Проектот е финансиран од Европската Унија
Со критично мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк
Mendim kritik për qytetarë me shkathësi mediatike - CriThink
Critical Thinking for Mediawise Citizens - CriThink
Home Blog Page 3

Невистина е дека Данска ќе го води ковид како „обичен грип“

Целосна дезинформација е дека Данска ќе ги укине рестриктивните мерки затоа што ковид-19 ќе го смета како грип. Голем дел од мерките се олабавуваат поради високото ниво на вакцинирано население од 71 отсто

 

Во медиумите се појавија тврдења во кои се вели дека од 10 септември Данска ги укинува мерките и ќе го води ковид како да е обичен грип. Слични написи се појавија и кога станува збор за Норвешка. Ваквите написи главно се преземаат од медиумите во Србија (овде и овде), но понекогаш и директно од западните портали за ширење дезинформации. Написот кој е предмет на оваа рецензија во меѓувреме беше избришан, но тврдењата изнесени во него или тврдења слични на тие изнесени во избришаниот напис, сè уште кружат на социјалните мрежи и стануваат вирални. Не е точно дека Данска ќе го води ковид како обичен грип, затоа што ковид не е обичен грип.

На 10 септември, данската влада ќе ги укине преостанатите рестрикции против ковид затоа што нивното Министерство за здравство објави дека „корона-вирусот повеќе не е критична опасност за општеството“, поради високото ниво на вакцинација во Данска.

Епидемијата е под контрола, имаме рекордни нивоа на вакцинирани, изјави данскиот министер за здравство Магнус Хајнике, додавајќи дека затоа може да се олабават рестриктивните мерки што беа во сила поради ковид-19.

Министерот на здравство на Данска, сепак, додаде дека иако моментално земјата е во добра ситуација, епидемијата не е завршена и оти данската влада не би се двоумела брзо да реагира ако пандемијата пак му се закани на есенцијалното функционирање на општеството.

Данска е третата земја во Европската Унија по бројот на вакцинирани граѓани. Дури 71 процент од данското население има примено две дози вакцина против ковид-19.

Данска меѓу првите земји во Европа воведе „локдаун“ во март минатата година, ги затвори училиштата и бизнисите кои не се есенцијални. Во текот на пандемијата данските власти ги зајакнуваа и ги олабавуваа рестриктивните мерки, а на 21 април годинава Данска воведе и вакцинален пасош.

Сите овие факти укажуваат на тоа дека данските здравствени власти навремено, ефикасно и сериозно ја зедоа предвид состојбата со корона-вирусот, а не дека ја изедначуваа со обичен грип.

Данските ресторани, барови, киносали, спортски сали и фризерници се отворени за сите што ќе докажат дека се целосно вакцинирани или имаат негативен ПЦР-тест во последните 72 часа. Или, пак, доколку прележале ковид пред не повеќе од 12 недели. Од 1 август корона-пасош е потребен за влез во данските ноќни клубови, големи и масовни настани како фудбалски натпревари. Сепак, во Данска остануваат во сила рестрикциите за патување барем до октомври. 

 

Властите на првиот сигнал веднаш ќе реагираат спротивно

Данската агенција за безбедност објави дека ќе се намали и капацитетот за ковид-19 тестирања.

Ако се појави потреба, ќе го зголемиме капацитетот за тестирање, рече Лисбет Зимер Џонс, директор на данската агенција за безбедност. Досега во Данска  се РЕГИСТРИРАНИ 342.474 случаи на ковид.

Земјата и понатаму продолжува да ги мониторира состојбите и рестрикциите околу ковид-19 не се олабавуваат поради тоа што пандемијата или вирусот не постојат или поради тоа што ковид е исто што и грип, туку затоа што над 71 процент од данското население е вакцинирано. Оттука, написите и содржините што тврдат дека Данска го изедначила ковид-19 со грипот ги оценуваме како дезинформации, т.е невистини.

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.

Дезинформација е дека Бајден заспал на средбата со израелскиот премиер Нафтали Бенет

Манипулација со видеоклипот од средбата, каде што е прикажан само еден краток отсечен дел, резултира со дезинформации во јавноста дека американскиот претседател заспал на официјалната средба, што е невистина пренесена и кај нас

 

 

Рецензираме објава на „Фејсбук“ во која се тврди дека претседателот на САД, Џо Бајден, заспал на средбата со израелскиот премиер, Нафтали Бенет. Постот пренесува напис со наслов „ВИДЕО: Бајден задрема на средбата со премиерот на Израел“.

Станува збор за видео од средбата на Бајден со Бенет, кое на социјалните мрежи стана вирално и доста споделувано, а кое, всушност, не е целосно прикажано.

Видеото што се споделува е намерно исечено. Во исечокот од состанокот Бенет-Бајден, кој стана вирален, претседателот Бајден ја спушти и се чини дека клима со главата. Иако прстите продолжија да му се движат, главата и очите беа под агол од кој се чинеше дека спие додека Бенет зборува со него. Секунди подоцна, подолгите снимки покажуваат дека Бајден му одговара на Бенет и тоа веднаш откако израелскиот премиер го заврши своето обраќање.

По еднодневното одложување поради смртоносниот самоубиствен бомбашки напад во Кабул за време на хаотичната евакуација на САД од Авганистан, Бајден и Бенет го одржаа првиот состанок на 27 август 2021 година со цел да ги ресетираат американско-израелските односи и да ги намалат разликите околу начинот на справување со иранските нуклеарни напредувања. Еве го комплетното видео од средбата. Исечениот дел е од 12.30 минути. Во последната минута и пол од видеото може да се види дека Бајден ја наведнува главата во моментот кога Бенет спомнува „овие тешки моменти“, мислејќи тука на експлозијата од бомбаш самоубиец на аеродромот во Кабул, од која загинаа 13 американски војници, но Бајден постојано ги придвижува прстите и почнува да зборува веднаш откако Бенет заврши со своето излагање.

 

 

Бајден може да се види и како разговара со Бенет во текот на целиот клип. Краткиот сегмент, кој е изолиран, започнува во 12:42 минута. Во 13:14 минута, Бајден продолжува да зборува, но тоа е отсечено од клиповите во објавите што се споделуваат на социјалните мрежи.

Оваа вест како лажна прв ја означи познатиот проверувач на факти на „Си-ен-ен“, Даниел Дејл на „Твитер“.

Ова со „заспивањето на Бајден“ е нонсенс. Целосното видео покажува: 1) Бајден зборува 2) Бајден погледнува накај Бенет 3) Бајден гледа надолу, неговите дланки се мрдаат, гледа кон Бенет кога тој ги спомна „тешките денови“ од овие недели 4) Бајден веднаш му одговара на Бенет, вели познатиот новинар и проверувач на факти во неговиот твит.

Веста дека Бајден заспал за време на средбата со Бенет ја демантираа и израелските новинари кои заминале во Белата куќа на првата средба на премиерот Нафтали Бенет со американскиот претседател Џо Бајден, пренесе Izraelnationalnews.com.

Повеќе новинари кои биле присутни во Овалната соба рекоа дека тоа не се случило. „Од моја гледна точка, Бајден не заспа“, напиша Ходаја Криш Ришони за Макор Ришон. „Можно е и дефинитивно неопходно да се критикува содржината на состанокот, работи што беа или не беа КАЖАНИ. Но, справувањето со настани што навистина не се случија само ја ослабува фактичката критика”.

Од сето ова може да се заклучи дека видеоклипот во кој се вели дека Бајден заспал додека бил на состанок со израелскиот премиер Бенет е погрешно отсечен. Подолгите верзии покажуваат дека Бајден го продолжува разговорот веднаш по овој момент.

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.

Не е вистина дека ковид-19 е начин за намалување на светската популација

Тврдењата дека ковид-19 има цел да ја намали светската популација и оти масовната вакцинација е обид да се контролира светската популација продолжуваат да се шират на социјалните мрежи и во медиумите. Научните факти покажуваат една сосема поинаква реалност, а тоа е дека единствената цел на вакцинацијата е имунизацијата на населението, пишува Порталб.
Драматична фотографија, сензационален наслов и скандалозна содржина се елементите на текстот што го рецензираме. Текстот, откако беше објавен на неколку портали на албански јазик, беше споделен и на социјалните мрежи. Многу кратко време по споделувањето на фејсбук-страница со над 100 илјади следбеници „Лајме Диторе Шќип“, постот доби над 120 допаѓања и е споделен 47 пати.
Содржината на текстот е базирана на коментарите на Алфред Чако, кој тврди дека на вакцинираните им остануваат најмногу уште 7 години живот. Во текстот во продолжение се тврди дека ковид е начин за намалување на светската популација и дека тоа ќе се постигне преку вакцинацијата.
„Човештвото ќе биде ставено под контрола од дигиталната диктатура преку вакцините кои се полни со различни метали што произведуваат електромагнетизам, како графен оксид“, се вели меѓу другото во содржината што ја рецензираме.
Вакцинацијата нема да го претвори вашето тело во магнет затоа што вакцините не содржат метали.
Всушност, ова беше прилично честа тема на конспирациските теории. На социјалните мрежи се споделени десетици видеа во кои се тврди дека има метални супстанции во вакцината. Се лепат метални предмети на рамото на наводно вакцинирани луѓе (лажица, железна паричка итн.) Ова е најпопуларната форма за манипулација дека вакцините наводно имаат магнетни својства.
Лекарите неколкупати изјавија дека во ниту една од вакцините нема состојки што предизвикуваат лепење на металните предмети на рамото, односно вакцините немаат магнетизирачко дејство. „Вистиномер“ честопати се занимава со овие лаги и нивното разобличување.
Во консултации со експерти на тема магнетизација на телото од вакцинацијата доста е пишувано и во американските медиуми. Проверувачите на факти на „Ју-ес-еј тудеј“ теоријата за магнетизирачкиот ефект на вакцините ја нарекуваат чисто лудило.
„Тврдењето дека вакцините против ковид можат да предизвикаат магнетна реакција е неосновано и лудо. Вакцините не го магнетизираат вашето рамо. Ова укажува дека лицето користи нешто друго за да го прикачи магнетот на рамото, веројатно потта од раката или нешто слично”, рече вирусологот Ангела Размусен, од Универзитетот во Џорџтаун, за едно слично видео кое беше објавено во САД.
Центарот за контрола и превенција на болестите во САД нагласува дека не е точно оти вакцинацијата ќе ве претвори во магнети, а тоа нема да се случи ниту со местото на вакцинација, односно раката.
Вакцините против ковид не содржат состојки што можат да создадат електромагнетно поле на местото на инјектирањето.
На листата со состојки на вакцината против ковид нема графен оксид. Целосниот состав и сите состојки на вакцините се достапни на официјалната веб-страница за вакцинација во Северна Македонија.
„Астра Зенека“: Вид на вакцина: аденовирус како вектор кој носи гени за Ц протеинот на Сарс-Ков 2
„Фајзер/Бионтек“: МРНА-вакцина која му дава инструкции на организмот за создавање протеин карактеристичен за вирусот Сарс-Ков 2
„Синофарм/Синовак“: Неактивиран вирус Сарс-Ков 2
„Спутник В“: Вид на вакцина: аденовирус како вектор кој носи гени за Ц протеинот на Сарс-Ков 2
Повеќе информации за вакцините што се аплицираат во Северна Македонија може да најдете на следниот линк.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.

Дезинформации за присилна вакцинација и измислици за наводно труење на ученици

Не постои никаков план и заговор за присилна вакцинација на децата и нивно труење со вакцини, како што се тврди во Фејсбук објавата што ја рецензираме, ширејќи вознемирувачки пораки и потткнувајќи паника кај родителите. Имунизацијата за младите од 12-18 години се спроведува единствено по претходна пријава, со согласност од родител и во вакциналните пунктови, а за децата под 12 години засега не се препорачува ниту една вакцина против ковид-19

 

Објава на Фејсбук шири вознемирувачки пораки за присилна вакцинација на учениците и нивно „жртвување“ без знаење на родителите, поттикнувајќи страв и паника, но и недоверба во институциите и програмата за вакцинација. Во оваа  манипулативна објава се инсинуира постоење на „завера“ од страна на државата, со која се планира загрозување на здравјето на децата, што е целосна невистина.

Ќе дојдат ненајавено, со силно полициско обезбедување, како атентатори и децата силум ќе ви ги вакцинираат на препад, ги  предупредува родителите авторот на објавата.

Лага со тврдења без ниту еден факт

Ова тврдење е неточно и бесмислено, а авторот воопшто не го познава правниот систем и процесот на имунизација. Или, пак, е приврзаник на онлајн настава за учениците, а не со физичко присуство и на суптилно прикриен начин го прокламира својот став.

Прво, вакцините во државата не се задолжителни, туку доброволни, иако здравствените власти повикуваат на масовна имунизација, вклучително и  на младите, по зголемувањето на бројот на заболени и смртни случаи кај оваа група од популацијата.

Тоа постојано го повторува и министерот за здравство Венко Филипче, кој истакнува дека иако некои земји го воведуваат вакцинирањето на децата против ковид-19 како задолжително и нема да ги примаат невакцинираните деца на училиште, тоа во земјава нема да се случи.

Второ, засега нема никаде вакцинација на деца под 12 години. „Фајзер“ сè уште работи на клинички испитувања на групите од 5 до 11 години и од 6 месеци до 5 години, а во тек се истражувања и од страна на „Модерна“. Во овој момент, вакцините се достапни само за малолетници од 12 до 18 години, кои претходно треба да бидат пријавени преку системот за вакцинација и се аплицираат исклучиво на вакциналните пунктови. Засега нема најава за организирано вакцинирање во училиштата, што значи дека со објавата се шират лажни и неточни информации.

И трето, за вакцинација на малолетни лица, вклучително и за вакцината против ковид-19, неопходна е согласност од родител, што значи дека никој не може „силум“, како што пишува во објавата, да вакцинира малолетни ученици, а најмалку здравствените и полициските власти задолжени за почитување на прописите и законите.

Авторот на објавата не застанува тука со ширењето невистини, туку продолжува со уште повознемирувачки пораки до родителите:

Дечињата ко кротки јагниња сите ќе ви ги испотрујат. А учителите само ќе кажат така ни наредија. Молчете родители со вашиот кукавичлук сопствените ви деца курбан ги жртвувате…

Труење на децата нема, а најмалку од вакцини. Со досегашните пронајдени вакцини против многу болести, спречени се голем број епидемии и искоренети се опасни заразни болести, со што се спасени и се спасуваат многу животи. Здравствените експерти, пак, постојано упатуваат на придобивките и безбедноста на вакцините, наспроти огромните ризици од корона-вирусот.

Во светот, како и во нашата држава, малолетниците од 12 до 18 години се вакцинираат со вакцината на „Фајзер“, која неодамна доби и одобрение за целосна употреба од Агенцијата за храна и лекови на САД (ФДА) за лица над 16 години. Паралелно, продолжува да биде достапна под авторизација за итни случаи (ЕУА) и за поединци од 12 до 15 години. Вакцината покажала 100% ефикасност во клиничко испитување со учесниците од оваа возрасна група и била добро поднесена. Европската агенција за лекови (ЕМА), пак, од скоро ја одобри и употребата на вакцината „Модерна“ за деца на возраст меѓу 12 и 17 години.

Одобрувањето на оваа вакцина („Фајзер“) е пресвртница додека продолжуваме да се бориме со пандемијата на ковид-19. Додека оваа и други вакцини ги имаат исполнето ригорозните, научните стандарди за авторизација за итна употреба, како прва вакцина против ковид-19 одобрена од ФДА, јавноста може да биде уверена дека оваа вакцина ги исполнува високите стандарди за безбедност, ефективност и квалитет на производството и ги исполнува барањата за одобрување на ФДА, објави комесарот на ФДА, Џенет Вудкок.

И Центарот за контрола на болести (CDC) препорачува дека секој од 12 години и повеќе треба да добие вакцина ковид-19 за да се заштити од вирусот, бидејќи масовната вакцинација е клучна алатка за да се запре пандемијата и да се создадат услови за колективен имунитет. Исто така, UNICEF апелира дека вакцините се од пресудна важност за да се стави пандемијата под контрола.

Овие факти потврдуваат дека во никој случај не може да стане збор за труење на децата со вакцини, како што се имплицира во објавата што ја рецензираме.

 

Институции: нема дискриминација околу вакцините и децата

Ваквите антивакцинални ставови беа актуелни и пред две години при епидемијата со морбили, кога многу родители се спротивставија на одлуката на Владата децата да не можат да посетуваат настава доколку ги немаат примено задолжителните вакцини. На реакциите на родителите, нивните тужби и претставки, и Уставниот суд на РСМ и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација констатираа дека оваа одлука не претставува дискриминација врз каква било основа и дека не е во спротивност со Законот за основното образование.

Очигледни се фактите дека вакцината за децата ниту е присилна ниту тајно се спроведува или служи за труење на учениците, поради што објавата ја оценуваме за лажна и манипулативна, која ја поткопува борбата против вакцинацијата и заштитата на здравјето на младата популација. Вакцините се безбедни и ефикасни и неопходна е масовна имунизација за спречување тешки случаи и смртни исходи, особено кај младите.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.

Епифизата на децата не е афектирана од бесконтактен топломер!

Рецензираме објава на „Фејсбук“ во која се тврди дека на децата им се мери телесната температура со дигитален топломер, затоа што на тој начин се таргетира епифизата, која е „чакра, односно центар за комуникација со повисоките сфери“

 

,,Еве зошто ги „бушат“ луѓето (ОСОБЕНО ДЕЦАТА) со оној дигитален топломер, точно во челото (епифизата) !!! Таа чакра е центар за комуникација со „повисоките сфери“!!!, пишува во објавата во чиј состав има и има видео од интервју на доктор Бранимир Несторовиќ од Србија за емисијата „Балкан инфо“. Тој во исечениот дел од интервјуто без целосниот контекст, го вели следново:
Првата чакра е епифизата, пинеалата жлезда, која е центар за комуникација со повисоките сфери. И знаеме како се одигрува тоа и за тоа пишував во новата книга.

Патем, целосното интервју трае над 3 часа.  

А на 42-та минута од видеото, ќе го пронајдете делот употребен во постот што го рецензираме. Во тој дел од интервјуто Несторовиќ не зборува за ковид и мерење температура со дигитален топломер, туку за содржината на неговата книга. Тој објаснува делови од будизмот, за чакрите, наведувајќи дека сѐ е енергија.

Во 35-тата минута од интервјуто Несторовиќ вели дека сакал да напише книга за младите лекари да видат дека во медицината не е сѐ онака како што е напишано во западната литература.

На крајот сешто пишував и го завршив третиот дел кој ќе се вика „другиот свет“. Ќе биде посветена на духовниот свет, за психичкото исцелување и начините на кои може да ја спознаеме вистината. Немаме инструменти со кои можеме да ја спознаеме психичката енергија. Но, можеме да дознаеме што се случува. Сите државни безбедности ги собраа видовитите луѓе и ги држат. Одеднаш нема литература за тоа. Кога ќе влезеш малку и ќе почнеш да трагаш, на некои индиректни начини, тогаш дознаваш дека некој видовит човек прв ги опишал прстените на Сатурн, па им кажал на астронаутите кај да бараат, па за три години тие ги пронашле прстените. Значи постои тој феномен.

Новинарот во 40 минута и 17 секунда го потсетува дека споменал оти енергијата на луѓето е доказ за животот, а животот е мистерија.

Ние сме брановити битија. Петтата димензија е светлината. Светлината е основа на сè. Тесла рекол дека универзумот е една пулсирачка светла маса на енергија. Тоа го видел. И ние знаеме дека сме енергија. Има многу луѓе кои можат да ја снимат енергијата околу вас, таа ваша аура. Пак се враќам на будистите, со аурата. Но кога ќе ги погледнете нивните чакри, епифизата, пинеалната жлезда, е центар за комуникација со повисоките сфери. Чакрата на срцето, гласот. Зошто луѓето кои се стегнати не можат да зборуваат? И сакралната чакра. Секоја чакра има своја боја. А бојата е фреквенција, а фреквенцијата е енергија”, вели Несторовиќ во видеото (од 40 до 42 минута).

Значи, во постот што го рецензираме, Несторовиќ воопшто не зборува за ковид, ни за мерење температура со топломер на челото.

 

Дали навистина може да се влијае врз жлездата?

Пинеалната жлезда односно епифизата, кај човекот е во вид на шишарка со големина на зрно од пченка од 8 милиметри. Во детството е најразвиена, а по настапувањето на половата зрелост се намалува. Излачува хормони што го кочат предвременото полово созревање. Се наоѓа озгора на задниот дел на меѓумозокот. Се смета дека припаѓа на жлездите од ендокриниот систем и влијае на растот и развојот на јајчникот и семеникот.
Директорот на Клиниката за неврологија, доктор Иван Барбов за „Вистиномер“, изјави дека со топломер не се влијае на ниеден начин на пинеалната жлезда, односно на епифизата, која лачи мелатонин.
Оваа жлезда продуцира хормон мелатонин. На неа не може да се влијае на ниеден начин со детектор за температура, рече доктор Барбов.
Научникот Габриел Гирардау за „Асошиејтед прес“ изјавил дека дури и кога инфрацрвено зрачење би било насочено од топломерот кон епифизата, самата епифиза е толку длабоко сместена во мозокот што зраците не би можеле да ја допрат.
Пинеалната жлезда кај птиците навистина е лоцирана веднаш под черепот и содржи клетки сензитивни на светлина. Но, за цицачите ова не е случај!
Да се мери температурата со бесконтактен термометар на челото е препорака и од Светската здравствена организација. На нивната официјална страница пишува дека лицето што ја мери температурата треба строго да ги следи препораките на производителот и да го постави термометарот пред челото, додека пациентот е во статична положба за време на мерењето. Дистанцата меѓу термометарот и челото зависи од упатствата на производителот. Топломерот треба да се одржува чист и сув, а екранот за мерење да не се допира.
Не е вистина дека пинеалната жлезда на каков било начин е афектирана од бесконтактен топломер. Докторот Несторовиќ, пак, во интервјуто, за епифизата зборува во сосема друг контекст, во контекст на неговата книга, енергијата и материјата, а не во контекст на ковид-19. Според тоа и според проверката на „Вистиномер“, објавата во постот е невистина и таа дезинформира.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.