Нема казни за лажно рекламирање на „чудотворни“ препарати против дијабетес, дебелина и хипертензија

фото: Принтскрин колаж

Пандемијата со корона-вирусот го направи пристапот во болниците потежок за тие со хронични болести. На почетокот на 2020 година, голем број од редовните програми во болниците беа ставени на чекање и се примаа само пациенти со малигнитет кој е итен, а другите термини ги зафатија пациентите со ковид. Сè поголем дел од болничките капацитети за други патологии се реформираа во ковид-одделенија, а таму заминаа и специјалистите, во ротациски смени. Граѓаните ги променија и навиките за купување производи. Излегувањето од дома, како и контактот со голем број луѓе во непосредна близина претставува еден од ризичните потези за стекнување инфекција со Сарс-Ков-2

 

Пишува: Мирослава Бурнс

 

Така, полека но сигурно, се променија и потрошувачките навики на граѓаните. Наместо во кошница, сега сè повеќе се купува со еден клик на интернет. А на интернет има сè и сешто. Меѓутоа, она што ни го привлече вниманието е сетот на лажни реклами, каде со манипулативен маркетинг се нудат препарати и суплементи кои неетички се претставени како да се „лекови” наменети за трите тивки, но многу застапени болести во нашата земја: шеќерна болест, хипертензија односно висок крвен притисок и дебелината.

 

„ЧУДОТВОРНИ“ ПРЕПАРАТИ

Не е изненадување ако додека читате некој информативен текст на порталите или на социјалните мрежи, во страничните делови од екранот здогледате сензационалистички наслови кои ќе ве намамат да кликнете на рекламите. Ќе видите дека ви се нуди на пример: „Детоник“, или „Диатеа“, „Простамид“ или „Кето Диет“ чај.

Но, што се случува со овие препарати и додатоци на исхраната и што е спорно во тоа да бидат рекламирани на интернет?

Адвокат лажно претставен како лекар.

Па, за почеток, тоа што се суплементи, а постојано се именувани како „лекови”. Спорно е што маркетингот за нивното претставување се базира на интервјуа со „медицински професионалци и бели мантили”, како и искуства на „задоволни клиенти”, коишто се именувани со македонски имиња, како да се од земјава, иако дел од нив се починати, други се со лажни имиња, а трети се професионалци од други сфери на општественото дејствување – руски адвокати (како случајот со адвокатот Хенри Резник на пример).

Реклама со фото од почината жена од Русија.

А, ако приказната звучи премногу добра за да биде вистинита, просто делува неверојатно, големи се шансите да е баш таква – нерелна, измилена. Токму такви се и рекламните содржини за горенаведените препарати кои ги полнат сајтовите и социјалните мрежи – полни со измамнички наративи, невистинити информации, лажно претставени лекари и медицински професионалци. Се оди и дотаму, што почината жена од Русија, се претставува како 120-годишна Македонка од скопско село која е „презадоволна” од препаратот „Детоник“.

Интернет-просторот се злоупотребува за реклами за лекови и суплементи. Со години претходно беше забрането да се рекламираат ваквите производи. Се оставаше медицината да биде медицина, но сега, секој што ќе даде пари може да се рекламира. Луѓето пијат сè и сешто. Имаме граѓани кои што пијат три вида на ист лек, затоа што не се запознаени дека всушност станува збор за лек од истата група. Така се случува на пример, еден ист пациент да пие анадол, аспирин и кардиопирин и да дојде до појава на крварење. Лекарската комора треба да поведе сметка кој и како се рекламира. Дали препаратот е здрав, лиценциран и сертифициран. И институтот за јавно здравје треба да реагира и треба да имаме институција што ќе врши контрола што се рекламира и дали е здраво, вели за „Критинк“ доктор Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни матични лекари.

Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, на крајот од 2020 година, во екот на пандемијата со ковид-19, на својата веб-страница предупреди дека е евидентна промената во навиките за купување кај граѓаните и дека во страв и паника од актуелната ситуација со пандемијата се посегнува по секој нов производ, кој се огласува преку разни портали, социјални мрежи и други електронски медиуми.

Тоа е една широка лепеза на препарати на кои им се припишуваат карактеристики на лекови со чудотворно дејство што е спротивно на сите етички критериуми кои треба да се применуваат при огласувањето на некој производ. Во таа насока потребно е граѓаните да внимаваат што употребуваат, од кого го купуваат производот и дали тој е со верифицирано потекло. Агенцијата за лекови и медицински средства ги информира граѓани дека аптеките во државата се снабдени со широка палета на лекови, но и на додатоци за храна кои се применуваат во терапијата за ковид 19 и нема потреба да купуваат лекови и други медицински производи преку интернет, бидејќи никој не гарантира за нивниот квалитет и безбедност. Тој начин на снабдување со лекови не е во согласност со Законот за лекови и медицински средства, велат од МАЛМЕД.

Но, за жал, истражните органи се со заврзани раце во врска со овие реклами. Така барем покажува примерот со злоупотребеното македонско здружение за уролози. Во една од ваквите манипулативни реклами се промовира производот со име „Простамид“. Препарат со вакво име не е регистриран во МАЛМЕД, не е регистриран ниту како суплемент во Агенцијата за храна и ветеринарство, арно ама кога се рекламира, му се даваат бомбастични перформанси, како да е лек препорачан од Македонското здружение на уролози. Во рекламата, како што може да се види, претставен е Јован Крстев од македонската асоцијација на уролози, на кого му е накалемена лажна изјава во која вели:

Нашата асоцијација ја одобри употребата на Простамид. Овој природен производ ги прави непотребни операцијата и масажата. Простамид е сосема природен при што веднаш се здоби со доверба од членови на нашето здружение. Го препорачуваме за хроничен и акутен простатитис, аденом на простата, нарушување на сексуалната функција, неплодноста и промените на генитоуринарниот систем поврзани со возраста, пишува под фотографијата во изјава на наводниот Јован Крстев од Македонската асоцијација на уролози.

Проблемот е што доктор Јован Крстев не постои и не членува во македонската асоцијација на уролози, чиј вистински претседател е професор доктор Оливер Станков.

Ова е криминал. Ниту еден од лекарите на фотографиите во рекламата не постои, нивните имиња се измислени. Го пријавив ова во полиција, но нема некоја реакција. Името на здружението е злоупотребено. Не сум слушнал за овој препарат и не е точно дека сме го одобриле или дека го препорачуваме, ни рече доктор Станков.

Тој додаде дека од МВР му било кажано дека веб-страницата на која лажно се рекламирал препаратот не била регистрирана во Македонија и затоа полицијата не можела да постапува. Па така и ден-денес оваа реклама е оставена да ги доведува во заблуда потрошувачите.

Во рекламата се дадени неетички и неверојатни, комплетно магнифицирани својства на препарат. Ваквиот маркетинг е играње со оган, зашто во устата на медицински професионалци и бели мантили, на кои што граѓаните вообичаено им веруваат, им се ставаат зборови што не ги кажале. Комплетно манипулативно, се тврди дека некаков препарат кого го нема ниту во регистарот на Агенцијата за храна и ветеринарство ниту во МАЛМЕД ќе ве излекува од неплодност.

Од МВР велат дека секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, постапува исклучиво по пристигната пријава од страна на оштетени физички лица или правни субјекти.

Доколку по направената анализа на пријавата и придружниот доказен материјал се утврдат елементи за постапување по службена должност од областа на компјутерскиот криминал, од наша страна ќе биде соодветно постапено, велат од МВР.

НЕЕТИЧКИ МАРКЕТИНГ

Емотивна манипулација, лажен и заведувачки маркетинг се само дел од епитетите што може да му се дадат на ова нерегулирано поле, каде се прават пари на интернет од пациенти што немаат доволна медиумска писменост за да ја препознаат играта со нивните паричници и со нивното здравје. А веќе се евидентни и некои „плодови” од неетичкиот маркетинг.

На 22 декември минатата година, лекарот од болницата во Прилеп, доктор Златко Савоски обзнани дека малку фалело млад живот да биде изгубен од таканаречениот ,,лек за сите видови на шеќерна болест Шугарнорм”, кој дваесет и седумгодишен пациент го користел на своја рака.

За среќа, после целовечерна борба, пациентот е стабилен и со добри параметри е на пат кон Клиниката за ендокринологија. Научното здружение на ендокринолози и дијабетолози веќе се изјасни дека кај нас не е регистриран, ниту се препорачува. Затоа апелирам до Министерството за здравство, МВР и другите релевантни фактори да испитаат кој го дистрибуира Шугарнорм. Исто така апелирам до пациентите и до другите, да не го земаат тој или кој БИЛО Друг лек на своја рака, затоа што се изложуваат на опасност, напиша на „Фејсбук“ доктор Савоски.

Го пребаравме овој препарат во базата на регистрирани додатоци во исхраната на Агенцијата за храна и ветеринарство и таму тој постои како регистриран препарат. Сепак, здруженијата за лица со дијабетес не го препорачуваат.

Добивме многу прашања за лекот Суганорм кој се појави на интернет-страниците. Во консултација со одговорните институции дојдовме до одговор дека претставената докторка што го рекламира производот не постои во здравствениот систем на Македонија и лекот не е регистриран во нашата земја. Ве молиме да внимавате и да не подлегнувате на интернет-измами кои можат да ве чинат здравје. За вашата контрола, секогаш консултирајте се со интернист ендокринолог, велат од здружението за лица со дијабетес Алегрија.

Слични се и маркетиншките трикови со препаратите „Диатеа“, „Детоник“, „Хипертеа“. Во сите текстови каде се рекламираат овие препарати не може да се најде нивниот состав, ниту активна супстанција, нешто за кое што претседателката на Здружението на приватни матични лекари, доктор Лилија Чолакова Дервишова, вели дека е многу важно.

Многу е важно дали има или нема активна супстанца во медикаментот. Не можеме да знаеме со вакви препарати дали на пациентот ќе му стане добро или лошо од него. Фалат лаборатории каде што се проверува квалитетот. Треба да има грижа за народот, лаборатории и науката да функционира, вели Чолакова Дервишова за „Критинк“.

Дијабетесот е една од најчестите болести на современото општество. Во светски рамки се смета дека има над 200 милиони луѓе со дијабетес, а според Меѓународната дијабетолошка федерација, овој број до 2025 година ќе достигне 350 милиони.

И во земјите од регионот, се чини од ист центар на рекламирање се пласираат исти или слични производи, на истиот начин, за што постојат и предупредувања.

Поради тоа што ниедна институција не се прогласува за надлежна да стави стоп на лажното рекламирање на интернет, особено кога станува збор за препарати што се претставуваат како лекови и кои целат на популација со многу чести коморбидитети, како дијабетес и висок крвен притисок, на граѓаните им преостанува самите да следат неколку важни инструкции за сопствена и за заштита на сопственото здравје.

Проверувајте дали реална компанија стои зад рекламниот материјал, со физичка адреса и достапен контакт. Доколку во рекламниот материјал постојат или се цитирани медицински професионалци, проверете дали се веродостојни во базата на специјалисти објавена на веб-страницата на Фондот за здравствено осигурување. Таму може да пронајдете листа со сите одобрени препарати и суплементи во земјава. И секогаш, ама буквално секогаш консултирајте се со вашиот лекар и специјалист пред да почнете каква било терапија или суплемент! Информирајте се само од официјални извори.