Проектот е финансиран од Европската Унија
Со критично мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк
Mendim kritik për qytetarë me shkathësi mediatike - CriThink
Critical Thinking for Mediawise Citizens - CriThink
Home Blog Page 278

Привлечен наслов да, ама не по цена на вистината

 

[Рецензија: Заев: Точно пресметав, 903.000 граѓани ќе гласаат за промена на името]

 

Читателите најчесто во првиот момент не го читаат целиот текст во весникот. Тие најнапред го разгледуваат насловниот блок и насловот и најчесто се задржуваат на вестите и информациите што со својот наслов најмногу им го привлекуваат вниманието, а потоа ја бараат дополнителната информација за да ја утврдат причината дали треба да го прочитаат целиот текст.

Насловот ја содржи клучната информација или главната вест. Тој мора да биде информативен, експресивен и економичен и, пред сè, точен во однос на содржината што ја најавува. Од насловот читателот добива кратка, комплетна и јасна информација што содржи текстот.

Линк до написот: Заев: Точно пресметав, 903.000 граѓани ќе гласаат за промена на името

Датум на објавување: 29.8.2018

Датум на рецензирање: 30.8.2018

Рецензент: Александар Писарев

Во насловот треба да се нагласи само она што претставува содржина на текстот и тој треба да биде вистинит. Насловот на овој текст „Заев: Точно пресметав, 903.000 граѓани ќе гласаат за промена на името“ привлекува внимание, бидејки се работи за моментно најактуелната тема во државата – референдумот за Договорот со Грција и нашето членство во ЕУ и НАТО. За жал, содржината на овој наслов не е вистинита и ги доведува во заблуда читатеите дека „903.000 граѓани ќе гласаат за промена на името“. Во насловот на премиерот му е импутирано нешто што тој воопшто не го кажал.

Подолу во текстот грешката е „исправена“ и точно се пренесени неговите зборови дека „нашето лице ќе биде цензусот, односно излезеноста на повеќе од 50 отсто од граѓаните од вкупниот број гласачи,  а согласно последниот избирачки список, тоа се 903.000 гласа, кои што треба да излезат најмалку на референдумот, за да имаме донесено одлука согласно Уставот како што е пропишано“.

Меѓутоа, штетата е веќе направена и читателите што го прочитале само насловниот блок ќе останат со убедување дека премиерот Заев рекол „Точно пресметав, 903.000 граѓани ќе гласаат за промена на името“. Тоа не е исто од она што навистина го рекол, бидејќи од тие претпоставени 903.000 граѓани. кои ќе излезат на гласачките места, дел од нив, според своето убедување, можеби ќе гласаат против договорот, што е нивно демократско право.

Насловот е реклама за текстот, привлечен излог, кој читателот треба да го погледне, кој треба да го повика читателот да го прочита текстот. Сите новинарски кодекси предупредуваат дека сè почесто таблоидите, а многу често и другите медиуми, во потрага по ексклузивност, не го почитуваат правилото дека насловот мора да пласира вистина и не смее да ги манипулира читателите и да ги залажува.

 

Турли-тава од фашизам, јакобизам и путинизам

 

[Рецензија: (ВИДЕО) ВАКОВ ОДВРАТЕН И ФАШИСТИЧКИ ГОВОР ДОСЕГА НЕ Е ЧУЕН: МАРТИН ЕНДЕК МОЖЕ ВОДА ДА МУ НОСИ НА ВМРОВЧЕТО ПУТИНИСТИЧКО, АПАСИЕВ, ВО СЕЧЕЊЕ ГЛАВИ И ВО ПРСКАЊЕ КРВ ПО УЛИЦИ!]

 

Острастеноста не му е непозната на новинарството, било да се работи за политичка, идеолошка, партиска, па и лична. Но, кога таа острастеност преминува во бескрупулозно оцрнување на избраниот противник, тоа може да испадне и смешно. Посебно кога сакате да дисквалификувате некого со видео старо цели 15 години.

Линк до оригиналниот напис: (ВИДЕО) ВАКОВ ОДВРАТЕН И ФАШИСТИЧКИ ГОВОР ДОСЕГА НЕ Е ЧУЕН: МАРТИН ЕНДЕК МОЖЕ ВОДА ДА МУ НОСИ НА ВМРОВЧЕТО ПУТИНИСТИЧКО, АПАСИЕВ, ВО СЕЧЕЊЕ ГЛАВИ И ВО ПРСКАЊЕ КРВ ПО УЛИЦИ!

Датум и време на објавување: 27.8.2018 

Датум на рецензирање: 28.8.2018

Рецензент: Стојан Синадинов

Насловот на веста веќе нè „препарира“ дека Димитар Апасиев, еден од првенците на партијата Левица, одржал говор со досега невиден фашистички набој.

Самата вест, пак, и не е вест, бидејќи не содржи никаква информација каде и кога Апасиев го одржал тој „фамозен“ говор.

Слушнете го говорот од архивата на говорите на Димитар Апасиев, чујте кој фашистички говор е ова. Мартин Протугер може вода да му носи на ова фашистичко и психопатско вмровче.

Тоа што се наведува дека е од архивата на говорите на Апасиев не значи многу: можеби е од пред два-три дена, можеби од пред деценија-две.

И, ако малку пребарате, ќе видите дека се работи за говорот на Апасиев како студент, пред 15 години, на ораторската вечер „Иво Пухан“ на Правниот факултет во Скопје. Како што и ќе забележите, не станува збор за авторски говор, ами за говор на лидерот на француската буржоаска револуција Максимилијан Роберспер. Така што, сето она што му се припишува на Апасиев е, всушност, кажано од Робеспјер. Впрочем, токму самиот Апасиев пред неколку дена на својот фејсбук-профил си го постирал „спорниот“ говор од тоа време.

Но, проблемот е што порталот „Народен глас“ измонтирал дел од „бомбите“ на СДСМ од 2015 во оригиналниот видеозапис што го постирал Апасиев.

Според порталот, испаѓа дека фашизмот е постар од јакобизмот на еден од водачите на француската буржоаска револуција, Максимилијан Робеспјер. Веста дискредитира еден актуелен македонски политичар, но со незнаењето буржоаската револуција добива и фашистички контекст.

А и малку од денес популарниот „путинизам“, како шлаг на тортата.

Зошто медиумско описменување?

Фото: Википедија/pixabay

 

Медиумската индустрија, нудејќи ни безброј производи што ги посакуваме – производи што се добри за нас – произведува и нуди штетни производи со кои по налог ја контаминира нашата култура, образецот на секојдневниот живот. Токму медиумската неписменост ја замаглува можноста за разликување на добрите од лошите производи

 

Пишува: Дејан Донев

 

Живеењето во свет заситен од пораки, во кој високото ниво на користење на информациите е повеќе од проблематично, го отвора проблемот на поставување вистински филтри за селекција на „добри“ информации. Медиумите се обидуваат, и тоа доста успешно, слабата филтрација со која се служиме како би се одбраниле од обилноста на информациите што во нашата култура агресивно ни се наметнуваат да ја свртат во своја корист. Имено, ги користат нашите навики создадени од нивното користење! Во овој случај стануваме програмирани и приемливи за мислењата што преку пораките што медиумите ги шират, ни се пренесуваат и *не водат кон усвојување погрешни мислења и ставови.

Оттука и прашањето за потребитоста од медиумската писменост, нужноста од медиумското описменување. Во спротивно, би имале лажно чувство на сатисфакција од информираност, која би се преведувала со поседување огромен број информации за *се она што се случува во светот. Но дали бројот на медиумите и медиумските пораки ја зголемува демократичноста, особено критичкиот став со кој се доаѓа до демократичност во општествата? Сликовито претставено, медиумската неписменост е опасна и штетна за човечкиот дух, отровна како контаминирана храна и вода за човековото тело. На пример, медиумската индустрија, нудејќи ни безброј производи што ги посакуваме – производи што се добри за нас – произведува и нуди штетни производи со кои по налог ја контаминира нашата култура, образецот на секојдневниот живот. Токму оваа медиумска неписменост ја замаглува можноста за разликување на добрите од лошите производи.

Затоа е нужна медиумската писменост, чија суштина е токму во „држењето на работите под контрола“. Ова „држење на работите под контрола“ и не е ништо друго освен едно повисоко ниво на медиумско описменување со кое се овозможува јасно согледување на границата меѓу реалниот, физичкиот и светот што го создаваат медиумите. Имено, кога сте медиумски писмени наоѓате јасни патокази за снаоѓање во светот на медиумите, а оттука можете да дојдете и до саканите искуства и информации, без притоа вниманието да ви го одвлекуваат работите што се штетни за вас. Во ваква ситуација, градите живот каков што вие сакате, не допуштајќи им на медиумите да ви го изградат таков каков што тие сакаат.

Логично, тоа е и одговорот на прашањето зошто медиумското описменување. Мноштвото информации, метафори и „големи зборови“ не значи истовремено и знаење за она што се случува во светот, т.е. не значи повисоко ниво на медиумска описменетост. Идејата е да се размислува, да се зголеми чувствителноста за да може да се подобри програмирањето на сопствените автоматски, рутински постапки, но и да се намали обемот во кој без наше знаење и дозвола тоа го прават медиумите.

 

Експлицитните содржини во медиумите и нивниот ефект врз децата

Моралните, верските и одредбите создадени од државата, повикуваат на контрола и менаџирање на експлицитните и вознемирувачки содржини. Што повеќе се зголемува свеста за општата медиумска култура кај новите генерации, толку повеќе ќе се намали количеството на овие содржини во медиумите

 

Пишува: Агрон Врангала

 

Секогаш се зборувало за влијанието на медиумите врз разни општествени категории, и покрај фактот дека дел од современите теоретичари не мислат дека е рационално да се занимаваат со ефектот на медиумите. Главната причина е дека „ефектите“ или влијанијата не доаѓаат од медиумите на ексклузивен начин, туку се последица на неколкуте „агенции“ за социјализација, како што може да бидат семејството, повозрасните браќа и сестри, училиштето, општеството и, на крај, медиумите.

Како и да е, ефектите на медиумите се евидентни во општеството. Тие се засноваат на активното учење, како основа за социјализација и концентрирање на вниманието врз важноста на читањето на медиумот или медиумското пишување и читање (media literacy). Тоа што може да влијае позитивно во разликувањето меѓу разните медиумски содржини е медиумската едукација. Вака, новите генерации ќе имаат можност да создаваат една појасна слика врз основа на тоа што им се прикажува во медиумите. Медиумската култура денес е една целина од потребни способности за да се разликува реалноста од фантазијата и манипулациите во медиумската содржина.

 

КАДЕ ВЕЧЕРАЛЕ СЕСТРИТЕ КАРДАШИЈАН!?

Најчестите елементи што се сметаат како најштетни, особено за категоријата на деца и тинејџери, се сцените со употреба на насилство, содржините што стимулираат зголемување на стравот, поинаку познати како хорор, сексуалните содржини, моменти на користење дрога, алкохол, тутун и други нешта штетни по здравјето, и така натаму. Со појавување на интернетот, консумирањето на овие содржини се зголеми. Ова не значи дека тие не биле или не се присутни и кај весниците или списанијата, аудиоматеријалите, телевизијата, киното и други. Еден феномен што се прошири многу во сите портали по светот, и без да недостига и во порталите од Македонија, е токму употребата на овие содржини за да се зголеми бројот на кликнувања.

Неконтролираното и неоправдано објавување на фотографиите на Ким Кардашијан, на пример, зборува за една перверзна ориентација на многу портали за да ги провоцира емоциите и страстите кај човекот. Во реалноста, сите ние знаеме дека нема никаква важност каде вечерале вечерва сестрите Кардашијан или со кого ја помина ноќта Амбер Роуз. Таквите прототипи не недостигаат ни во албанскиот медиумски свет, како Шкендије Муја, Калаши или некоја друга славна личност за нашата публика. Доколку сте забележале, овие ликови честопати немаат ниту еден талент, и доколку ги немаа мазните физички атрибути (што е секогаш прашање на перцепција), тие никогаш не би ја постигнале таа слава што ја имаат денес. Но, зошто целиот овој интерес за да се употребат овие социјални феномени?! Многу едноставно: собирањето кликнувања во недостиг од способност на медиумите да ѝ понудат нешто поважно за публиката.

Кога зборуваме за публиката под 18-годишна возраст, внимание! Фотографиите или видеозаписите со еротски нијанси што се објавуваат на информативните веб-страници се поопасни од самите порнографски веб-страници. Бидејќи, на крајот на краиштата, постојат програми и опции што овозможуваат блокирање на страниците за возрасни. Но, што да се прави со сличните содржини што се објавуваат на информативните портали? Пред сè, ова е прекршување на самите стандарди во самиот тој медиум, бидејќи првин се претставува како „информативен“, а потоа објавува вести кои е многу тешко да ги ставиш и во „розовата“ категорија!

 

„Една американска студија покажа дека 90 отсто од телевизиските програми поседуваат сексуална содржина, додека 60-75 отсто од музичките видеоклипови имаат таква содржина. Ова не подразбира секогаш прикажување на сексуалните сцени. Овде може да се вклучат и дискусиите со сексуална нијанса или визуелните еуфемизми како и сексуалниот бихејвиоризам. (Извор: Elizabeth M. Perse, Effects of Sexually Explicit Media Content, 2008).

 

МЕДИУМИТЕ И СЕКСУАЛНИОТ БИХЕЈВИОРИЗАМ

Вреди да се напомене дека таквите содржини не им овозможуваат на малолетните сексуална едукација. Напротив, силно влијаат во расипувањето на нивната едукација во оваа социјална област. Преку таквите прикажувања, младата публика мисли дека ова е тоа што му треба на човекот или дека овие се моделите на жени на кои треба да им се восхитува. Значи, во фантазијата на машките се создава една целосно погрешна перцепција за спротивниот пол. Реалноста, пак, се разликува многу од виртуелноста, но постојаното наметнување на овие содржини влијае негативно во создавање на едно здраво мислење за реалноста. Овде се опфаќа и мешањето на чувствата, неисполнувањето на очекувањата, желбата за да се остане поврзан со виртуелното и дистанцирање од реалноста, губењето на самодовербата, социјалното депримирање и др.

Честопати, овие содржини се дефинираат како еротски или порнографски, иако овие два термини се разликуваат. „Еротика“ како термин доаѓа од античкиот грчки јазик што подразбира ерос (љубов), реферирајќи на сексуално експлицитни содржини. Терминот „порнографија“, пак, исто така произлегува од грчкиот јазик, и се употребувал од писателите кога пишувале за проститутките. Овој термин го опфаќа насилството и акциите што ја деградираат и ја понижуваат жената.

 

МОРАЛНИТЕ АСПЕКТИ  

Сексуалните содржини спакувани на овој начин предизвикуваат пречки или социјални незадоволства, создавајќи на еден начин погрешно или нездраво знаење за сексот. Претераноста на овие содржини може да ги корумпира моралните вредности на луѓето. Сексуалните медиумски содржини, исто така, може да ги поттикнат луѓето за да ги помешаат нивните социјални улоги.

Поради оваа причина, моралните, верските и одредбите создадени од државата, повикуваат на контрола и на менаџирање на овие содржини. Што повеќе се зголемува свеста за општата медиумска култура кај новите генерации, толку повеќе ќе се намали количеството на овие содржини во медиумите. Самите барања на публиката ќе станат поквалитетни и вака ќе ги натераат медиумите да мислат малку повеќе, особено во моментите кога објавуваат вести од типот „Руската манекенка не остава ништо на фантазијата“.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Пукање во вистината

 

[Рецензија: Полицаецот што нишанеше во народот од денес има овластување да пука без да праша (ВИДЕО)]

 

Во „обландата“ на актуелната информација за изборот на новиот директор на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, филувана е серија на невистини, конструкции, фалсификувани факти и обид за амнестија на учесниците на крвавите настани во собранието од 27 април минатата година.

Линк до оригиналниот напис: Полицаецот што нишанеше во народот од денес има овластување да пука без да праша (ВИДЕО)

Датум на објавување: 22.8.2018

Датум на рецензирање: 26.8.2018

Рецензент: Александар Писарев

Со замена на тези бескрупулозно се дискредитира новиот директор на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, и се оспорува неговиот избор. Неговата професионална реакција, дозволена и со Законот за полицијата, за време на настаните да ги заштити од напад и линч пратениците и да спречи некој да загине, во текстот е опишана како: „напад на граѓани, уметници, пратеници, а, пред сѐ, патриоти во кои тој вперил пиштол и пукал“.

(Член 89 од Законот за полицијата… „Полицискиот службеник е овластен да употреби огнено оружје кога на друг начин и со употреба на другите средства за присилба не може: 1) да го заштити својот живот или животот на другите луѓе…)

Иако овие два настана немат никаква врска еден со друг, во текстот се внесува драматика дека, ете: „на истиот ден кога им се суди на тие луѓе, човек што во нив впери оружје е награден и стапува на должност како директор на Бирото за јавна безбедност“.

„Украс на тортата“ е констатацијата дека „сега тој добива прво да пука без предупредување“. Пораката упатена до читателите е провидна, дека државата ни станува „дивиот запад“, а новоименуваниот директор „шериф“ – „полицаецот што има овластување да пука без да праша“.

Еден од основните принципи на новинарската етика налага новинарот да објавува точни, проверени информации, да не прикрива суштински податоци и да не фалсификува документи.