Проектот е финансиран од Европската Унија
Со критично мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк
Mendim kritik për qytetarë me shkathësi mediatike - CriThink
Critical Thinking for Mediawise Citizens - CriThink
Home Blog Page 279

Светот не се врти кон Путин без оглед што го канат на свадби

[Рецензија: „Светот се врти кон Путин“]

 

„Светот се врти кон Путин“, како што претенциозно е насловен написот што го рецензираме, е кус и невешт обид да се напише вест за рубриката „Свет“, која би се темелела на наводни инсајдерски информации од неименувани германски новински извори за плановите на рускиот претседател Владимир Путин да биде гостин на уште една свадба на познат европски политичар. Но, иако кус, написот е полн со недоследности и може да се оцени како школски пример како не треба да се пишува во новинарството.

Линк до оригиналниот напис: „Светот се врти кон Путин“

Датум и време на објавување: 22.8.2018

Датум на рецензирање: 24.8.2018

Рецензент: Југослава Дуковска

Се чини дека кај ова писание буквално сè е проблематично. Да тргнеме од насловот – тој навистина звучи бомбастично и е мамка за кликови што му гарантираат читаност, но проблемот е што тој воопшто не е оригинален, исто колку што е и несоодветен. Во поглед на оригиналноста, кусо пребарување на „Гугл“ лесно ќе открие дека насловот е копиран од друг, постар напис со наслов „ПРЕСВРТНИЦА НА ЗАПАД: Светот се врти кон Путин“, кој датира од 2015 година.

Но, текстот од 2015  се однесува на сосема друга тема – са работи за анализа на односите помеѓу Русија и Западот во тогашниот актуелен политички момент, додека, пак, написот што го рецензираме е, всушност, куса вест од само две реченици и се занимава со шпекулациите на некои германски медиуми околу тоа дали рускиот претседател е поканет на свадбата на поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, која треба да се одржи на почетокот на октомври, и оти тоа ќе биде вторпат последниве неколку месеци рускиот претседател да биде поканет на свадба кај јавна личност од политичкиот живот на Европа.  И, додека насловот на оригиналниот текст беше оправдан, за написот што е предмет на оваа рецензија не постои оправдување. Да се тврди дека „светот се врти кон Путин“ затоа што рускиот претседател имал две покани за свадба за кусо време е, во најмала рака, смешно.

Проблемите со „позајмувањето“ кога е во прашање веста што ја рецензираме, не завршуваат тука. Целата вест е, всушност, копија на првите два пасуса од напис со наслов: „Путин и Вучиќ на свадба на Герхард Шредер во октомври?!“, кој е далеку побогат со информации на истава тема и дава многубројни детали за тоа какви се шансите Путин повторно да отпатува за Германија есенва во својство на гостин на свадба и кои се политичките импликации од тоа. Се стекнува впечаток дека во написот што го рецензираме е земено од текстот тоа што можело да биде како-така ставено во функција на претенциозниот (и неоригинален) наслов, а другото отфрлено како непотребно. Секако, тоа е направено на крајно непрофесионален начин, без наводи и цитирање извор, како и без линкување.

„Плагијаторството е неприфатливо. Цитатите не смеат да се користат без да се нагласи изворот или авторот“

член 12, Кодекс на новинарите на Македонија, ЗНМ, 2001

Бидејќи ниту еден од методите на користење извор на објавената информација не е применет, се работи токму за пример на плагијаторско „новинарство“, кое и не е никакво новинарство, туку евтина пропаганда. За крај, како куриозитет од овој пристрасен и аматерски склопен материјал, може да се наведе неговата илустрација. Колку и да е очигледно дека зад него стојат пропагандистички мотиви за објавување, фотографијата на рускиот претседател Владимир Путин со непријатна гримаса, со која написот е илустриран, е толку застрашувачка и одбивна, што е контрапродуктивна на неговата намена. Со ваков израз на лицето, тешко дека некој би бил посакуван гостин на свадба.

 

Твитер-бранови за сурф-мајсторите на професијата

 

Атрактивните прес-конференции или настани се екстремно вирални. Тоа се брановите на кои сурфаат најголемите мајстори на професијата. „Твитер“ е совршената штица за суфање за тој предизвик.

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Пред десет години, во март 2006 година, основачот на „Твитер“, Џек Дорси, го испрати својот прв твит. Замислена како социјална мрежа поставена на принципите на СМС, мрежата од 140 карактери за порака се претвори во трендмејкер за многу бизниси и социјални акции, во иновативен начин на комуникација со информациите, и, за нас и за оваа лекција, најважниот момент – стана најупотребуваната алатка или канал за комуникција, за вестите во новинарството, за вестите на денот во реално време.

Денеска на мрежата „Твитер“ има повеќе од 300 милиони активни корисници (од 1,2 милијарда регистрирани).

Сепак, она што ја прави оваа социјална мрежа од посебен интерес за новинарите и за журнализмот, е што се претвори во мрежа на која најмногу ѝ веруваат кога станува збор за вести на денот, за пронаоѓање на најсоодветни извори на информации, па дури и за контакт со првите фотографии или видеозаписи од настаните на денот.

Придобивките од оваа мрежа доаѓаат од двете нејзини суштински карактеристики: „Твитер“ е мрежа на заедници, заедницата е „жива“ и активна ако нејзини репрезенти се луѓе што имаат што да кажат и да слушнат. Впрочем, ако немаат што да кажат и ако не сакаат да слушнат, тогаш не им треба „Твитер“ ниту, пак, која било друга социјална мрежа.

Оттаму, кога имате мрежа на заедници со луѓе со силен глас и влијание и со луѓе на кои им е битен добриот живот во заедницата, пред вас е ресурс од кој добивате вредни информации, но и публика на која ѝ се од важност информациите што преку „Твитер“ може да ги добие од една друга заедница – новинарската. Без разлика дали таа мрежа е составена од професионални или независни новинари.

 

Твитајте секој ден

Една од најважните карактеристики на социјалните мрежи е видливоста. Таа се постигнува само со активност и со динамика која е доволно честа за да биде видлива, но и доволно полна со вредни содржини со што видливоста ќе се претвори во влијателен извор на кој другите членови на заедницата (публиката) со задоволство ќе му се навраќаат.

Оттаму: Твитајте секој ден. Односно редакциите треба да се погрижат, доколку сакаат да бидат влијателни извори на кои публиката им верува, да ја организираат редакцијата на начин кој ќе овозможи активно, динамично и, пред сè и над сè, креативен и функционален начин за комуникација на вестите кои се од интерес на заедницата.

Во активноста и во динамиката на „Твитер“ влегува и ретвитањето. Социјалните мрежи се за споделување и за заследување, а не само за дистрибуција на вашите вести. Новинарските редакции треба да покажат „припадност“ и грижа за заедницата и да ги ретвитаат и пораките на другите. Ако сакате да ја култивирате заедницата, треба да твитате, односно дистрибуирате информации, но и да бидете интерактивни, односно да прифатите и да ретвитате вредни информации од интерес на заедницата, твитнати од други.

 

Секој твит треба да биде автномен со свое значење

Кога динамиката на ширење на информации преку „Твитер“ ќе ја добие потребната фреквенција за да стане влијателна и очекувана, не треба да се заборави уште едно важно правило: Не претпоставувајте дека вашите корисници се „устримани“ на вас 24/7 и дека во секој момент знаат на што се однесува секој ваш твит одделно. Запомнете и спроведувајте го правилото: Секој твит е сам за себе. Треба да биде автономен и со свое значење.

 

Нека биде едноставно

„Твитер“ ја доведе до перфекција мотивацијата да биде кратко и едноставно (KISS – keep it short and simple). Ако твитате, и самите сте засведочиле кога ќе претерате со карактерите, дека „Твитер“ ви порачува: „Ајде, можеш ти и подобро!“.

Не е ништо страшно да учиме од другите. Ако не сте го направиле тоа досега, направете го веднаш. Заследете ги, на пример, „Вашингтон пост“ или „Гардијан“. Ќе се уверите веднаш до какво совршенство се доведени насловите за да бидат „фит“ со 140 карактери на „Твитер“. Секој наслов/твит е вест, линк и мултимедиjална содржина:

wp

Кога зборуваме за едноставно, тука секако е опфатена и употребата на хаштаговите (#). Не претерувајте! Повеќе од еден хаштаг знае да биде збунувачки и дифузен, наместо прецизен и насочен.

Стремете се да бидете релевантни и влијателни. Кога ќе го постигнете тоа, чудесни работи ќе ви се случуваат кои ќе потврдуваат дека го правите витинското во вашата професија.

Сепак, најдобрите ефекти на „Твитер“ се постигнуваат со твитовите во живо. Затоа:

 

Твитајте во живо

Тоа е најдобриот начин да обезбедите секогаш нови заследувачи и препораки за уште поголем број. Атрактивните прес-конференции или настани се екстремно вирални. Тоа се брановите на кои сурфаат најголемите мајстори на професијата. „Твитер“ е совршената штица за сурфање за тој предизвик.

 

Еве неколку совети кои треба да ги почитуваат зен-мајсторите на новинарското сурфање на твитер-брановите:

1. Креирајте хаштаг (#) или изберете веќе поставен. Нека биде кус и речит за да биде јасно за што станува збор и за да ви останат доволно празни места за буквите на веста. Хаштагот се става на крајот од твитот и на тој начин секој што има интерес за тој настан ќе може да ги следи вашите твитови и да ја идентификува вашата редакција со информациите што ќе почнете да ги споделувате од тој настан.

Така почнува хаштаг-стримот на вашите вести од настанот.

Еве еден пример од нашата „свежа“, новинарска практика. Еден од првите твитови во низа од прес-конференцијата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за првите обвинителни акти поврзани со аферата „Прислушување“:

0000

Препорака: Не мора да бидете на настанот за да бидете дел од хаштаг-стримот. Редакцијата може да се „закачи“ на хаштагот на настанот и да ги ретвита новите информации и вести. Рековме дека и тоа е дел од филозофијата на социјалните мрежи – споделувањето. Уште повеќе, можете со ретвитот да дополнувате, да коментирате, да линкувате до други ресурси поврзани со твитнатите акценти од настанот.

Пример: Закачените на хаштагот „#СЈО“, на настанот кој овде го користиме како студија на случај за твит во живо, почнуваат да ги збогатуваат вестите со содржини врзани за темата на прес-конференцијата на СЈО. Еден наш колега со линк до видеоснимка од архивата на неговиот портал, потсетува на насилството што се случуваше пред Општина Центар:

0001

2. Подигнете го вниманието на највисоко ниво. Овој совет може да ви се чини „учителски“, но не заборавајте дека целата поента на твитањето во живо е да не пропуштите и да ги објавите оние поенти кои се вест, кои се од посебен интерес за јавноста, односно за вашите следбеници на мрежата. Навистина, има голем број прес-конференции или настани на кои нема ништо атрактивно на прв поглед, но понекогаш вестите се скриени во мноштвото зборови. Затоа, бидете на штрек, изберете ги исказите кои ќе ја раздвижат вашата публика.

001

3. Запознајте ја добро вашата публика. Секогаш е добро да си ја повторувате лекцијата за вашата публика: Која е таа? Кои се нејзините приоритети? Ако ги имате одговорите на овие прашања, ќе знаете какви твитови треба да испорачате. Бидете сигурни дека вашите твитови се релевантни на вашата публика.

4. Секогаш употребувајте атрибуција, односно именувајте ги исказите. Прес-конференциите или настаните на кои настапуваат познати, релевантни, личности, се места од каде што се твитаат нивните искази. Во такви случаи секогаш ставете го името на прво место и со две точки издвојте го цитатот. Добра практика е секогаш со името да оди и знакот „@“ за да ја поврзете вашата публика со дополнителни извори за авторот на исказот: неговата твитер-профил, биографијата или со други интернет-извори поврзани со него/неа.007

5. Нека биде мултимедијално. Додадете видеозапис, фотографија, графики или линкови на кои има такви медиумски содржини. Фотографирајте за време на настанот и ставете ги фотографиите. Снимајте видеопарчиња. Доколку говорниците се повикуваат на документи и на други извори, обидете се веднаш да ги најдете на интернет и веднаш ставете ги како додадена вредност на твитовите во живо.

0002

6. Линкувајте до ваши или до релевантни твитови на другите објавени претходно. Многу е веројатно настанот што го твитате во живо да е поврзан со претходни искази, настани, луѓе, за кои веќе сте имале твит. Доколку се случи нешто такво, отворете нов таб со вашиот твитер-профил (www.Twitter.com/yourusername) и пронајдете го твитот. Кликнете на времето кога е објавен (на пример: „17 hours ago“), и копирајте го URL-линкот на тој твит и споделете го во твит стримот во живо.

005

7. Следете ги другите за време на твитањето во живо. За да го правите ова ефикасно, „Твитер“ има една алатка која се вика Tweetdeck. Кога ќе отворите вашиот твитер-профил со оваа апликација, имате можност вашиот екран да го поделите на повеќе колони за да ги следите активностите на „Твитер“ во исто време. Првата колона нека остане вашата стандардна прва стана за да ги следите вообичаените активности на твитер-заедницата. За втората колона, во нашиот случај, кога твитаме во живо, во сетингот на колоната впишете го хаштагот од настанот (на пример: #СЈО), и во таа колона ќе ви „пристигнуваат“ сите твитови со тој хаштаг. Целата дебата за настанот ја имате на дланка. Третата, четвртата… колона можат да бидат за директните пораки или за други твитер-активности поврзани со настанот. На овој начин сте постојано во контакт со реакциите на вашите и на вестите на другите поврзани со настанот. Тоа ви дава можност во секој момент да реагирате соодветно.

01-tweetdeck

8. Одржувајте ја комуникацијата и дебатата. Следете ги внимателно реакциите и дебатата што се отвора додека е во тек твит-стримот од настанот. За да може редакцијата да ги постигне сите овие активности, се покажува за потребно на настанот да одат двајца новинари или, пак, еден или повеќе, да бидат задолжени целата таа конверзација на твитер-сцената да се следи и да ја поттикнуваат. Оваа дебата може да укаже на некој „скриени“ аспекти на темата на настанот или да открие насоки кон кои може да се развие целата приказна.

006

9. Дозволете им видливост на различните поенти, мислења, коментари. Овозможете го тоа и, секако, овозможете да се чујат мислењата што ги поттикнале некои други редакции, доколку и тие го твитаат настанот во живо. Убаво е да ѝ се дадат на публиката различни перспективи за еден ист настан.

10. Афирмирајте ја поддршката што сте ја добиле од старите, но и од новите следбеници за време на твит-стримот. Кога ќе заврши настанот, објавете твит на кој го соопштувате тоа и заблагодарете им се на сите што ве следеле. Истакнете го и нивниот придонес во „преносот“ во живо и за нивното учество во дебатата.

11. Издвојте ги најзчајаните теми или индикации за теми кои биле поттикнати од твитањето на настанот во живо. Не е исклучено дека некои од нив кријат во себе поенти за нови приказни од интерес за вашата заедница. Лајкнете или фаворизирајте ги најинтересните поенти и укажувања. Тоа ја зголемува активноста на вашиот твитер-профил и ѝ дава на публиката право да се почувствува рамноправна во дебатата и во поттикнувањето на развојот на темите од интерес за заедницата.

„Твитер“ е супер платформа за настани во живо. Направете го тоа еднаш и никогаш повеќе нема да се откажете од тоа. Зашто на едно место, во исто време, ја имате реакцијата на публиката, ритамот на настанот.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Сомнителните работи треба да се проверат, не своеволно да се коментираат

 

[Рецензија: Дали ПР-агенција ќе води маркетинг во ЈП „Водовод и канализација“?]

 

Текстот што го рецензираме наметнува прашања за наместен тендер во ЈП „Водовод и канализација“, но освен наметнатите прашања и дилеми, не нуди никакви одговори. Написот е нецелосен и тоа го прави и тендециозен.

Линк до оригиналниот напис: Дали ПР-агенција ќе води маркетинг во ЈП „Водовод и канализација“?

Датум и време на објавување: 20.8.2018

Датум на рецензирање: 24.8.2018

Рецензент: Ана Анастасовска

Сè погласни се шпекулациите дека мала ПР-агенција од Скопје, без никакво искуство во маркетинг, ќе биде одговорна за маркетинг-активностите во Јавното претпријатие „Водовод и канализација“.

Текстот на самиот почеток наведува дека се повикува на шпекулации оти мала ПР-агенција ќе биде одговорна за маркетингот на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“. Штом некој се повикува на шпекулации, правилно е таквите шпкулации да се проверат, да се направи обид да се добијат информации од сите страни, со цел на читателот да му се пренесе вистината.

Тендерот што го има објавено Јавното претпријатие јасно кажува дека договорниот орган однапред фаворизира компанија што воопшто не работи услуги што се наведени во тендерската документација.

Текстот понатаму посочува дека тендерот за избор на компанија што ќе биде одговорна за маркетингот на претпријатието, е наместен, односно дека компанијата е однапред избрана.

Во маркетинг-круговите сè погласни се шпекулациите дека веќе однапред се знае која агенција ќе го добие бизнисот тежок 25 илјади евра. Агенцијатa, наводно, била блиска до висок функционер на власта, познат по голем број тендери и договори, во изминатиот период склучила голем број договори со јавни институции и со тоа инкасирала неколку стотици илјади евра, голем дел од нив за фиктивни и нереални услови.

Тука компанијата дури и се поврзува со висок функционер од власта, што веднаш кај читателот отвора сомнеж за наместен тендер и фаворизирање.

На листата со критериуми што треба да ги исполнува економскиот оператор е наведено дека компанијата треба во изминатите две години да соработувала со јавно претпријатие, а во последната година да имала склучено договор со јавно претпријатие со слична дејност како таа на „Водовод и канализација“, со што јасно се фаворизира агенција што во изминатиот период на друг начин остварила соработка со ЈП „Водовод и канализација“.

Истовремено претпријатието бара економскиот оператор да располага со специфичен кадар, кој подолго време работи во агенцијата и еден од условите е кадарот да познава албански, а не англиски јазик. Дополнително, потребно е агенцијата да биде дел од меѓународна мрежа и тоа да го докаже со соодветен сертификат.

Написот ги наведува условите на тендерот, кои, како што се нагласува се нелогични, што укажува на тоа дека фирмата што ќе се избере е однапред позната.

Прашањето дали тендерот е наместен е легитимно и новинарот треба да го наметне и постави ако смета дека има такво нешто. За условите наведени во тендерот, ако новинарот смета дека се нелогични, треба, исто така, да побара одговори од Јавното претпријатие, зошто е тоа така. Во текстот не е спорно сето тоа што се наметнува како дилема. Спорно е што не се побарани никакви одговори од ниту една страна и што на читателот му е оставено самиот да мисли дали ова е вистина или станува збор за тенденција да се оцрни името на ЈП „Водовод и канализација“. Наместо одговори, на читателот му се понудени тези од анонимни „познавачи на проблематиката“.

Познавачите на проблематиката коментираат дека ниту еден од условите не е неопхеден за квалитетно извршување на работите, туку само се стеснува просторот на конкуренцијата и истовремено се фаворизира економски оператор со кој веќе претходно е договорена соработка.

Кои се тие познавачи и зошто тие не се наведени со име и презиме? Во текстот треба да има изјави од тие познавачи за нивните тези да бидат веродостојни. Вака, каков што е текстот во последниот пасус, остава впечаток дека станува збор за коментирање и своеволно презентирање на фактите.

Наместо да бидат побарани одговори, текстот, целосно гледано, се сведува на рекла-кажала муабети. Ако темата била обработена професионално новинарски, би имала поголема тежина. Вака како што е, написот е петпарачки.

 

Невистина скриена во цвеќиња

[Рецензија: За цвеќињата околу Владата предвидени 670.000 евра]

 

Крајно злонамерна и неаргументирана критика упатена кон Владата, со цел кај јавноста да се предизвика ефект на револт поради „нерационлно трошење“ на парите на граѓаните. Притоа, паушално се толкува одлуката за доделување тендер за хортикултурното уредување и одржување на објектите и просторите во рамките на државните објекти.

Линк до рецензираниот напис: За цвеќињата околу Владата предвидени 670.000 евра

Датум на објавување: 22.8.2018

Датум на рецензија: 24.8.2018

Рецензент: Александар Писарев

Технички веста е сместена во две простопроширени речиници, без почитување на основните стандарди за пишување вест, притоа криејќи ги важните факти и податоци за кои објекти и простори се однесува тендерот и за кој временски период.

Нарушен е еден од основните стандарди и принципи на новинарското известување – дека вест и информација треба да се базираат на вистината и на проверни податоци и притоа не смеат да се прикриваат фактите.

„Хортикултурно уредување и одржување“ не е исто што и „цвеќиња“, а „објектите на државната управа“ не е исто што и „околу владата“. Целата вест е, всушност, сместена во злонамерен, тенденциозен и сензационален наслов „За цвеќињата околу Владата предвидени 670.000 евра.“

Требало јасно да се објасни и да се направи разлика помеѓу набавка на цвеќиња и хортикултурното уредување, како што соопшти и Владата, бидејќи, сепак, се работи за 20 државни објекти, чија површина за одржување и хортикултурното уредување надминува 133 илјади квадратни метри и се однесува на период од три години.

 

Личен напад наместо аргументи

Освен да известува, новинарот, кога ќе почувствува потреба, има право да заземе и таканаречена ангажирана позиција, односно да коментира, да анализира, да оценува. Во таква ситуација, тој (треба да) се води од принципите на логичкото расудување, кои, пак, се темелат на моќта на аргументите. Оттука, овој процес на коментаторско или аналитично пишување уште се нарекува и аргументирање

 

Пишува: Влатко Стојановски

 

Станува збор за стандардизирани постапки за дефинирање на темата на расправата, поставување на тезите и за градење на мрежата на аргументи, кои треба да резултираат со резиме. Првиот чекор е дефинирање на основниот проблем, кој го определува фокусното прашање. Откако ќе го поставиме фокусното прашање, треба да се постави хипотеза, која претставува прелиминарен одговор на ова прашање, кој допрва треба да се поткрепи со аргументи и да се отфрли со контрааргументи.

 

СТРУКТУРА НА АРГУМЕНТОТ

Изложувањето на аргументите е клучната фаза на расправата. Тие се нижат како алки на синџир, се разгрануваат, за при крајот на расправата да се сумираат и да се изведе заклучок. Англискиот филозоф и логичар, Стефан Тулмин, развил метод на аргументирање кој се состои од следните фази на организација на аргументот:

  1. Тврдење – тезата што авторот ја застапува и сака да ја аргументира;
  2. Податоци – докази што авторот ги прибрал за поддршка на тврдењето;
  3. Објаснување – објаснување или оправдување зошто и како податоците го поткрепуваат тврдењето или што ги поврзува податоците со тврдењето;
  4. Поткрепа – дополнителна логика или резонирање која може да биде неопходна за да се поткрепи објаснувањето;
  5. Антитеза – тврдење што го негира или не се согласува со тврдењето на тезата;
  6. Реафирмација на тезата – докази што ја негираат антитезата.

Пример за организација на аргументот според Тулмин:

 

  1. Тврдење: Конституирањето на Специјалното јавно обвинителство е од големо значење за функционирањето на правната држава, за спроведувањето на правото и за враќање на правдата;

 

  1. Податок: Прислушуваните разговори што опозицијата ги објави во јавноста покажаа сериозни индиции за сторени кривични дела. во кои инволвирани се највисоки претставници на власта, кои дотогаш не биле предмет на кривичен прогон;

 

  1. Објаснување: Поради тоа што регуларното Основно јавно обвинителство не повело ниту една предистражна постапка пред објавување на разговорите, а кога тоа го сторија по допрен глас не поднесоа ниту едно обвинение, неопходно беше формирање на едно вакво обвинителство, чиј делокруг на работа и надлежности ќе бидат поврзани со сомнежите за законски прекршувања што произлегуваат исклучиво од овие разговори;

 

  1. Антитеза: Но, формирањето на вакво обвинителство, како производ на политички договор на четирите најголеми политички партии во земјава, се проблематизира од правен аспект, односно спорно е дали тоа му противречи на македонскиот Устав, кој пропишува дека „Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган“;

 

  1. Реафирмација на тезата: Сепак, имајќи предвид дека Катица Јанева е избрана од Собранието, кое го донесе и законот за формирање на обвинителството, а воедно тоа е составено исклучиво од членови на регуларното јавно обвинителство, не се работи за паралелен орган во системот, туку за легален орган и, уште поважно, со крајно легитимна цел и задача да провери дали индициите за сторен криминал содржини во објавените разговори одговараат со фактичката реалност, ако е така да поднесе обвиненија и пред судот да бара одговорност од евентуалните прекршители на законот, особено во ситуација кога Основното јавно обвинителство не ги третираше ваквите наводи.

 

РАСПРАВА ЗА ТЕМАТА И ЗА ТЕЗИТЕ, А НЕ ЗА ЛИЧНОСТИТЕ

Кога аргументираме, тоа треба да го правиме логички, рационално и да не се потпираме на емоции, религиозни убедувања, традиција. Притоа, важно е да ги избегнуваме логичките грешки. Инаку, постојат две групи логички грешки: грешки на релевантност, кога тврдењето не е релевантно на заклучокот, и грешки на недоволно докази, кога тврдењето не е поткрепено со доволно докази. Токму во групата грешки на релевантноста спаѓа личниот напад, кој новинарите го прават тогаш кога отфрлаат нечиј аргумент или тврдење, напаѓајќи ја личноста, а не нејзиното тврдење.

Во последно време во јавноста и многу новинари се обидуваат да ја дискредитираат целокупната работа на СЈО преку напад врз Јанева дека е некомпетентна, неелоквентна и необјективна во стилот: „Таа ли најде да гони за криминал лица избрани од народот, кога е анонимус без искуство, доаѓа од внатрешноста на државата, зема висока плата од 3.000 евра…“. Притоа, тие не говорат за работата на СЈО, за бројот на предистражни постапки и обвиненија, за наводите што специјалните обвинителки ги изнесоа во јавноста…

Имено, новинарот секогаш треба да расправа за темата, за тезите, а не за личностите. Кога се дебатира за личноста – ад хоминем, тоа се смета за знак на сериозна слабост на авторот. Кога основниот проблем е цврсто поврзан со определена личност, тогаш расправата добива карактер на полемика, но и во таква ситуација полемичарот не смее да го дисквалификува и да го навредува својот, условно кажано, противник, бидејќи тоа се смета за одраз на личноста која го продуцира овој дискурс и за неговата култура и воспитание, а не на оној кому е упатена.

Таков пристап, кога се напаѓа и се деградира личноста и се нижат небитни карактеристики и неточни факти, само за да се омаловажи личноста, а преку неа и организацијата и опцијата на која оваа личност ѝприпаѓа, се сретнува во колумната на главниот уредник на телевизијата „Сител“, Драган Павловиќ-Латас, објавена во дневниот весник „Вечер“ на 15 септември, 2016 година.

…Мислев дека од Заев, кој е лапсус-мајстор на деценијата, Шеќеринска, која има повеќе безлични фрази отколку Прада ташни, и Шилегов, кој е жртва на реклами за алкохол, нема бетер, но демантиран сум од Катица Јанева и од СЈО… Петре Шилегов не го забележал овој инцидент, бил во бифето, таму се пие најефтино. А на пијан човек никој кусур не треба да му фаќа, нели…“, пишува Латас.

 

МЕЃУ НОВИНАРСТВОТО И ПРОПАГАНДАТА

Инсистирањето на личноста и извлекувањето на личноста во преден план преку нејзините битни и небитни, објективни и субјективни карактеристики не се дел од новинарството, туку составен дел на пропагандата. Персонализирање на политиката е еден прастар принцип на пропагандата и еден од основните методски постулати врз кои се темели политичкиот маркетинг. Овој принцип е идентификација на одредена политика, структура, организација, со одреден политичар, односно доведување во корелација со една или повеќе личности.

Овој принцип со сета сила продира на политичката сцена во 1970-тите години во САД, кога, како што забележуваат американските универзитетски професори, кои издале низа трудови од областа на политичка комуникација, Роберт Дентон и Гери Водворд, се случува пресврт од таканаречена организациска кон т.н. персонализирана политика. Политичкиот маркетинг со сета сила инсистира на индивидуализацијата, бидејќи преку маркетиншка обработка сложените механизми на општествени промени се сведуваат на доблести и слабости на конкретни луѓе, чиј судир го драматизира и го привлекува вниманието. Но, новинарството не смее да го прави тоа.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).