица на така формираните и изнесени лични мислења. Посериозната последица е емотивниот набој, манипулацијата со примордијалните чувства (војна, крв, изрод, надворешни и внатрешни непријатели, алчни слепци, задоени предавници, курташак, вазал, предавници, паразити, геноцид, предавници, продадени души, вие и ние….) и со колективните стравови.

„Нема да западнеме во замките, да се занимаваме со тоа изродство ваше, а Вие бидете тоа што сте, шетајте се и бесрамно ширете омраза, гнев, но немојте под превезот и лицемерието за подобра Македонија! Вие имате сѐ во вас но немате чувство, немате љубов кон татковината и кон сопствениот народ и немате право да зборувате за доброто на Македонија.“

Ова е само еден мал дел од емоциите во оваа колумна. Таа во својот набој е екстремно категорична. Вообичаено е на мислењата да се спротивстават други мислења. Тоа е сосема очекувано заради дебата, заради динамика на мислата во општеството. Медиумите, со овие форми, треба да го обзебдеат тоа. Но, како да спротивставите мислење на овие емоции. Како? Дали некаде постои патриотметар, некоја направа што го мери коефициентот на патриотизам кај граѓаните. Ако има, тој што сака да опонира на ова мислење, треба да приложи резултат од тоа мерење.

Колку што ми е мене познато, има тестови за интелигенција, ама за патриотизам…

Во текстот „Балканот се тресе – Македонија влегува во војна?!“, освен што крајно неодоговрно е преземен текст од анонимен профил на некоја социјална мрежа, е злоупотребена и фотографијата, небаре тенковите се пред нашите порти.

Во ситуација кога е неопходно да се биде промислен, разумен, претпазлив, умерен…, овој тип на мислења само ги продлабочуваат конфузиите, фрустрациите и стравовите. Освен тоа, како да се објасни мислење кое зборува за поделби и за предавници, а самото тоа ги продлабочува тие поделби и повикува на пресметка со „предавниците“. Контрадикторно е тоа.

Не помалку важна е и позицијата на медиумот и на уредништвото кога треба да одлучат дали некое мислење ќе се објави или не. Во такви ситуации, мора да се има предвид јавниот интерес.

Како и да е, од медиумите се очекува да имаат јасни и професионално соодветни правила за тоа како објавуваат факти и мислења и на кој начин на публиката ќе ѝ стават до знаење што е што. Зашто, од поголемиот дел од медиумската публика не можеме да очекуваме да бидат медиумски писмени за секогаш да разликуваат факти од мислења.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење

Користење фотографии

Фотографијата како илустрација на текстот, не смее да манипулира, непотребно да го привлекува вниманието или да предизвикува вџашеност кај читателот, доколку за тоа нема исклучителни околности, кои би ја оправдале таквата пракса. Користењето архивски фотографии секогаш треба да биде јасно означено.

 

Пишува: Саше Димовски

 

Читателка на Сервисот за проверка на факти од медиумите, реагирала до неколку медиуми и барала да отстранат фотографијата на која се гледало нејзиното возило, кое што било испрскано со спреј при нејзин поодамнешен престој во Грција. Како што ни пишува читателката, таа фотографија сега се кориости за секој инцидент со оштетено возило во Грција, а тоа ја вознемирува и не сака да се потсетува на настанот. Но, таа и ни бара совет, како фотографијата да биде повлечена, бидејќи и покрај нејзините реагирања ниту еден медиум не ја повлекол и продолжиле да ја користат.

Низ неколку примери ќе се обидеме да ѝ одговориме на барањето на читателката и нејзините дилеми што ги поставува, а во исто време ќе ги потсетиме медиумите на правилата, нормите и етичките принципи при користење на архивски фотографии.

Во конкретниот случај, предмет на анализа е фотографија на која се гледаат графити напишани со спреј, фотографирано на пат, на јавна површина и без потенцирање на регистарските таблици, преку кои би можело евентуално да се дознае и идентитетот на сопственикот на возилото.

Дали медиумите можат да ја користат оваа фотографија како архивска, за илустрација кога информираат за други инциденти, или таа треба(ло) да се користи само за веста и времето кога бил регистриран инцидентот? Ова, секако е најважното прашање, не само за оваа, туку и за користење на било која фотографија од архива, која служи за илустрација на настанот.

 

ЈАВЕН ПРОСТОР – ЈАВНА ФОТОГРАФИЈА

Секако дека може, бидејќи јасно е дека не може секогаш и од секое место да се обезбеди фотографија, па затоа и постојат т.н. архиовски фотографии, кои ќе го илустрираат настанот, со тоа што, треба да се внимава, тие да бидат соодветни на темата или контекстот за кој се пишува и да не содржат елементи кои можат да ја нарушат приватноста или да имаат последици врз лицата кои можат дасе видат или препознаат на одредени фотографии.

Споменатата фотографија со оштетеното возило, накое нема опасност од повреда на приватноста, може и понатаму да се користи како „архивска“ ако се информира за слични инциденти, со тоа што, медиумите мора да нагласат дека станува збор за архивска фотографија, или да ја решат дилемата дали фотографијата е „нова“ или „стара“ со легенда под фотографијата, каде што ќе дадат описно објаснување за местото или времето на настанување на фотографијата.

На пример: „Десетина граѓани се вратија со оштетени возила од минатогодишниот одмор“.

Со ваквото објаснување ќе се елиминира можноста и тој што евентуално би го препознал возилото, да се јавува и да ги прашува сопствениците за инцидентот и неколку години потоа.

Сепак, тоа на што посебно треба да внимаваат медиумите е користењето на архивски фотографии од несреќи и загинати луѓе, кои можат да вознемират поширока публика, а во исто време да ја нарушат приватноста на личностите и нивните семејства.

Доколку станува збор за карактеристични настани, убиства, сообраќајни несреќи, пожари или слично, кои биле карактеристични и се случиле на места што се лесно препознатливи, тие фотографии не можат да се користат како илустрации за вести случени на друго подрачје.

На пример, последните фотографии од убиствата кои се случија во Вевчани и Охрид, пред или во угостителски објекти, не можат да бидат илустрација за евентуална вест од настан кој се случил на друг дел од земјава, доколку тоа не е пропратено со соодветна легенда под фотографијата, што би го оправдало нејзиното реобјавување.

 

ФОТОГРАФИЈАТА ДА ИНФОРМИРА, НЕ ДА ШОКИРА

Факт е дека фотографијата е првото нешто што го привлекува вниманието на читателот и затоа мора да се објасни дали е автентична фотографија, дали истата е архивска и се однесува на друг настан, место и време или пак станува збор за фотомонтажа.

Читателите не успеваат секогаш да ја распознаат разликата меѓу фотографиите и затоа, било каква манипулација од страна на медиумите преку фотографијата би била недозволива.

Медиумите посебно треба да внимаваат и за користење на фотографии кои им служат како илустрација за убиства и сообраќајни несреќи: како што се фотографиите со крвав нож, скршени стакла со крв или само крв. Тие фотографии, без оглед што не нарушуваат ничија приватност, не откриваат идентитет на луѓе, предизвикуваат вознемиреност кај пошироката публика, вклучувајќи ја, пред сѐ, малолетната публика, која независно дали станува збор за весници или интернет изданија лесно може да дојде до нив. Телевизиите имаат обврска да предупредуваат за содржини кои можат да ја вознемират публиката, што не е случај кај весниците и интернет порталите и затоа изборот на соодветна фотографија е вистинска умешнот.
Тргнувајќи од барањето на читателката, за која говориме на почетокот на лекцијата, да потенцираме уште еднаш дека сѐ што е сликано на јавен простор, на јавна површина, на настани, манифестации или собири може да се користи и реобјавува, но треба да се внимава да биде соодветно на контекстот за кој се информира. Секоја злоупотреба на овие принципи би била спротивна на Кодексот на новинарите и на моралните и етичките стандарди во новинарството. Некои фотографии ќе засегнуваат одредена категорија на луѓе и тука медиумите не можат многу да променат, но најважно е, фотографиите да не се користат за намерно да засегнуваат одредени групи или поединци.

Во голем број случаи, и фотографиите се користат како говор на омраза што секако, е недозволиво и претставува најгрубо кршење на новинарските стандарди.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.

Медиумите во служба на јавниот интерес, а не на партиите

Пишува: Џенис Сулимани

Организирањето и дејствувањето на политичките партии претставува една движечка сила на демократските процеси. Партиите се разликуваат една од друга преку идеологијата што ја бранат, а нивната цел е власта – институционалната сила – за да владеат со политичките процеси кои се однесуваат на општиот интерес. Зборот партија (политичка) доаѓа од латинскиот збор парс – што значи „дел“ и од зборот „партие“ – што значи поделба. Оттука, можеме да кажеме дека една политичка партија не е само еден дел од јавниот интерес или од општествената целина.

Затоа, медиумите не треба да се фокусираат само на една политичка партија бидејќи целта на медиумот е јавниот интерес како целина, а не само дел од него. Медиумот има цел да даде една слика за партискиот и политичкиот колорит. На овој начин, медиумот ѝ ја овозможува на јавноста реалната слика врз политичките околности, партиските обиди и резултатите. Еден ваков пристап би ѝ дал додатна вредност на демократијата и би создал простор за самите граѓани, на информиран начин да одлучат за партиските и за идеолошките бои.

Во Македонија, разни медиуми се веќе обоени политички, пропагирајќи за еден „парс“ (читај: парцијален/групен/клански интерес), на општеството, отфрлувајќи, притоа, еден друг дел како непостоечки или нерелевантен.

Политичките дебати се најдобриот начин за да се заврши прашањето што го покренав во оваа лекција. Дебатата, како една од областите каде што можат да се „судрат“ идеите на разните партии за политичките концепти и реализирањето на политика, во интерес на јавноста е да се пренесе преку медиумите на транспарентен и непристрасен начин.

Во продолжение ќе прикажам неколку негативни примери на пренесување или емитување на политичките дебати во други медиуми, каде наместо да се известува за дебата, во целост се даваат вести само од една партиска линија. Вака, наместо медиумот да ја врши услугата кон општеството, давајќи целосни информации и во интерес на јавноста, тој му служи само на еден „парс“ од целината.

„Меџити има еден одговор за Ибрахими од Беса

Во меѓувреме, потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, имал еден одговор за претставникот на движењето Беса, Зеќирија Ибрахими, кој на тркалезната маса одржана денеска во Скопје му поставил едно прашање на Меџити. „До мојот пријател Зека, имам еден одговор: Кога критикувате од утро до вечер и ние трпиме, трпете и вие една мала критика кон вас“.“

Новинарот не треба да си даде себеси привилегија за да биде диригиран од партиски убедувања кога ја врши новинарската функција. И, во ниту еден момент не смее да стави акцент само врз едната страна, ингорирајќи ја другата страна што учествува токму во истата дебата.

„Зеќирија Ибрахими го надмудри Изет Меџити?!

Во една дебата, организирана вчера од Албинфо.цх, каде дискутираа албанските партии, аналитичари и истражувачи од земјава, од Швајцарија и од Косово, во неговиот збор потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, без да биде во тек со дискусијата, го обвини движењето Беса дека стопанисува со два медиуми.“

Пристрасноста кон една партија нема врска со новинарството. „Новинарот треба да обезбеди професионално растојание од политичките субјекти“, советува Етичкиот кодекс на новинарите.

Карактеристика на демократијата е големиот број на политички партии, различните концепти што излегуваат на виделина за развојот на општеството, како и објективниот пристап на медиумите кон различните ставови за правењето политика. Затоа, улогата на медиумот е важна и помага во развојот на демократијата. Меѓутоа, ова се случува само во момент кога се пристапува кон сите партии како компонентен дел од целината, и не делејќи ги и изолирајќи ги според личното убедување или други начини. Читателот треба да добие реална слика за сите политички концепти што ги разликуваат партиите и на крај, преку својата волја, да го одбере концептот кој нему му се допаѓа. Но, уште еднаш ќе истакнам, само во моментот кога медиумот ги нуди објективно сите партиски идеологии. Секој друг пристап се смета за недемократски и со тенденција да се засилат системите на едномисленоста.

„НЕЗИРИ, ДО РАМАДАНИ: Зошто никогаш не дадовте објаснување за Бит Пазар?!

Шефот на централниот изборен штаб на ДУИ, Беким Незири, рекол дека во историјата на Албанците во плурализамот континуирано имало такви случаи како што беше кумановскиот или „Монструм“, (и кога владееле други албански партии), што како прашање беше поставено од страна на поранешниот пратеник на ПДП, Исмет Рамадани, сега политички аналитичар.“

Еден друг пристап или начин за да се „прикова“ другата партија или идеологија, го фаворизира или му дава значајност на „напаѓачот“, но не и на нападнатата страна.

„Исмет Рамадани го „прикова“ Беким Незири

Познатиот албански аналитичар во Македонија, Исмет Рамадани, во дебатата во „Клик плус“ на „ТВ 21“, насочил остри критики кон албанската партија на власт, односно кон претставникот на оваа партија, Беким Незири, пренесува новинската агенција ИНА.“

Политичките партии, имајќи ја предвид силата на медиумското влијание, често се обидуваат да ги привлечат материјално сопствениците на медиумите. Оваа тенденција, доколку има целосен успех, ќе доведе до тоа медиумите и новинарите да бидат слуги само на еден дел од општеството, а не слуги на општиот јавен интерес – што е клучна мисија на новинарството.

На крај, новинарите треба да бидат „платеници“ само на јавниот интерес, а не на политичките партии. Медиумот треба да ја одгледува и да ја зајакнува демократијата и да не пропагира само за една партија, дејство што води кон недемократски и авторитарни системи.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).