Проектот е финансиран од Европската Унија
Со критично мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк
Mendim kritik për qytetarë me shkathësi mediatike - CriThink
Critical Thinking for Mediawise Citizens - CriThink
Home Blog Page 5

Младата медицинска сестра од Кичево не била вакцинирана

Оваа вирална објава на „Фејсбук“ пласира лажна информација дека починатата медицинска сестра претходно била вакцинирана со две дози „Фајзер“. Од Минитерството за здравство, од Инфективната клиника во Скопје и од Општата болница во Кичево информираа дека медицинската сестра воопшто не била вакцинирана. Постот намерно ја дезинформира јавноста, создава погрешна слика за ефикасноста на вакцините и ги наведува луѓето да не се вакцинираат

Пост на „Фејсбук“ шири невистини дека младата медицинска сестра од Општата болница во Кичево, која почина на Инфективната клиника во Скопје од последици на корона-вирусот, била вакцинирна. Оваа прилично вирална објава – има 252 интеракции, 125 споделувања и 85 коментари, паушално тврди:

„девојчето што почина денес од ковид од Кичево инаку медицинска сестра Мирлинда Азизи била вакцинирана со две дози фајзер“.

Тоа не е точно.

Од Минитерството за здравство, од Инфективната клиника во Скопје и од Општата болница во Кичево информираа дека медицинската сестра воопшто не била вакцинирана.

Директорката на Инфективната клиника, д-р Милена Стевановиќ, за портлот „САКАМДАКАЖАМ.МК“ изјави дека „пациентката не била вакцинирана против ковид-19 и немала други хронични болести“.

Медицинската сестра не работела со ковид-пациенти, според епидемиолошките податоци, таа се заразила на веселба, а тоа го потврдиле и од Министерството за здравство за „Mакфакс“. Оттаму изјавиле:

Пациентката што почина не била вакцинирана и немала коморбидитети. На Клиниката за инфективни болести била донесена во многу тешка состојба, минатата недела, а претходно три дена била лекувана во болницата во Кичево, кога дошла во кичевската болница, исто така, била во многу лоша состојба.

Директорот на Општата болницата во Кичево, д-р Станко Трпески, за „Плусинфо“ изјавил дека „починатата 28-годишна медицинска сестра не била вакцинирана“.

Од кичевската Општа болница и за порталот „Новатв.мк“ потврдиле дека „таа не била вакцинирана против ковид-19“.

Сепак, наспроти изјавите од трите здравствени институции – Минитерството за здравство, Инфективната клиника во Скопје и Општата болница во Кичево, постот шири лажна информација дека починтата медицинска сестра претходно „била вакцинирана со две дози Фајзер“. А, со тоа ја дезинформира јавноста и создава погрешна слика за ефикасноста на вакцините. Објавата опасно манипулира и ги наведува луѓето да не се вакцинираат, со што се прави штета на процесот на имунизација и на напорите да се спречи ширењето на заразата.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.

Не е точно тврдењето дека ниедна телевизија не објавила за протестот против ковид-мерките

Фејсбук-пост тврди дека ниедна телевизија не известила за протестот што во недела (15 август 2021) се одржа во центарот на Скопје, како и во неколку други градови. „Срам за нивната (на медиумите н.з.) објективност“, пишува во постот кој има педесетина коментари и 11 споделувања. Во коментарите продолжуваат нападите, а еден од коментарите гласи: „Тие се платени ковид-портали за перење на мозокот на луѓето…работат за сатаната “. Понатаму се предлага да се бојкотираат и да се блокираат ТВ-станиците, а се споделува и новосоздадена фејсбук-група насловена како „Бојкот на медиуми“ во која медиумите се нарачени „предавници“ и „лажачи“ бидејќи, како што се тврди, не информираат за ковид-протестите по светот и ги повикуваат граѓаните „заеднички да ги поразат“. Фејсбук-постстот дека медиумите не информирале од вчерашниот протест е неточен и манипулативен. Видеоприлози со дел од говорите и инсертите од протестот објавија речсиси сите телевизии, вклучувајќи ги и националните ТВ „Сител“, ТВ „Канал 5“, ТВ „Алсат“, ТВ „Телма“, ТВ „Алфа“, како и ТВ 24, ТВ 21, како и триесетина дигитални медиуми. Покрај ТВ „Алфа“, видеоприлози со дел од говорите и инсертите објавија речиси сите телевизии, вклучувајќи ги и националните ТВ „Сител“, ТВ „Канал 5“, ТВ „Алсат“, ТВ „Телма“, како и ТВ 24, ТВ 21, како и триесетина дигитални медиуми. Ова го потврдува и новинарот на ТВ „Алфа“, Борис Грујовски, кој заедно со колегите известувал од местото на настанот.

Сите медиуми беа на протестот, само што луѓето не беа расположени да зборуваат со нас. Секој од присутните можеше да види дека сме таму, рече новинарот Грујовски.

Некои од говорниците на протест ги нарекоа новинарите „платеници“, прашаа каде се медиумите да информираат за протестите, а присутните одговорија со скандирање „уа“ и „платеници“ и „платени новинари“. Синдикатот на новинарите и медиумските работници (ССНМ) остро реагира на овој однос и ги повика заеднички да ги посетат ковид-центрите, каде, како што пишува во реакцијата, животите ги завршија и неколкумина новинари, а десетици се заразија.

Во оваа „екскурзија“, која од денешниот протест се забележа дека Ви недостасува, ќе ги запознаете новинарите, снимателите и фоторепортерите кои без оглед на опасноста од заразата секојдневно Ви сервираат и се уште Ви презентираат свежи и најнови информации, вклучително и од и во ковид-центрите, со цел да можете од конфорната зона, односно од Вашиот дом, т.е. кауч, да носите правилни одлуки по однос на иднината на нашето општество, стои во реакцијата на ССНМ.

Во исто време, Синдикатот потсетува дека ширењето лажни вести за ковид-19 е недозволиво, неморално и казнивно по закон.  

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.

По вакцинацијата не станувате магнет

Ниеден научен факт, студија или аргумент не потврдува дека во вакцината од кој било производител има графен оксид. Тоа може едноставно да се провери доколку се погледне составот на вакцините кој е јавно објавен на официјалните веб-страници на нивните производители, а истиот во форма на документи го има и на страницата „ковид19вакцинација.мк“. За тоа дека вакцината нема магнетизирачко дејство, ниту, пак, магнетизирачки компоненти, пишувавме повеќепати. Она што е јасно е дека вакцините на ниту еден производител не содржат метали. Дозата на вакцината е помала од еден милилитар. Стандардната доза на „Фајзер“, на пример, содржи 0.3 милилитри. Тоа не е доволен волумен во кој би можел да се вметне микрочип, дури и кога некој би посакал да направи такво нешто

 

 

Рецензираме пост на „Фејсбук“, придружен со видеоматеријал во којшто се изнесени низа конспирациски теории за кои не е понуден ниеден доказ. Видеото трае 18 минути, а постот е исклучително вирален, со 152 споделувања и над 450 допаѓања.

Сумирано, во видеоматеријалот, кој има и македонски превод, извесен човек од Аргентина, Луис Мартинез, изнесува тврдења за вакцината, како, на пример, дека таа содржи графен оксид, кој, пак, генерира системско воспаление со цитокинска бура, тромбови и делува на белите дробови (1.13 мин. од видеото), потоа дека во содржината на вакцината има 99 проценти графен оксид (2.05 мин. од видеото), дека после вакцинацијата станувате магнет (2.46 мин. од видеото).

Неименуваниот автор на видеото го претставува Луис Мартинез како еден од најпознатите генетичари во цела Јужна Америка (на 2.27 мин. од видеото). А проверката на факти од странски сервиси, покажува дека не му е првпат да изнесува лаги. Така, во минатото кажувал дека ковид-вирусот не е изолиран, а истото неточно тврдење го повторува и во видеото што го рецензираме во 3 минута и 25 секунда.

Наспроти лагата дека не се знае дали корона-вирусот е изолиран, во светот е нашироко познато дека тој беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година, по што неговиот генетски материјал РНК, беше изолиран. Самата Светска здравствена организација (СЗ) потврдува дека вирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година и во следното известување.

Ниеден научен факт, студија или аргумент не потврдува дека вакцината од кој било производител содржи графен оксид. Вакцината на „Фајзер“ ги има состојките наведени овде, а таму нема графен оксид. Како се знае дека во вакцината нема графен оксид? По тоа што надворешни експерти ги имаат тестирано состојките и не нашле графен во формулата на вакцината ни во нејзините липидни честички.

Графен оксидот се состоји од јаглерод, кислород и хидроген. Се користи од сензори до текстил и потенцијално може да се аплицира во медицината. Материјалот е евтин, достапен и може да се разложи во вода. Но, во вакцините против ковид го нема!

„Вистиномер“ досега неколкупати дебанкираше вести кои тврдат дека во составот на вакцините против ковид-19 има графен оксид.

Тоа може едноставно да се провери доколку се погледне составот на вакцините кој е јавно објавен на официјалните веб-страници на нивните производители, а истиот во форма на документи го има и на страницата ковид19вакцинација.мк. Како што може да се види, графен оксид никако не е дел од составот на вакцините.

Обвинувањата за графен оксид во составот на вакцините главно се насочени кон производителот „Фајзер“, од каде што и официјално се огласија и ги демантираа ваквите наводи.

Претставник на „Фајзер“ за „Асошиејтед прес“ ијзавил дека во нивната вакцина нема графен оксид. „Вистиномер“ веќе пишуваше дека студијата со која се прави обид да се „поткрепи“ тврдењето дека во вакцината има графен оксид, не е прегледана од медицинската заедница (не е peer-reviewed), ниту, пак, е поддржана од Универзитетот Алмерија во Шпанија.

Кит Лонгли, менаџер за наука во „Фајзер,“ за „Асошиејтед прес“ изјавил дека оваа состојка во нивната вакцина не постои. Истото го потврдиле и хемиски и медицински експерти, кои не се поврзани со компанијата „Фајзер“.

Не е во листата на состојки и нема никаква можност да биде присутна во вакцината, изјавил Ален Мајерсон, професор по хемиски инженеринг во Институтот за технологија од Масачусетс.

Експертот за вакцини, Пол Офит, од детската болница во Филаделфија, додал дека ова тврдење (дека вакцините содржат графен оксид) е чиста глупост.

Во видеото што го рецензираме, на 6 минута и 57 секунда, Луис Мартинез вели дека на некоја жена во Уругвај (нема детали за случајот), на нејзиниот сопруг и синот, им се прават некакви анализи зашто станале магнетни по вакцината.

За тоа дека вакцината нема магнетизирачко дејство, ниту, пак, магнетизирачки компоненти, пишувавме повеќепати. Она што е јасно е дека вакцините на ниту еден производител не содржат метали. Дозата на вакцината е помала од еден милилитар. Стандардната доза на „Фајзер“, на пример, содржи 0.3 милилитри. Тоа не е доволен волумен во кој би можел да се вметне микрочип, дури и кога некој би посакал да направи такво нешто. Целосната аргументација може да се погледне овде.

Но, најскандалозното тврдење во видеото што го рецензираме е тоа што го кажува Мартинез во делот од видеото на 1.13 мин.:

Графенот генерира системско воспаление со цитокинска бура, тромбови и делува на белите дробови. Тоа е клиничка слика која ја нарекоа ковид.

Меѓутоа, колку е нелогично, небулозно и неаргументирано ова тврдење, покажува фактот што цитокинска бура, тромбови и воспаленија на белите дробови како последица на ковид се појавија како симптоматологија уште долго време пред ковид-вакцината воопшто да се администрира! Така, лагата дека вакцината, односно графен оксидот, кој не постои во вакцината, бил причина за ковид-симптомите е демаскирана. Тука прочитајте како цитокинската бура се создава поради компликација на ковид, а не како компликација од вакцината.

Во 6.57 мин., Луис Мартинез вели дека доктор Рикардо Делгато заедно со доктор Хосе Луис Севиљано и други шпански професори, наводно направиле физичко- хемиска анализа на компонентите на вакцината, но (во 7.12 мин.) Луис Мартинез капитулира со тоа што кажува дека „не е во состојба да ги објави нивните октритија”.

„Вистиномер“ веќе има пишувано дека споменатото истражување не дава убедливи научни докази оти вакцината на „Фајзер/Биотек“ против ковид-19 содржи графен оксид, како што наведуваат во интервјуто споделено на „Фејсбук“. Тоа го поткрепи и со фактот дека вакво истражување нема објавено во ниту една научна студија, ниту, пак, го има објавено самиот Универзитет Алмерија, како што пренесе шпанскиот портал „Њутрал.ес“.

Исто така, самата академска институција се дистанцирала од оваа претпоставена студија и нејзините заклучоци:

Овој универзитет ниту ги поддржува, ниту ги „споделува“ заклучоците од студијата, бидејќи станува збор за „неофицијален извештај на универзитетски професор за анализа на примерок од непознато потекло со тотален недостаток на следливост,“ се истакнува во соопштението од универзитетот објавено на 2 јули.

Во видеото гостинката тврди дека станува збор за вакцината „Фајзер“, при што имало некој во полицијата да ја потврди автентичноста на потеклото на вакцината. Авторот, пак, на извештајот, како што пренесува порталот „Њутрал.ес“, признава дека епруветата со течноста што ја анализирал пристигнала со достава, но дека не знае од каде доаѓа, односно не можел да го следи патот на пратката. Исто така, појаснува дека лицето што му го испратило овој наводен пакет е Рикардо Делгадо Мартин, познат по ширењето антиваксерски содржини.

Претставник на „Фајзер“ за „Асошиејтед прес“ ијзавил дека во нивната вакцина нема графен оксид. Студијата со која се прави обид да се „поткрепи“ тврдењето дека во  вакцината „Фајзер“ има графен оксид, не е прегледана од медицинската заедница (не е peer-reviewed), ниту, пак, е поддржана од Универзитетот Алмеријаво Шпанија.

Поради сета горенаведена аргументација оценуваме дека е комплетна лага дека вакцините ве прават магнети, содржат графен оксид и оти цитокинска бура се создава кај луѓето како компликација од вакцината.

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.

Фотографијата од мајката птица што изгоре е од Иран, а не од Пехчево

Фотографијата што се споделува во оваа објава на „Фејсбук“ е вистинита и веродостојна, но таа не е снимена во Пехчево. Таа е стара повеќе од една година и честопати е пренесувана во контекст на пожари што се случувале во различни земји, ама оригинално е фотографирана во Иран, во средината на 2020 година 

 

Рецензираме пост на „Фејсбук“ проследен со трогателна фотографија од изгорена птица до која има неколку јајца.

Мајка е мајка, без разлика од кој вид е. Можела да одлета и да се спаси, но останала. Пехчево, пишува во описот на фотографијата.

Концептот дека граѓаните повеќе се заинтересирани и повеќе се вознемируваат од случувањата што се дел од територијата, односно земјата во која живеат, отколку од тие што се случуваат географски далеку од нив, предизвика оваа фотографија да биде споделувана на повеќе платформи, меѓу кои и „Твитер“ и да има значителен број  реакции и допаѓања. Така, постот што го рецензираме има 60 допаѓања и 7 споделувања.

Но, нашата проверка на факти покажа дека фотографијата не е од Пехчево, каде што деновиве имаше пожар. Фотографијата претходно ја има споделено на „Твитер“ Хамид Мир, новинар од Пакистан, кој пишува за „Гардијан“. Споделувањето на фотографијата од неговиот твитер-профил се случува на 29 мај годинава, повеќе од два месеца пред да избувнат пожарите ширум Македонија.

Не било тешко за оваа мајка птица да одлета и да си го спаси животот од пожарот во Маргала шумите на Исламабад, но таа никогаш не го стори тоа затоа што имаше живот во овие јајца. Таа сакаше да го заштити животот на своите чеда и за ова го даде својот живот, напиша новинарот.

Оттука, забележуваме дека истиот наратив на Хамид Мир е споделен и во македонскиот пост, само што тој е прилагоден за македонски услови, односно напишано е дека случката опишана на трогателната фотографија е од Пехчево.

Нашето понатамошно проверување на изворот на фотографијата, пак, нѐ наведе на заклучокот дека ниту Хамид Мир не е нејзин автор и ниту Пакистан не е местото каде што се случил наводниот пожар.

Според пакистанските проверувачи на факти, сликата е од Техеран, Иран. Тие на „Твитер“, како што може да се види подолу, ја објавија целосната фотографија, а не само делот од птицата и јајцата што е споделуван во Македонија.

Истата фотографија ја објави и новинската агенција „Мер“ во овој видеоизвештај од 25 јули 2020 и наведе дека е од Иран.

Прилогот е на персиски јазик и во него се кажува дека птицата изгорела до смрт додека се трудела да си ги заштити јајцата во иранскиот град Лавасан.

И други ирански медиуми ја имаат објавено во истиот контекст фотографијата, која потекнува од Иран.

Оттука, во постот што го рецензираме намерно или не се пропушта контекстот. Иако фотографијата е вистинита и веродостојна, таа не е снимена во Пехчево. Таа е стара повеќе од една година и честопати е пренесувана во контекст на пожари што се случувале во различни земји, но оригинално е фотографирана во Иран, во средината на 2020 година. 

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.

Шеикот на Дубаи не рекол дека дедо му јавал камила, тој вози „мерцедес“, а правнукот повторно ќе јава камила

Шеикот Мухамед бин Рашид ал Мактум никогаш не изјави вакво нешто, иако погрешно атрибуираната наводна изјава е широко распространета во светски рамки, кај голем број корисници на социјалните мрежи во различни говорни подрачја

 

 

Рецензираме пост на „Фејсбук“ во којшто се тврди дека основачот на Дубаи, шеикот Мухамед бин Рашид ал Мактум, бил запрашан како ја гледа иднината на својата земја, а тој одговорил:

Мојот дедо јавал камила, татко ми, исто така, јас возам мерцедес, мојот син Ленд Ровер, мојот внук, исто така, ќе се вози во Ленд Ровер, и мојот правнук, најверојатно, ќе јава камила повторно…

Според постот, слушателите вџашени, го прашале зошто, а шеикот одговорил:
Постојат принципи што секогаш и сѐ поставуваат на свое место. Еве за што се работи: Тешките времиња создаваат јаки мажи, јаките мажи ствараат добри времиња, добрите времиња создаваат слаби мажи, слабите мажи создаваат тешки времиња. Многумина ова нема да го разберат, но просперитетот на нашата земја произведува паразити, а не воини.
Што е проблемот со овој статус? Тоа што шеикот Мухамед бин Рашид ал Мактум никогаш не изјавил вакво нешто, иако погрешно атрибуираната наводна изјава е широко распространета во светски рамки, кај голем број корисници на социјалните мрежи во различни говорни подрачја.
Во некои од тие фејсбук-постови споделени илјадници пати се тврди дека шеикот оваа изјава ја дал во интервју за британскиот сервис „Би-би-си“ во 2014 година.

Билионерот, шеикот Мухамед, е познат по својата вклученост во глобалната индустрија со тркање со коњи и е сопственик на еден од најголемите тимови „Годолфин“.

Наводната изјава на шеикот циркулира на „Фејсбук“ од Јапонија до Бангладеш.

Но, во секој случај, станува збор за лажна атрибуција. Шеикот Мухамед не дал коментари дека неговиот иден внук ќе биде на камила, во интервју за „Би-би-си“.

Во тоа интервју, кое може да го погледнете на следниот линк, во 3 минута и 36 секунда се гледа дека прашањата се во опсегот на човековите права во Дубаи, скандал со тренерите на коњи на шеикот и финансиското закрепнување на Дубаи по должничката криза.

Кога е прашан за неговата визија за иднината на Дубаи, одговорот на шеикот не е воопшто таков како што се тврди во постот што го рецензираме. На 3 минута и 36 секунда во горепосоченото видео се гледа дека тој вели оти сака Дубаи да биде број еден.

Но, ако сме живи за 20 години, не можам да видам што би возеле. Мојата визија за Дубаи е да биде број еден и најсреќната нација. Сето тоа. Знаете дека сакаме да сме први, вели тој.

Инаку, сличен цитат на „тешките времиња креираат силни мажи, силните мажи креираат лесни времиња“ може да се најде во новелата на Г. Михаел Хопф, „Оние што остануваат”. Цитатот од книгата гласи „Тешките времиња создаваат силни мажи, силните мажи создаваат добри времиња, добрите времиња создаваат слаби мажи и слабите мажи создаваат тешки времиња”.

Сличен цитат на „Татко ми беше на камила, јас во ‘мерцедес’, син ми во ‘лендровер'” претходно му е атрибуирана на таткото на шеикот Мухамед, Рашид бин Саед ал Мактум.

Поради горенаведените факти, оценуваме дека постот е невистинит.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.