Проектот е финансиран од Европската Унија
Со критично мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк
Mendim kritik për qytetarë me shkathësi mediatike - CriThink
Critical Thinking for Mediawise Citizens - CriThink
Home Blog Page 4

Бил Гејтс не е уапсен

Веста за навдното апсење на основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, најпрво ја објави портал за сатирични содржини. Во делот „за нас“ на сајтот, се вели дека информациите објавени на него се информативни едукативни и за потребите на забавата. Овој сајт содржи хумор, пародии и сатира. Самиот портал додава дека го вклучува ова предупредување за своја заштита и за да спречи да биде тужен. Апсењето на светски познатиот Бил Гејтс би било пренесено во сите мејнстрим-медиуми и би било објавено од страна на сите медиумски организации во светот. Но, ништо од тоа не се случи зашто веста е лажна. И по објавувањето на ваквата вест Бил Гејтс е активен на својот профил „Твитер“

 

 

Рецензираме пост на „Фејсбук“ кој води до текст, во кој се тврди дека Бил Гејтс (основачот на Мајкрософт) бил уапсен од страна на американската војска поради трговија со деца и злосторства врз американските граѓани.

Кога ќе се кликне на текстот, тој води до напис, кој, пак, се повикува на хрватски портал и во кој во детали е опишано наводното апсење, кое никогаш не се случило.

Лажно се тврди дека Гејтс бил уапсен „во вторникот на 27 јули“, „откако со месеци го користел своето богатство и контактите со длабоката држава за да им избега на органите на прогонот“. Исто така, не е вистина дека Гејтс е обвинет зашто ја принудил американската Агенција за лекови да даде итно одобрение за ковид-вакцина, знаејќи дека таа „ќе ја разложи човековата ДНК“. Во написот се додава и дека Гејтс е обвинет за трговија со деца, а дека откако е приведен „чека да биде пренесен на заливот Гвантанамо“. Контроверзниот затвор во Куба, Гвантанамо, инаку, американската администрација размислува да го затвори. Настрана фактот што сега веќе во Гвантанамо нема американски државјани и иако во минатото ги имало, денес е многу тешко да се испрати американски државјанин во Гвантанамо.

Tекстот  е преполн со детали што сугерираат дека авторот „знае што зборува“, штом има толку многу информации. Меѓутоа, кога ќе почне да се проверува еден по еден, секој од наводите е лага.

Прв текстот го објави овој портал.

Во делот „за нас“ на сајтот, се вели дека информациите објавени на него се информативни, едукативни и за потребите на забавата. Овој сајт содржи хумор, пародии и сатира. Самиот портал додава дека го вклучува ова предупредување за своја заштита и за да спречи да биде тужен.

Апсењето на светски познатиот Бил Гејтс би било пренесено во сите мејнстрим-медиуми и би било објавено од страна на сите медиумски организации во светот. Но, ништо од тоа не се случи зашто веста е лажна. Откако оригиналниот напис е објавен, Бил Гејтс е активен на својот твитер-профил, како и на „Јутјуб“. На неговиот јутјуб-канал има 9 видеа од крајот на јули (откако тој бил наводно уеапсен)и во најголем дел од нив тој е главниот актер. A, да не говориме и дека пред две и пол недели даде интервју за „Си-ен-ен“, додека истворемено, наводно, требаше да биде уапсен.

Важно е корисниците на социјални мрежи да имаат предвид на какви веб-страници пристапуваат, дали станува збор за веб-страници што  често објавуваат лаги, дезинформации или сатира за која не поставуваат дисклејмер или се работи за сериозни медиумски организации со импресум и професионален новинарски кодекс.

Нашата оценка на овој пост е дека станува збор за невистина.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.

Во Австралија не се случија ниту „огромни протести“ ниту „револуција“

Австралија, според Worldmeters, има 25.836.750 жители. Во сите четири града каде имаше протести, според полициските податоци, излегле 10.500 граѓани. Најголем број на граѓани – околу 4.000, имало на протестите во Мелбурн, град со 4,2 милиони жители. Во најголемиот град во државата, Сиднеј, кој има 4,6 милиони жители, протестирале 3.500 граѓани, 2.000 во Бризбејн и 1.000 во Перт. Така што, протестите не биле огромни, како што се прикажува во постот. Исто така, тврдењето дека e „започната револуција“ е далеку од реалноста, бидејќи на протестот не беа изнесени политички барања и не се бараше промена на власта. Демонстрантите со извиците „слобода“ бараа укинување на полицискиот час и на рестриктнивните мерки

 

 

Во фејсбукпост е споделено видео од протестите во Австралија, со краток опис:

Огромни антиковид-протести во Австралија. Народот излезен на улица во огромна бројка, а полицијата на нив со водени топови и гумени куршуми.

Дефинитивно е започната револуција низ целиот свет за целата лага во врска со Ковид 19.

Прво, постот којшто е многу вирален – досега (24.8.2021) има 9.700 прегледи, 3.900 споделувања и 860 коментари – тврди дека граѓаните излегле на револуција против „целата лага во врска со ковид-19“. Но, луѓето што излегоа на протести во Австралија протестираа против строгата блокада и полицискиот час, кој во дел од најголемиот австралиски град, Сиднеј, трае повеќе од два месеца. Светските медими пренесуваат изјави на австралиската власт, која оценува дека седењето дома и вакцинирањето се мерки што даваат резултати. Австралија, во целиот период на пандемијата од година и пол, има регистрирано 43.000 случаи на ковид-19 и 978 смртни случаи.

Второ, за да се каже дека се тоа огромни простести, треба да се има предвид големината на земјата и на градовите, која е илустративна сама по себе. Според Worldmeters, Австралија има  25.836.750 жители (состојба на 23.8.2021). Во сите четири града каде имаше протести, според полициските податоци, излегле 10.500 граѓани. Најголем број  граѓани – околу 4.000, имало на протестите во Мелбурн, град со 4,2 милиони жители. Во најголемиот град во државата, Сиднеј, кој има 4,6 милиони жители, протестирале 3.500 граѓани, 2.000 во Бризбејн и 1.000 во Перт.

„Гардијан“, во извештајот за протестите, пренесува изјава на министерот за внатрешни работи на Нов Јужен Велс, Дејвид Елиот, кој најавува дека се насочени кон „идентификувација на секој од 3.500 демонстранти“ во Сиднеј.

И трето – тврдењето дека започнува револуција е далеку од реалноста, бидејќи на протестот не беа изнесени политички барања и не се бараше промена на власта. Демонстрантите со извиците „слобода“ бараа укинување на полицискиот час и на рестриктивните мерки.

Според медиумскиот извештај, анкетата на агенцијата за истражување на пазарот Utting Research покажа дека само 7 отсто од Австралијците ги поддржуваат често насилните протести (анкета спроведена на крајот на јули).

Од почетокот на пандемијата Австралија применува строги и рестриктивни мерки, што, според оценките, се клучни за успехот во борбата против корона-вирусот и ниските бројки на заболени. Сепак, голем предизвик е четвртиот бран на инфекцијата, кој почна од Сиднеј во средината на јуни.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.

Немојте да постите 40 дена на вода како детоксикација по вакцина!

Објавата освен што дезинформира, е и опасна за здравјето на луѓето, затоа што доготрајниот пост на вода не смее да се практикува без медицински надзор, особено не 40 дена! Научни студиии поажуваат дека долгорочните пости на вода се поврзани со нездраво слабеење, губење мускулна маса, постојан замор и може да му наштетат на имунолошкиот систем. Што се однесува до вакцината, не е потребно никакво детоксицирање од неа, затоа што во случај на МРНК вакцина, телото ја распаѓа МРНК и ја чисти

Рецензираме пост на „Фејсбук“, во кој се вели дека сите што примиле МРНК вакцина (единствената таква администрирана во Македонија е вакцината на „Фајзер“, н.з), треба да направат крвна слика со Д-димери, зашто, наводно, вакцината предизвикува згрутчување на крвта, кое за две години ќе доведе до мозочни удари и оштетувања на срцето.

Авторот на постот препорачува секој што се вакцинирал да направи чистење на телото, односно детоксикација.

Нај успешен третман е постење на вода ( 40 дена само вода и ништо друго) Еден од нај добрите програми АПП (анти паразити програм ) е по метода на др. Шулц ,чија програма покрај суплиментите е и постот на вода, вели авторот на постот, кој, инаку, не е медицинско лице.

Постот е вирален и во моментот на нашата рецензија е споделен 66 пати.

Објавата освен што дезинформира, е и опасна за здравјето на луѓето, затоа што постот на вода кој е пролонгиран не смее да се практикува без медицински надзор, особено не 40 дена! Ова е ризично за здравјето!

Повеќето пости на вода се од 1 до 3 дена. Постот на вода, според медицински експерти, треба да се избегнува зашто може да доведе до анорексија, сериозни импликации на организмот ако не се спроведува со медицински надзор и на соодветен начин!

Во 2011 година, пациентот Џонатан Кам почина по 32 дневен пост на вода. Студија на овој линк покажува дека негативните ефекти на постот на вода се замор, проблеми со срцето и нерегуларно срцебиење, висок или низок крвен притисок, болки во стомакот и вртоглавици. Долгорочните пости на вода се поврзани со нездраво слабеење, губење мускулна маса, постојан замор и чувство дека ви е ладно, промени во расположението.

Многу луѓе што се обидуваат да постат само на вода се луѓе штонавистина се борат со болести за кои не можат да најдат лек така што бараат нешто да ги спаси. Да не се јаде ништо со недели, месеци, е навистина опасно и не го препорачувам никому, вели Кристи Херисон, регистриран нутриционист. 

Доктор Мириам Мерад, директорка на институтот за имунологија Пресижн, вели дека предолго постење може да му наштети на имунолошкиот систем. Според неа, сè што е пост подолг од 2 дена е ризик!

Што се однесува до вакцината, не е потребно никакво детоксицирање од неа, затоа што во случај на МРНК вакцина, телото ја распаѓа МРНК и ја чисти од телото. Во детали, на следниот линк може да погледнете како се прави тоа.

Освен тоа, ризикот од тромб по вакцина е низок. Според Европската агенција за лекови, до 20 април во светот имало само 300 случаи на ретко згрутчување на крвта во цел свет! Од нив со „Фајзер“ биле поврзани само 25!

Во светот не постои ниту едно истражување ниту една препорака од официјално медицинско тело, вклучително и СЗО, Американската агенција за храна и лекови, Европската агенција за лекови, ниту, пак, каков бил научен став, дека по вакцина е потребна каква било детоксикација, а уште помалку со 40 дена пост на вода. Овој изум, 40-дневно постење на вода, претставува опасен метод, кој не треба да се спроведува од кого било без медицински надзор и без консултација со лекар. Згрутчување, односно тромбови во крвта, се создаваат во исклучително ретки случаи. Оттука, како дезинформација што може да предизвика огромна штета го оценуваме постот што е предмет на нашата рецензија.

 

 

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.

Големиот ресет во неколку чекори е фантазија и дезинформација

Наведеното во книгата, а и во постот што се споделува на „Фејсбук“, дека има некаков план за тоа како да се направи генерален ресет во неколку чекори, е незасновано на факти и претставува чиста фантазија и дезинформација. Опишаните 10 чекори во постот не се исполнија досега. Смртноста е најголема кај невакцинираните и обратно, многу ниска кај вакцинираните. Ковид не е обичен грип или настинка, туку болест предизвикана од корона-вирусот, која може да биде мултисистемска и да нападне повеќе органи одеднаш, да доведе до цитокинска бура, ниска сатурација, долгорочни последици за сите органи. Вакцините, според некои експерти, спасуваат 900 животи на 100 илјади вакцинирани

 

 

Книга со наслов „Ковид 19, големиот ресет“, објавена на 9 јули 2020 година од авторот Клаус Шваб, претставува главниот извор на овој пост споделен на „Фејсбук“. Станува збор за книга во која се изнесени гледишта што авторката на постот ги сумирала во 10 чекори, кои наводно се случуваат на глобално ниво. А, сега во моментот, според неа, светот го живее седмиот чекор, во којшто „луѓето почнуваат да умираат од вакцината, а им се кажува дека причина за тоа е уште една мутација на ковид-19 полоша од претходните”. Исто така, базирано на книгата, авторката тврди дека „за смртните случаи се обвинуваат невакцинираните”.

Наводното и непостојно глобално ресетирање на светот е дел од теорија на заговор според која мала група луѓе сакаат да го сменат светскиот поредок за да воспостават доминација врз мнозинството од населението, но таа не е базирана на никакви докази.

Во постот има една нелогичност и дезинформација: Ако луѓето почнуваат да умираат од вакцината, како е можно починатите во најголем дел воопшто да не се вакцинирани со ниту една доза?

 

СМРТНОСТА Е НАЈВИСОКА КАЈ НЕВАКЦИНИРАНИТЕ

Да ги земеме за пример македонските статистики. Министерството за здравство прави неделна анализа, која се објавува секој петок, за тоа колку од починатите и новозаразените со ковид биле вакцинирани. За вакцинирани во таа анализа, се сметаат луѓето што примиле 2 дози од вакцината, а по втората доза поминале 14 дена.

Од 3.497 граѓани кај кои е потврден корона-вирусот во неделата, кога е правена анализата, од 6 до 12 август, 450, односно 12,8 отсто биле целосно вакцинирани, а 87,1 проценти или 3.047 граѓани од позитивните не биле вакцинирани. Министерството за здравство во анализата за наведениот период евидентира дека ниту еден од сите 25 починати од ковид-19 минатата недела не бил вакциниран.

Значи, 25 луѓе починале, а за тоа не може да се обвини вакцината, затоа што лицата воопшто не ја примиле. Смртта, напротив, настанала поради компликации од корона-вирусот, кој, како што е докажано, предизвикува потешки последици кај невакцинираните. Министерот за здравство, Венко Филипче изјави дека вакцинацијата против ковид ја намалува смртноста 20 пати.

Значи, смртноста е највисока кај невакцинираните. И не е така само во Македонија. И во САД 99 проценти од починатите се невакцинирани.

Министерот, исто така, извести дека последните анализи покажуваат оти новиот делта-сој на вирусот масовно се шири кај невакцинираното население во светот. Според последните податоци, дури 84 отсто од новозаразените во Холандија се невакцинирани, а 10 отсто се вакцинирани само со една доза. Во Обединетото Кралство скоро две третини од луѓето заразени со делта-сојот на ковид-19 и повеќе од половина починати, воопшто не биле вакцинирани. Шпанија бележи значителен пораст на нови случаи кај млади невакцинирани лица.

 

КОВИД-19 И ГРИП НЕ Е ИСТО

Во постот што го рецензираме, покрај оваа невистина што погоре ја дебанкиравме, постојат и претходни наводни „чекори“ кои се случиле. Првиот, според постот и книгата наведена во постот, е тоа дека светското население било убедено оти обична настинка или грип може да ги убие луѓето, а дека асимптоматите можат да ја пренесуваат заразата. Ковид е предизвикан од корона-вирусот, а настинката од вирусот инфлуенца. Се работи за 2 различни вируса. Иако симптомите може да се слични во само одреден број случаи, сепак, има големи разлики меѓу настинка и ковид во поглед на долгорочните последици. Исто така, смртноста од ковид е поголема од таа од грип.

Разликата меѓу ковид-19 и грипот, според клиниката „Мајо“, е што двете состојби се предизвикани од различни вируси. Ковид-19 е предизвикан од корона-вирусот, а инфлуенцата од вирусите инфлуенца А или Б. Како што пишува на веб-страницата на клиниката „Мајо“, со ковид-19 може да се случи симптомот губење на мирис и вкус. Различно е и што симптомите кај ковид генерално се појавуваат два до 14 дена по изложеноста на вирусот, а кај грипот се појавуваат од 1 до 4 дена по изложеноста на вирусот предизвикувач на грип. Исто така, ковид-19 се шири побрзо од грипот, односно е поконтагенозен. Стапката на смртност кај ковид е повисока отколку кај грипот.

Во 2020 година и во 2021 година во САД од ковид починале 580 илјади луѓе. Во 2019/2020 година во сезоната на грипот, од грип во САД починале 22 илјади луѓе.

Друга разлика е тоа што грипот може да се третира со антивирални лекови. Единствениот антивирален лек за третирање ковид е „ремдесивир“.

Значи, ковид и грип не се едно те исто!

Потоа, се вели дека смртноста од грип, ковид, канцер и други состојби ќе се заведува како смрт од ковид. СЗО има правилник како да се евидентира смртноста од ковид. Точно е дека и тие што имаат придружни болести и ковид во исто време, се водат како ковид случаи, но тоа е затоа што ковидот го забрзал настапувањето на смртта. Правилникот е од април 2020 година, а книгата која се цитира во постот е од јули 2020 година. Значи, на авторот можело да му биде познато дека и лицата што имаат коморбидитети и ковид се евидентираат како починати со ковид. Ако авторот можел да ја знае класификацијата на смртноста, односно како се „бројат“ починатите од ковид, како е можно таа информација да биде „планска“? Taa во времето на објавувањето на книгата била јавна информација! Причината зошто и пациенти со коморбидитети и ковид се водат како починати со ковид е следењето на контактите и транспарентноста, а не некаков таен план!

 

ВАКЦИНИ, НУС-ПОЈАВИ И СМРТНИ СЛУЧАИ

Четвртиот, петтиот и шестиот чекор, наведени во постот за наводниот голем ресет, наводно се: да се уверат луѓето дека спасот е во вакцината, да се прикријат нус-појавите и смртните случаи од вакцината и да се прикрие научниот факт дека вакцините ќе го уништат имунолошкиот систем на луѓето до степен тој да не може да се бори ни против обична настинка.

Ништо од ова не е точно. Прво, вакцината не само што е спасот, туку докажано е дека таа штити од смртни последици и тежок развој на ковид. Нус-појавите и смртните случаи не се кријат. Во упатствата за користење на вакцините објавени и во Македонија и јавно достапни до целата јавност, се дадени сите несакани ефекти, кои се најчесто благи. Погледнете ги овде.

Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД прима пријави за несакани ефекти од вакцината. Досега има 122 пријавени несакани реакции од 408.953 вакцинирани лица и сите се благи и опишани во упатството за користење. Тоа е помалку од 0,03 проценти од извршените вакцинации кај кои се појавила несакана реакција. 

Најчесто се пријавени несакани реакции со лесна симптоматологија како болка и оток на местото на апликација, покачена телесна температура, главоболка, болка во мускули и малаксаност. Сите досега пријавени несакани реакции се опишани во упатствата за употреба на вакцините. Агенцијата за лекови и медицински средства има потпишано договор за соработка со Uppsala Monitoring Centre (UMC) – глобална електронска база на податоци за несакани реакции на лекови на Светската здравствена организација со седиште во Шведска. Сите пријави кои се доставени до МАЛМЕД се обработуваат и проследуваат до UMC и стануваат дел од документацијата за безбедноста на лекот, рекоа од МАЛМЕД.

Нема докази дека вакцините го уништуваат имунолошкиот систем до степен тој да не може да се бори против обична настинка. Ама има докази дека ковид-19 може да предизвика долгорочни последици наречени „долг ковид“, за кои пишувавме на овој линк опсежно.

Поради овие факти, оценуваме дека наведеното во книгата, а и во постот, дека има некаков генерален план за тоа како да се направи генерален ресет (терминот е навистина нејасен) во неколку чекори, е незаснован на факти и претставува чиста фантазија и дезинформација. Опишаните чекори во постот не се исполнија досега. Смртноста е најголема кај невакцинираните, додека кај вакцинираните е многу ниска. Ковид не е обичен грип или настинка, туку болест предизвикана од корона-вирусот која може да биде мултисистемска и да напаѓа повеќе органи одеднаш, да доведе до цитокинска бура, ниска сатурација на крвта, долгорочни последици за сите органи. Вакцините, според некои експерти, спасуваат 900 животи на 100 илјади вакцинирани.

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.

Лага е дека од септември децата во училиштата тајно ќе се вакцинираат

Од Министерството за здравство велат дека се невистинити информациите оти од септември се подготвува тајна вакцинација на децата во училиштата. Оттаму нагласуваат дека лица постари од 18 години се имунизираат по сопствена волја, а деца од 12-18 годишна возраст исклучиво со согласност од родител. Малолетните лица во земјава се вакцинираат со вакцината од производителот „Фајзер“

 

Пост на „Фејсбук“ шири невистини дека од септември се планира тајна вакцинација на децата против ковид-19 во училиштата, како и дека вакцините содржат отров. Двете инфромации не се точни.

19.08.2021 Македонија

Чувајте си децата .Тајно сакаат да вакцинирааат. Тоа е кривично дело. Вакцините се отровни. Ова е дело на длабоката држава која ги поткупи Филипче и Заев, се вели во објавата на Фејсбук.

Постот се повикува на информација од извесна Јулија Давидовска, која вели:

Од сигурни извори преку вработен во школо штотуку дознав дека ќе има масовна вакцинација за децата во школо од септември па натаму… ненајавено, лукаво, без родителска согласност… Ете толку имам да кажам. Секој совесен родител нека се замисли!.

Владата на 99. седница донесе одлука учебната 2021/2022 година да почне со физичко присуство во полн капацитет, според утврдените и донесени протоколи. Како што појасни министерот за здравство, Венко Филипче, во кој било момент ако настане влошување на епидемиолошката состојба, ќе дадат препорака да се активираат некои од другите веќе спремни механизми на спроведување на наставата, комбинирано или онлајн.

Исклучоци се ученици со хронични болести и деца што имаат постари членови со хронични болести и третата група тоа се деца што по барање на родителите од немедицински причини може да упатат барање до училиштето и тоа да дозволи да не одат во училиште, сите други ќе бидат со физичко присуство. Родителот има право да побара за немедицинска причина и врз основа училиштето да даде или не даде согласност. Тоа што е битно е дека во било кој момент ако настане влошување на епидемиолошката состојба, ќе дадеме препорака да се активираат некои од другите веќе спремни механизми на спроведување на наставата, дали тоа ќе биде комбинирано или онлајн, ќе зависи исклучиво од епидемиолшката слика. Засега, согласно сегашната ситуација, препораката е учениците да почнат со физичко присуство, објасни Филипче во интервју за Канал 5.

Информацијата дека учениците ќе почнат да одат на настава со физичко присуство некои почнаа да ја злоупотребуваат со цел да шират невистини дека во земјава се подготвува тајна вакцинација на децата, како што инсинуира постот што го анализираме.

 

НЕМА ТАЈНА ВАКЦИНАЦИЈА

Вакцинацијата против ковид-19 во земјава, како и секаде во светот, е доброволна за лицата над 18 години и тоа е јасно повторено досега повеќепати. С. Македонија, водејќи се по примерот на други држави, ја одобри вакцината на „Фајзер“ за лица над 12 години, но децата се вакцинираат исклучиво со согласност на родителите, кои, пак, можат да ги пријават на сајтот „вакцинација.мк“.

Ова, во изјава за „Вистиномер“ уште еднаш го повторија од Министерството за здравство, каде што се обративме за одговор на прашањето дали е точно дека од септември се подготвува тајна вакцинација на децата во училиштата.

Во нашата држава се имунизираат лица постари од 18 години по сопствена волја, а деца од 12 до 18-годишна возраст исклучиво со согласност од родител. Малолетните лица во нашата држава се вакцинираат исклучиво со вакцината од производителот „Фајзер“. Министерството за здравство потенцира дека објавените информации на коишто се повикувате се невистинити.

Што се однесува до вториот дел од објавата, дека вакцините против ковид-19 содржат отров, исто така, е лажна информација. Ваквите информации „Вистиномер“ веќе ги има дебанкирано (ТУКА и ТУКА). Составот на вакцините е јавно достапен на сајтот ковид19вакцинација.мк и секој може да провери што содржат вакцините кои се аплицираат во земјава.

Од сето ова може да се заклучи дека изнесените информации во постот се лажни. Факт е дека не се планира никаква тајна вакцинација на децата во училиштата и факт е дека вакцините не содржат отров. Со пласирање вакви дезинформации во јавноста лесно може да се создаде паника, а со тоа да му се наштети на целиот процес на имунизација против ковид-19.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.