Проектот е финансиран од Европската Унија
Со критично мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк
Mendim kritik për qytetarë me shkathësi mediatike - CriThink
Critical Thinking for Mediawise Citizens - CriThink
Home Blog Page 264

Правила на игра помеѓу новинарот и изворот

Фото: pxhere.com

 

Во новинарски текст изворот на новинарот е еден од најважните фактори за точноста на информацијата, релевантноста и веродостојноста на тврдењата што се изнесуваат. Изворите може да бидат официјални и неофицијални, а вторите не мора да ѝ бидат откриени на јавноста, иако на новинарот и на редакцијата ѝ се познати. Најчесто, професионалните редакции и новинари поседуваат докази со кои се поткрепуваат тврдењата изнесени од неофицијалните извори.

 

Пишува: Силвана Жежова

 

ЗАШТИТА НА ИЗВОРОТ

Новинарот има право да го заштити својот извор со неоткривање доколку тој тоа го побарал од него. Тоа е регулирано и во Кодексот на новинарите на Македонија каде што во членот 4 стои:

Новинарот ќе го назначи изворот на информациите, но ако изворот бара да остане анонимен, новинарот ќе го заштити.

Повикувајќи се на овој член, Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), неодамна остро реагира на неодамнешните барања на ВМРО-ДПМНЕ, државната агенција МИА да ги открие своите извори во однос на текстот дека Европската народна партија (ЕПП) сака да ги исклучи од своите редови.

Едно од основните права, а понекогаш дури и обврска на новинарот е да го заштити својот извор.

Македонија е потписник на сите релевантни резолуции на Советот на Европа за заштита на извори во рамките на слободата на медиумите. Улогата на политичките партии во една демократија во ниеден случај не смее да значи нивно мешање во работата на новинарите, а ваквите барања подразбираат отворен притисок и обиди за јавно дискредитирање на медиумот, реагираа од СЕММ во однос на барањето на политичката партија за откривање на изворот од страна на новинарот, за кој редакцијата се изјасни дека поседува снимени изјави.

Правото на заштита на изворот на информациите во средствата за јавно информирање е загарантирано и со Уставот, во членот 16, став 6.

На новинарите со самиот Устав им се гарантира правото да ги штитат своите извори, со што се овозможува слободна размена на информации меѓу граѓанинот и новинарот. Ова е од особено значење, бидејќи без таквата заштита, изворите може да бидат одвратени од помагањето на печатот при информирањето на јавноста за работи од јавен интерес, пишува адвокатот Александар Георгиев во својот текст „Законска рамка на правото на заштита на изворот на инфомација“.

Европската конвенција за заштита на човековите права во Член 10 за Слободата на изразувањето вели дека:

Секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа.

Но, во истиот, член 10, не се дава апсолутно право за неоткривање на изворот, односно наведени се условите кога тоа право може да се ограничи.

Остварувањето на овие слободи, што вклучува обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.

 

АНОНИМНОСТ, ИЗВОРИ И КРЕДИБИЛИТЕТ

Обврска на новинарот е да го опише изворот што е можно поблиску, ако веќе не може да го именува, бидејќи на тој начин текстот или сторијата добива кредибилитет, иако не е кажан изворот.

Во меѓународно прифатениот Кодекс на новинарите се вели:

Новинарот треба секогаш, кога е тоа можно, да ги наведе своите извори. Јавноста има право да располага со што е можно повеќе податоци за кредибилитетот на изворите што се користени. Пред да му вети анонимност на својот извор, треба да открие кои се мотивите на изворот за тоа. Разјаснете точно под кои услови ветувате анонимност во замена за информации.

Ваков пример е реткиот преседан за најголемите американски весници, кога „Њујорк тајмс“, на 5 септември објави анонимна колумна од висок функционер во администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, во која тој тврди дека заедно со многумина други потајно работи за да спречи многу штетни политики на Трамп. За авторот, „Њујорк тајмс“ тврдеше дека му го знае идентитетот, но не го откри.

Во медиумите има и многубројни примери во кои се користат наводни анонимни извори и каде се злоупотребува правото на заштита на изворот. (Без факти, неофицијалните извори се камуфлирани гласишта)

Она што, исто така, мора да се знае е дека самиот новинар не може да биде изворот.

Освен кога редакцијата одлучува и организирано известува за настанот од самото место и во текот на неговото траење. Преноси во живo, вклучувања од местото на настанот… Дури и тогаш, многу поуверливо и поголема веродостојност се постигнува кога за некои специфични фази и поенти од тие преноси и живи вклучувања се ангажира соговорник, како извор со стручност за одредена област, со искуство од слични ситуации или овластени извори, кои во името на некоја институција толкуваат одредени собитија од настанот.

Во „Водичот за новинарство“ на реномираната британска информативна агенција „Ројтерс“, во делот за изворите, стои дека новинарите треба да градат и да развиваат контакти со изворите, уверувајќи ги дека ќе добијат фер третман, но истовремено новинарите треба да бидат внимателни врската со изворот да не ја премине границата на пристоен и професионален однос. Во спротивно, ќе се наруши перцепцијата за непристрасност.

 

Коментар и вест не е исто

Фото: pixabay.com

Што е тоа коментар? Во последно време, на некои од македонските веб-страници може да се сретнат многу написи што се пласираат како вест, а, всушност, се коментаторски, кои најчесто се непотпишани.

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Границата меѓу веста и коментарот сè повеќе почнува да се губи, особено кога станува збор за написи објавувани на некои портали, кои со цел да одбранат некоја политичка партија или личност, наместо вест, на читателите им нудат коментар, односно сопствено видување на ситуацијата. Но, таквите коментаторски написи не се потпишуваат и тие не се ниту вест ниту коментар, туку се чиста пропаганда.

 

КОМЕНТАРОТ ЗА РАЗЛИКА ОД ВЕСТА Е ПОСЛОЖЕНА НОВИНАРСКА ФОРМА

Во теоријата на новинарството, новинарските жанрови се делат на: фактографски, аналитички и белетристички. Коментарот спаѓа во групата аналитички новинарски жанрови. Коментарот, за разлика од веста, е посложена новинарска форма и бара освен упатеност во случувањата, и подобро познавање на општествените феномени кои ги предизвикале. Коментарот е новинарски жанр, во кој новинарите се задолжени да го изнесат својот став или ставот на медиумската куќа во која работат за некој општествен феномен или случување.

Постојат два вида коментари: 

Воведник или редакциски коментар е текст понекогаш потпишан со името на авторот, но често и непотпишан, кој го одразува индивидуалното гледиште на некој уредник или мислењето на група уредници за некое општествено случување (На пример, весникот „Слободен печат“ има „Слободен удар“ или сега веќе згаснатиот весник „Време“ имаше „Поента“).

Колумна или авторски коментар е текст во кој авторот е јасно идентификуван и кој авторот редовно го објавува под истиот наднаслов. На пример, таков авторски коментар е „Рафал“ на Џабир Дерала од „Цивил“.

Кај колумната или авторскиот коментар доминира личниот став

Кај колумните доминира личниот став, личното гледање на појавите или случувањата. Секој колумнист гради свој стил по кој ќе биде препознатлив. Колумната на некој автор има и непроменливи елементи, како што се објавување во одреден ден, постојан наднаслов, име и фотографија од авторот, постојано место во весникот. Колумната се објавува интегрално, без уреднички интервенции.

Коментарот се пишува откако ќе биде објавена веста

Коментарот се пишува откако нешто се случило. Предвидувањата дека нешто ќе се случи не се најдобра основа за коментар во медиумите. Веста мора да биде значајна за да се коментира. По правило, потребно е веста прво да се објави во целина, па дури потоа да се коментира.

Неопходно е новинарот што пишува коментар за некоја вест да биде објективен. Иако коментарот е одраз на личниот став, не значи дека не треба да биде објективна слика на случувањата. Вообичаено е коментарот во весниците да биде реалтивно краток, до 84 реда, а во електронските медиуми до 2 минути.

Видови коментари

Разликуваме полемички, аналитички и хумористичен коментар.

Полемичкиот коментар во изнесувањето на главата зазема спротивен став и го брани со аргументација до крај, а во заклучокот целосно ја оспорува тезата од главата.

Аналитичкиот коментатор ја разложува на сегменти тезата што е изразена во главата и ги наведува аргументите за и против, го осветлува проблемот од неколку страни, бара причини, наведува последици.

Хумористичниот коментар, по целосното сериозно поставување на главата, иронично и хумористично се осврнува на тезата и се докажува сè спротивно до апсурд. Во овој тип коментар најважно е да се одреди границата на добриот вкус.

 

 

Груба манипулација со твитот на еврокомесарот

 

[Рецензија: Хан на „Твитер“ откри дека Тодоров и Богојески гласале „за” промена на името]

 

Со текстот се прави груба манипулација и лажна интерпретација на твитот на еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан.

Твитот на Хан за средбата на маргините на самитот на ЕПП со дел од поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ, кои беа исклучени од партијата, е недоволно јасен. Но, тоа не му дава право на авторот на текстот сам да си донесува заклучоци и да го интерпретира твитот како што му одговара, а со цел манипулација на јавноста.

Линк до текстот: Хан на „Твитер” откри дека Тодоров и Богојески гласале „за” промена на името

Датум на објавување: 9.11.2018

Датум на рецензирање: 12.11.2018

Рецензент: Симона Атанасова

Написот тврди дека поранешните фукнционери од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров и Петар Богојески гласале „за“ на референдумот за Договорот од Преспа.

Како единствена поткрепа на овој манипулативен заклучок е твитот на еврокомесарот Хан. Но, во твитот на Хан нема ни „р“ од референдум, ниту конкретна изјава дека Тодоров и Богојески гласале „за“.

Во твитот се вели „Ја поздравувам нивната храброст и одлучност за гласањето за Договорот од Преспа“. Но, никаде не вика дека тие гласале „за“ на референдумот.

Дел од манупулацијата е тоа што на сликата ја има, а и се спомнува и во твитот, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Александрова која, всушност, гласаше „за“ Договорот од Преспа, но не на референдумот, туку за време на собраниската седница на која пратениците гласаа за потребата од уставни измени. Александрова е дел од осумте пратеници на опозицијата што гласаа „за“ потребата од уставни промени. Всушност, на нив се однесува и последниот дел од твитот во кој тој порачува да престанат заканите кон нив. Богојески и Тодоров не се предмет на закани и на полициска заштитата.

Во текстот не е застапена втората страна на приказната. Донесен е заклучок без притоа да се прашаат засегнатите лица дали тоа е вистина. Авторот не ги прашал дали навистина гласале „за“ на референдумот и на што се однесува твитот, ниту побарал став од еврокомесарот Хан да го дообјасни твитот. Претходно и Тодоров и Богојески се изјаснија дека ќе гласаат на референдумот, но дека ќе заокружат „против“.

Постовите на социјалната мрежа „Твитер“ се со ограничен број карактери. Често, во обидот да се заштеди место, а притоа да се каже што повеќе, напишаното е недоволно и непрецизно објаснето. Сепак, тоа не е причина за извлекување погрешни заклучоци. Работа на новинарот е пред да напише и објави нешто, да го провери тоа од минимум два извора и да ги консултира засегнатите страни, а не да манипулира со јавноста.

 

Кој го „избриша“ АСНОМ?

 

[Рецензија: Дескоска потврди, АСНОМ се брише]

 

Во наелектризиран политички амбиент во кој се случува процесот на имплементацијата на Преспанскиот договор со подготовките на уставни измени, во дел од медиумите осамна веста дека министерката за правда, Рената Десковска, најавила исфрлање на АСНОМ од Преамбулата на Уставот на Република Македонија, а еден од тие написи е предмет на оваа рецензија. Ова, разбирливо, предизвика бурни реакции на веќе сензибилизираната јавност и набргу беше решително демантирано од Министерството за правда, но написот што го рецензираме не беше корегиран, ниту, пак, демантот беше објавен.

Линк до оригиналниот напис: Дескоска потврди, АСНОМ се брише!

Датум и време на објавување: 1.11.2018

Датум на рецензирање: 7.11.2018

Рецензент: Југослава Дуковска 

Во делот на Преамбулата, она што јас сум информирана дека бил тек на разговори со Грција, е практично конкретизирање на актите на АСНОМ, односно да не се подразбира Манифестот што значи повикување на национална борба во соседни држави и од тој аспект, беше воведувањето на македонскот народ за одлуките на АСНОМ – рече министерката.

Овој извадок од изјавата на министерката Дескоска, кој е дел од написот што го рецензираме, во голема мерка наликува на изјавата што министерката навистина им ја даде на медиумите на прес-конференцијата на маргините на Конференцијата за реформи во судството што се одржа во Охрид. Но, токму тој мал дел што недостига помогна во овој напис да се протне тезата за бришењето на АСНОМ од Преамбулата на македонскиот Устав. Доколку се слушне тонскиот запис од изјавата на Дескоска, може да се забележи дека во цитатот на написот што го рецензираме фалат зборовите „..Прогласот до…“ , односно, таа, всушност, гласи:

Во делот на Преамбулата, она што јас сум информирана дека бил тек на разговори со Грција, е практично конкретизирање на актите на АСНОМ, односно да не се подразбира Манифестот, кој значи повикување на национална борба во соседни држави и од тој аспект беше воведувањето на Прогласот до македонскиот народ за одлуките на АСНОМ.

Ова значи дека министерката за правда прецизно појаснила оти во Преамбулата на Уставот е предложено да се направи измена со која нема да се стави акцент на Манифестот на АСНОМ, туку на Прогласот до македонскиот народ за одлуките на АСНОМ. И Манифестот и Прогласот се документи што се донесени на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, на 2 август 1944 година во манастирот „Прохор Пчињски“, и измената што се предлага по ниедна основа не може да се смета за измена со која се брише АСНОМ од Преамбулата на Уставот.

И додека двата испуштени збора можеби и би можеле да се протолкуваат како lapsus calami (грешка во пишување – лат.), толкувањето на изјавата на Дескоска како „признание дека од Уставот се брише АСНОМ“ речито говори за тоа дека нејзината изјава намерно е протолкувана како најава за бришење на едниот од најважните столбови на македонскиот национален идентитет, односно еден од клучните елементи на историскиот континуитет на македонската државност, иако таа не го кажалатоа .

Еве како тоа го објасни премиерот Зоран Заев, образложувајќи ги нацрт-амандманите за измените на Уставот, кои, откако Владата ги усвои, влегoa во собраниска процедура:

Во Преамбулата зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „прогласот на АСНОМ“ и се додава Охридски рамковен договор, кој со тоа, рече Заев, ќе биде конститутивен елемент на државата. Охридскиот рамковен договор е дел од Уставот, само тука се додава формулацијата Охридски рамковен договор, изјави премиерот.

И, додека сè уште е во тек јавната дебата во македонското општество за оправданоста на уставните измени, како и за нивниот обем и содржина, ваквите злонамерни толкувања дополнително ја напрегнуваат затегнатата атмосфера, создавајќи амбиент на незадоволство, како и несогласување со имплементацијата на договорот со соседна Грција.

 

Недела на медиумска писменост – Најдобри средношколски постери со слогани и цитати на тема медиумска писменост

Одбележување на Неделата на медиумска писменост преку изложување на најдобрите средношколски постери со слогани и цитати на тема медиумска писменост. Настанот се одржа на 9 ноемрви во Porta Jazz.


Им честитаме на победниците во двете категории. Покажавте голема креативност, оригиналност и способност за критичко размислување.
Настанот е во рамки на проект „Тема за дилема“ во имплементација на Здружение Ганимед, кој е дел од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ спроведуван од Фондацијата Метаморфозис и Евротинк – центар за европскии стратегии, а финансиран од Европската Унија.