Проектот е финансиран од Европската Унија
Со критично мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк
Mendim kritik për qytetarë me shkathësi mediatike - CriThink
Critical Thinking for Mediawise Citizens - CriThink
Home Blog Page 275

Лажна анкета

Текстот што го рецензираме се однесува на наводна анкета на ОБСЕ, која воопшто не е направена. За оваа „анкета“ објавена во медиумите, демант испрати мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Линк до оригиналниот напис: Според вчерашната анкета на ОБСЕ 32 % ќе излезат на референдумот

Датум и време на објавување: 13.9.2018

Датум на рецензирање: 17.9.2018

Рецензент: Силвана Жежова

Насловот на текстот содржи три невистини: времето кога е направена анкетата (бидејќи нема таква анкета), организацијата што наводно ја направила анкетата (ОБСЕ не ја направило посочената анкета) и бројката на населението што ќе излезе на референдумот. Притоа, вообичаено во новинарски текстови за анкети не се дознава, тие или постојат или не и крајната цел е добиените резултати да не се кријат, туку да се презентираат пред јавноста.

Како што дознаваме според десетдневната анкета по нарачка на ОБСЕ, која вчера веќе била завршена, само 32% од возрасното население или во бројки околу 540 илјади граѓани би излегле на референдумот на 30 септември за промена на нашето вековно име во Северна Македонија.

Мисијата на ОБСЕ во Македонија испрати демант во врска со анкетата што се посочува во текстот.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје е запознаена со неодамнешните написи во медиумите во кои се тврди дека ОБСЕ спровела анкета за претстојниот референдум. Мисијата нема спроведено таква анкета. Сите наводи што го тврдат спротивното се неточни и не ја одразуваат работата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, се вели во демантот на ОБСЕ.

Оттука и посочените бројки – 32 процента од населението или 540 илјади граѓани што би излегле на референдум – не се точни.

Власта мора да ги смени пристапот и евтината кампања на социјалните мрежи со рекламите на телевизиите, итно мора да плати и банери по порталите, а богами и да му помогне на населението со работни места и можности за бизнис, инаку лошо им се пишува, ај ај да не речете после не сме рекле!

Вториот дел од текстот, пак, испраќа порака дека Владата требало да им плати пари на медиумите за да ја засили кампањата за референдумот и за бројката на излезеност од 32 проценти, како што се тврди, да била поголема. Симптоматично е што ваквото барање доаѓа во ист напис во кој се цитира непостојна анкета, според која, резултатот на референдумот ќе бил поинаков од тоа што Владата го очекува. Неизбежен е впечатокот како тие две работи да се поврзани и како уште да недостига да се каже конкретно кому, односно на кои медиуми Владата требало да им плати за да се добиел поинаков референдумски резултат.

 

Како да се пренесат зборови на политичар кога во нив има елементи на говор на омраза

Пишува: Александар Писарев

Најчесто политичарите се тие кои се спомнуваат дека произведуваат говор на омраза, при што новинарите се само во улога на трансмитер на таквиот говор, дистрибутер, или мегафон преку кој политичарите на овој начин ги соопштуваат своите пораки.

Како новинарот треба да го пренесе директното обраќање на политичкиот субјект-политичар лидер на политичка партија, член на владата или премиерот, ако тој користи говор на омраза, напаѓачки квалификации и навреди и на тој начин може да предизвика негативна стереотипизација? Во нашата пракса новинарите најчесто експлицитно го пренесуваат говорот на омраза на политичарите. Притоа, тие навистина не можат да трпат некакви правни консеквенци, но имаат етичка одговорност.

Ваквите настапи на политичарите во европската пракса се „санкционираат“ на два начина. Новинарот во таква ситуација има право на политичарот да му го „ускрати правото на слободата на говорот“, така што тој дел од неговото излагање, во рамките на саморегулацијата, нема да го објави. Втората можност е тој дел од говорот, каде има елементи на говор на омраза, да го стави во некаков контекст. Притоа, тој ќе укаже дека во неговото излагање има недозволено користење на говор на омраза и ќе се повика на кривичниот закон, кој во европските земји во одредени случаи предвидува и казна затвор во траење од три години за говор на омраза.

Говорот на омраза во најголем број случаи е насочен кон друга етничка заедница, политичкиот противник, или ЛГБТ популацијата. Граѓаните во таквите ситуации се претворени во ,,заробен аудиториум“, кој мора да ги слуша нивните навреди без право на избор. Односно, има само еден избор: да слуша/гледа/чита, или да не слуша/не гледа/не чита. Новинарот треба или да го избегне тој дел од говорот или да го контекстуализира. Но, во никој случај не треба експлицитно да го пренесе.

 

Најчеста употреба

Политичарите говорот на омразата најчесто го употребуваат во предизборни кампањи за да го дисквалификуваат политчкиот противник, да го омаловажат и да ги одвратат бирачите од гласање за него. Таквите прилози, во кои новинарот експлицитно го пренесува говорот на омразата на политичарот, можат да предизвикаат атмосфера  на сериозни тензии во политичките и меѓуетничките односи и во себе да носат прикриен или отворен повик за насилна мобилизација, дискриминација, насилство и нетолерантност.

Пример:

…„ Со твоето  минато, од менувањето на името во БЈРМ, со твоите шверцови за време на ембаргото за кои до ден денес балканските криминалци со носталгија раскажуваат како во кафана сте делеле пари од народот, со создавање на октопод и пирамидалните штедилници со кој јавно го ограби народот, со криминалот кој царуваше во твоето време, со твоето неработење, лаги и манипулации на народот. …„Не дека екипата ти е нешто поарна, твоите пајташи и оние кои те следат како мали кутренца“… (говор на Премиерот на локалните избори 2013).

Со вака експлицитно пренесен говор на политичар медиумите имаат негативна улога кон дезинтеграција на општеството, било преку невнимателно или преку намерно известување кое поттикнува стереотипи, предрасуди, поделби и нетолеранција.

Само со саморегулација и почитување на Кодексот на новинарите на Македонија, (член 14):

„Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите, треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичкиот субјект“.

можат да се сочуваат етичките и професионалните принципи и вредности и угледот и достоинството на професијата.

 

Нема место за амнестија

Повеќето млади новинари сметаат дека ако директно го цитираат и го стават под наводници говорот на политичарот во кој има елементи на говорот на омраза, тие се амнестирале од одговорноста за неговите зборови. Грешат, бидејќи ако не го проблематизираат говорот на омраза кој го користи политичарот, ако не го стават во умерена рамка и во соодветен контекст кој нема да го вознемири читателот/гледачот, со еден збор граѓанинот, тие стануваат обични дистрибутери и гласноговорници на политичкиот субјект со што ја губат општествената улога која им е доверена.

Европското законодавство уште од крајот на минатиот век, а поинтензивно од 2000 година во своите кривични закони го внесува поглавјето и казнените одредби за говорот на омраза и за оној кој го употребува и за оној кој пренесува таков говор. Во Кривичниот закон на Велика Британија ова е многу прецизно регулирано:

„ако некој примени било каков начин да ја вознемири јавноста со: поттикнување на омразата против делови на населението или повикува на насилни мерки против нив, го напаѓа човековото достоинство, ги навредува другите и злонамерно ги оцрнува пред граѓаните, навредува делови на населението, ќе се казни со затвор од три месеци до пет години. Оној кој ова како содржина ќе го пренесе во медиумите, радио, ТВ или печат, ќе се казни со затвор повеќе од три години“.

Би-Би-Си во врска со ова го отвора прашањето на новинарската, односно  медиумската неутралност. Дали во некои случувања, особено ако се афримира омразата, дискриминацијата, или насилството, може да се биде неутрален. Притоа, мора да се води сметка за одговорност на јавниот збор. Медиумите никако не смеат да станат погодно средство за ширење на ксенофобија, омраза, насилство, вознемиреност или страв.

Филип Бретон (професор по журнализам на Универзитетот во Стразбур) вели дека тоа не е лесно да се реши, бидејќи тие што испраќаат такви пораки, тоа го прават потполно свесно, ги злоупотребуваат медимите за да пренесат кодирана порака, или да мобилизираат.

…,,Немуслиманското население во светот звучниците ги нарекува ,, звучно чистење“, метод со кој оџите сакаат да ги натераат немуслиманите да се иселат“ (порака објавена во нашите медиуми).

Во вакви случаи, медиумите и новинарот мораат да бидат свесни за одговорноста која ја имаат во хетерогено општество. Не смеат да бидат трансмитери на изјавите кои внесуваат елементи на верска нетолеранција и се движат во рамките на негативните стереотипи.

 

Опасност по демократија

Ако кај новинарите е развиена морална култура, тие ќе бидат чувствителни и внимателни и ќе откриваат навреме секој таков обид. Спротивно, ако кај новинарите не постои отпор кон таквото однесување на политичарите, се зголемуваат манипулациите со граѓаните кои оставаат катастрофални последици во јавниот живот и претставуваат огромна опасност за демократијата. Се вклопуваат во шемата на ширење на предрасудите, стереотипите, дискриминацијата…, стануваат учесници во говорот на омразата и некритичкото ширење на пораки. Во кризните ситуации овие облици попримаат патолошки димензии. Најопасно е преку медиумите да се  шират омразата и предрасудите, бидејќи тоа најчесто завршува со насилство.

Медиумите, што шират и пренесуваат говор на омраза, се соучесници во можните злосторства што произлегуваат од неа. Новинарите и медиумите се одговорни за содржините што ги пласираат или ги прикажуваат без оглед на тоа кој ги произведува. Водителот на дебатна емисија, во чии рамки пораките се исполнети со омраза и сочни епитети, може да се победи само со отворено спротивставување на таквото новинарство.

Би-Би-Си има воспоставено уреднички правила како чин на саморегулација, според кои новинарот е должен строго да води сметка да не го пренесува директно говорот на омразата ако политичарот или друг политички субјект го употребил во било која прилика. Британскиот јавен сервис има воведено свои стандарди и им препорачува на новинарите да ги применуваат во вакви ситуации, така што или ќе го избегнат тој дел од говорот на политичарот или мора да го контекстуализираат за да се овозможи соодветна заштита на јавноста од матерјал кој нанесува навредливи и штетни дисквалификации.

Би-Би-Си советува, при пренесување на говор на политичар, новинарот да води сметка за почитување на човековото достоинство. Заплашувањето, понижувањето, агресијата и дерогативните забелешки се дел од  човековото однесување кои можат да бидат внесени во содржината на медиумскиот прозивод. Дел од тие содржини можат да бидат сурови, но и претерано заплашувачки, заканувачки, понижувачки, агресивни, навредливи…

„Ако за Фатмир Дехари сите градови, почнувајќи од Тирана, преку Струга, Кичево, Гостивар, Тетово , Скопје, Куманово ќе формираат една Албанија и ако Фатмир Дехари сака да живее во Албанија, еве му ја Албанија, нека си оди таму, нека си живее во Албанија.“ (порака на политичар за време на кампања за локалните избори 2013).

Ваквите содржини од говорот на политичарот медиумот не смее да ги истакнува и потенцира. Мора да внимава таквите коментари, како и тонот со кој се изречени, да бидат ставени во некаков контекст пред да бидат објавени и пласирани кон целта кон која се насочени.

Европската конвенција за човековите права во членот 10 дава упатство како да се однесуваме доколку  политичкиот субјект употребува говор на омраза. Таа вели:

„Секој има право на слобода на изразување. Ова право ја вклучува слободата на мислење и слободата на испраќање и примање пораки и информации. Но, остварување на овие слободи може да подлежи на ограничување или санкции доколку поттикнува омраза, ксенофобија, национална, расна или верска омраза, доколку вознемирува, заплашува, мобилизира, содржи форма на нетрпеливост, агресија, етноцентризам, дискриминација по било која основа или непријателство кон малцинствата. Медиумите и новинарите се должни, доколку забележат такви содржини, јавно да ги отфрлат секогаш кога ќе се појават“.

Би било корисно медиумите, односно нивните новинари, во програмските сервиси да ги оспоруваат сите изјави на политичките субјекти и на соговорниците ако овие употребуваат говор на омраза кон било која етничка, културна, религиозна и друга заедница.

 

Како да се препознае говор на омраза

Не постои универзално прифатена дефиниција на говор на омраза, иако неговото ширење преку медиумите е забрането во легистативата на голем број земји. Најчесто говорот на омраза се опишува како форма на изразување, која е мотивирана од и која има за цел да поттикнува непријателство кон некоја група или нејзините припадници. Идентификување на исказите што се класифицираат како „говор на омраза“ е прилично тешко, бидејќи овој вид говор не мора секогаш да се манифестира преку експлицитни изрази на „омраза“ или емоции. Тој може да биде прикриен во искази кои на прв поглед може да се чинат рационални и логични:…„Ако Фатмир Дехари сака да живее во Албанија, еве му ја Албанија, нека оди, нека си оди таму, нека живее таму“… (пример од локалните избори 2013).

Политичарите во посткомунистичките земји, а посебно на Западниот Балкан говорницата ја претвораат во место од каде ќе го плукаат својот политички противник: „балканските криминалци со носталгија  раскажуваат како во кафеана сте делеле пари од народот“… (порака од Премиерот до политичкиот противник). Ќе плукаат национално или религиозно малцинство; „звучно чистење, метод со кој оџите сакаат да ги натераат немуслиманите да се иселат“ (порака пренесена во медиум).

Кога лидерот вака се однесува тогаш и сите пониски ешалони во власта, но и нивните политички противници, се натпреваруваат во говорништвото кое ќе биде исфилувано со говор на омраза. Ако новинарот не се огради и експлицитно ги пренесува тие делови од нивниот говор, тогаш и тој станува соучесник во говорот на омраза.

Последните години законодавството во Европа посветува посебно внимание на начините како да го ограничи, односно елиминира говорот на омраза кој се пренесува преку медиумите. Од 2007 година Италија, Франција, Германија и сите земји од стариот континент покажуваат големо интересирање за сузбивање на говорот на омраза и тоа го регулираат со своите кривични закони за да го заштитат достоинството на поединците и општествените групи, како што се нација, раса, вера, етнос… Значи, со кривичниот закон во повеќе европски земји воведени се ограничувања на слободата на говорот во полза на правото на достоинство на одредени општествени групи.

Медиумите се први кои треба да го применат тоа ограничување кога се во ситуација да ги слушат политичарите кои во својот говор имаат елементи на говорот на омразата. Во Америка оваа пракса се применува од  осумдесетите години со општ акт, speech codes, со кој се забранува употреба на говор на омраза од јавна говорница и неговото евентуално пренесување во медиумите.

Меѓународниот пакт за граѓанските и политички права и слободи од 1966 година во членот 19  регулира ограничување на правото на слободата на говорот. Таму се вели дека било кое поттикнување или пропаганда на војна, заговарање на национална, расна или верска омраза со која се поттикнува дискриминација, непријателство или насилство, навреда на животното определување… како и пренос на такви пораки во медиумите, се забранети. Ова правило е преточено и во Кодексот на IFJ (Меѓународна федерација на новинарите).


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.

Разочарани кликови

 

[Рецензија: ФОТО: Аделина Тахири објави прва фотографија од ќерката и покажа колку сексапилно изгледа по породувањето]

 

Текстот што го рецензираме е каша-попара. Написот очигледно е правен набрзина без да се обрне многу внимание на неговата содржина. Важно е дека има атрактивен наслов, кој и тоа како ќе привлече читаност и кликови.

Линк до оригиналниот напис: ФОТО: Аделина Тахири објави прва фотографија од ќерката и покажа колку сексапилно изгледа по породувањето

Датум и време на објавување: 12.9.2018

Датум на рецензирање: 14.9.2018

Рецензент: Ана Анастасовска

Насловот на текстот во кој се посочува дека Аделина Тахири ја објавила првата фотографија од ќерката и оти покажала како изгледа по породувањето, односно дека е „сексапилна“, е бомбастичен и одличен за привлекување кликови. Но, кога ќе ја отвори веста, читателот сосема ќе се збуни.

Албанската пејачка Аделина Тахири неодамна се оствари во улога на мајка. Таа пред половина месец го доби своето прво дете, синот Џон.

Во текстот се вели дека пејачката пред половина месец го доби своето прво дете синот Џон. Во насловот, пак, се спомнува ќерка. Останува нејасно дали Тахири има ќерка или син.

Пејачката објави прва фотографија од бебето и себеси по породувањето, погледнете како изгледа таа:

Сето тоа е убаво, но на фотографијата има мали ноџиња и големи раце. Ниту бебето се гледа, ниту може да се види Тахири колку е сексапилна, како што се посочува во насловот.

Целиот текст е хаотичен и создава забуна кај читателите. Написот очигледно е пишуван набрзина без да се обрне многу внимание на неговата содржина. Како да било важно само да има атрактивен наслов.

 

Сопки пред референдумот

 

[Рецензија: Шок од Словенија!! Не ги лажете Македонците, ЕУ е слаба и нема место за Србија и Македонија]

 

Оваа информација е неточна и манипулативна. Насловот е составен намерно и тенденциозно да се омаловажат и претстават бескорисни и бесцелни сите напори земјата да се доближи до ЕУ и да стане рамноправна членка на Европската Унија. Ова се сопки пред референдумот.

Може да предизвика и негативни последици кон Словенија, која ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ, бидејќи од Стратешкиот форум кој се одржува на Блед во Република Словенија не пристигнала, како што е наведено во насловот, вест: „Шок од Словенија!! Не ги лажете Македонците, ЕУ е слаба и нема место за Србија и Македонија“. Во демантот пристигнат од Канцеларијата на нивниот претседател Борис Пахор упатуваат изворно да се прочита неговата изјава.

Наслов на текстот: Шок од Словенија!! Не ги лажете македонците, ЕУ е слаба и нема место за Србија и Македонија

Датум на објавување: 13.9.2018

Датум на рецензирање: 14.9.2018

Рецензент: Александар Писарев

Информацијата се потпира на неколкупати „преџвакана“ вест од разни агенции, кои го прераскажале говорот на словенечкиот претседател Пахор на Форумот во Блед. Агенцијата „Бета“, како што објаснуваат во демантот и од Амбасадата на Словенија во Босна, ги извадила од контекст неговите зборови и неточно ги пренела. Регионалните медиуми и портали ја пренеле веста на српската агенција „Бета“, таа ја презела од  британскиот „Експрес“, а тој ја пренел од италијанската агенција „Нова“ (веста е повлечена и не може да се пронајде на нивните веб-страници).

Бидејки веста е неточна, од Канцеларијата на словенечкиот претеседател упатуваат медиумите од регионот да ја прочитаат точната информација на нивната официјална веб страница .

Меѓутоа, она што е забележливо и во неточно пренесената и парафразирана вест никаде таксативно не е спомната Македонија „за која нема место во ЕУ“.

Вистината е сосема различна. Претседателот на Словениј се заложил за европската идеја и за проширување на ЕУ и кон земјите од Западен Балкан. Пахор единствено рекол дека: …„блокот не може да се надева на приемот на Србија, Црна Гора и Албанија како нови членки во сегашната состојба“… Значи, Македонија никаде не е спомната.

Завршницата на текстот е контрадикторна со насловот, кој пред референдумот шири песимизам и сега се обидува да шири „оптимизам“:

ЕУ понуди перспектива за пристапување на шест земји од Западен Балкан, кои треба да исполнат строги критериуми за да бидат прифатени како нови членки и дека преговорите за пристапување веќе почнаа со Србија и Црна Гора и оти 2025 година се спомнува како датум кога тие би можеле да станат полноправни членки на Унијата, како и дека ЕУ се надева оти дотогаш Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово веќе ќе бидат на добар пат за приклучување кон Унијата.

Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.

 

Линч во живо: Медиумите и презумцијата на невиност

Каде се спојуваат почитувањето на правата на осомничените и правото на јавноста на знае? Дали медиумите се асистенти на џелатите за политичка егзекуција?

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Полумрак е. Само што не осамнало… На местото на настанот се препознаваат сенките на полициските специјалци. Лицата им се покриени со маски. Заштитни елеци на градите. Оружјето е откочено. Се чека команда за почеток на акцијата. Треба да бидат уапсени лица осомничени за тежок криминал.

Меѓу редовите на полицајците почнува да се чувствува нестрпливост. Команда сè уште нема. Секундите стануваат минути…

– Што се чека?

– Ги чекаме од телевизијата…

– Па, еве, има тука од телевизијата – возвраќа првиот.

– Треба да дојде уште една – одговара старешината кој го слушнал разговорот.

Верувате ли во автентичноста на оваа сцена? Една, за полицијата, важна акција, го чека доаѓањето на телевизиската екипа.

Се разбира, секоја сличност со вистинити настани е сосема случајна, но тие постапки се сосема намерни. А дека беа практика, сведочевме ние самите како гледачи. Дека тие аранжмани и полицијата биле договарани меѓу високи полициски службеници и уредници или сопственици на медиуми, потврдија тајно сниманите телефонски разговори објавена во теленовелата „Бомба“. Овие аранжмани биле договарани во детали и со одбрани медиуми. Дали ќе продолжат да бидат практика – треба да се види.

Понекогаш, кога новинарските екипи ги мрзи да станат рано, пред зори, техничарите на одделенијата за крим-техника снимаат, а потоа снимките, кои инаку се доказен материјал, им се доставуваат на уредниците за да бидат спакувани „новинарски“ стории.

Од нашето поблиско минато се сеќаваме на спектакуларни акции на полицијата: медиумски експонираните апсења на поранешниот директор на „Мобимак“, Рубин Заревски, на угледниот доктор Дејан Докиќ; апсолутно непропорциналниот број на полициски сили кога се изврши инвазија на „А1-телевизија“; потоа следуваше серија од полициско-медиумски апсења во акциите „Змиско око“, „Ровер“, „Шпион“, „Расколник“, „Јустиција“, како и особено спектакуларните апсења на поранешниот министер за внатрешни работи и лидер на партијата Обединети за Македонија Љубе Бошковски, и колегата, новинарот Томислав Кежаровски.

Хелсиншкиот комитет за човекови права, како и многу други домашни и меѓународни организации овие апсења ги ставија во сите извештаи за кршење на човековите права поради начинот на приведување. Сите тие беа спектакуларни и намерно медиумски покриени, со што се продолжија практиките на МВР за јавно приведување на осомничените со  медиумска експонираност, што, секако, влијае на презумцијата на невиност на осомничените. Со ваквото постапување воочлива е тенденцијата на извршната власт да влијае врз судската, со што се нарушува принципот на владеење на правото, беше истакнато во соопштението на Хелсиншкиот комитет на 10 октомври 2014 година.

 

МЕЃУ ПРЕТПОСТАВКАТА ЗА НЕВИНОСТ И ЗА ВИНА

Како и секој медал, така и овој феномен на медиумско експонирање на осмничени, има две страни – лице и опачина. Лицето се правата на тие што ги апси полицијата, а опачината е злоупотребата на овластувањата на полицијата, медиумската сервилност и драмата, односно душевната болка на тие што се изложени на јавност.

Ах, тие човекови права! Што да се прави со нив? Колку полесна би ѝ била работата на полицијата кога не би постоеле. Па уште и претпоставката дека се невини додека не се докаже дека се виновни.

Дали борбата против криминалот може да биде оправдана доколку со неа се кршат човековите права?

Кога се водат принципиелни дебати околу овие прашања, веројатно никого посебно не треба да убедуваме дека човековите права се загарантирани: сите човекови права, секому, секаде и во секое време. Вклучувајки го и правото на претпоставка за невиност. Сè додека не се докаже спротивното и додека не се донесе правосилна судска одлука. На овие принципи се темели целиот концепт за човековите права, на правичното судење и тие стандарди се вградени во уставните и во законските прописи и во Македонија.

Клучната алка во оваа приказна е полицијата, но и медиумите, кои кај нас, главно преку уредниците и сопствениците, се здружуваат заради создавање слики кои јавноста треба да ја насочат кон заклучок дека уапсените се виновни уште пред почетокот на судскиот процес. Според сите стандарди и конвенции за човековите права, нарушувањата на претпоставката за невиност е повреда на тие стандарди и конвенции, а асистентите во тие повреди – медиумите – се сојузници во кршењето на човековите права. Таквата нивна постапка не може да се амнестира со ништо. Ниту пред законот, ниту пред кодексот на професијата, ниту пред демократската јавност.

 

БРУТАЛНОТО МЕДИУМСКО ЕКСПОНИРАЊЕ Е ТОРТУРА

Спротивноста на постапката на медиумите со универзалните човекови права и со принципите на професијата, кога тие посредуваат во јавното стигматизирање и „осуда“ на осомничените, не завршува само тука. Како што можеме да заклучиме од примерите од нашето современо политичко битисување, медиумската пресуда може да биде многу сурова. Луѓето кои уште во оваа фаза се стигматизирани, обвинети, па дури и осудени, дури и тогаш кога добиваат ослободувачки пресуди, не можат да ја добијат целосната морална сатисфакција. Тоа е како да се обидувате да го соберете песокот што на сите страни го разнесуваат медиумските стихии.

Заради тоа концептот на човековите права инсистира дека тие се однесуваат на сите, вклучувајќи ги тие што се на удар за законот. Без исклучок.

Тоа, од друга страна, не значи дека медиумите не смеат да известуваат во сите фази на некоја полициска акција или судска постапка. Напротив. Сепак, постојат одредени препораки кои, наједноставно кажано, се опфатени во формулата: Не се спорни информациите, спорни се формулациите и постапките. И на полицијата, но и на медиумите – особено.

Полицијата не смее да објавува целосни лични податоци на личности кои се приведени заради истражни постапки. Полицијата не смее да објавува нивни фотографии или видеозаписи. Полицијата се смее да изјави дека приведените сториле кривично дело.

Доколку медиумите ги пренесат овие постапки и формулации, тогаш и тие ги прекршуваат законските и професионалните норми.

Зашто, ако полицијата и медиумите, во тој момент, во моментот на приведување, знаат и јавно тврдат дека некој е виновен, тогаш зошто постојат обвинителствата, судовите, законите и судските постапки?

 

ЛОНДОНСКАТА ПОЛИЦИЈА НЕ ОБЈАВУВА НИШТО АКО НЕМА ОБВИНЕНИЕ

Еве како работи лондонската полиција според еден новинарски запис со наслов „Лисици и фотографии за страв!“, објавен во „Нова Македонија“.

Лондонската полиција во своето работење избегнува да ги објавува идентитетот и фотографиите на осомничените, но сепак не ги спречува новинарите да си ја вршат својата должност пред судовите, бидејќи тоа се јавни места и снимањето е дозволено. Лондонските полицајци често ги снимаат своите акции, но снимките што потоа се даваат на јавноста се со заматени ликови. Лисиците ги користат кога е неопходно.

Разликата меѓу нив и МВР е тоа што тие никогаш не организираат прес-конференции за нивните акции и приведувања.

„Што се однесува до нас, не именуваме никој што не е обвинет. Ако некој е уапсен за потребите на сослушување, името не се соопштува. Ако потоа биде пуштен без обвинение, името не се соопштува. Идентитетот се соопштува само кога личноста е обвинета. Обично ние не приложуваме фотографија од обвинетиот заедно со обвинението. Во практика, не би одржале прес-конференција, или, пак, не би помогнале при организирањето конференција за нечие апсење. Во некои случаи носиме камери при апсење, се снима акцијата, и ако снимката потоа биде емитувана, тоа обично се прави со пикселизирани, скриени ликови. Има случаи на фотографирање при апсење и објавување на нивните фотографии, тоа не е невозможно, но од наша страна тоа се прави само ако бидат обвинети. При спроведување во суд, веројатно е дека обвинетиот ќе го фотографираат со полициска придружба. Ние не би повикале новинари на спроведувањето, но воедно не би ги ни избркале, односно не би поставиле ограден коридор околу судот за да спречиме фотографирање бидејќи за нас судот е јавно место. Што се однесува до лисиците, нивната употреба зависи од случај до случај. Обично во случаи на обична измама не ги користиме, но сепак зависи од поединците. Можно е и лица што се обвинети за ненасилно злосторство да се обидат да побегнат од рацете на полицијата. Мора да се процени ризикот и зависи од човек до човек“, велат од лондонската полиција Метрополитен.

И уште едно прашање кое треба да си го имаат уредниците и новинарите пред себе, секогаш кога од нив се бара да бидат дел од некоја полициска акција. Ако полицијата одлучува што и како треба да објавуваат медиумите, тогаш зошто ни се уредници и новинари?

 

ИЗВОРИ:

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење