Проектот е финансиран од Европската Унија
Со критично мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк
Mendim kritik për qytetarë me shkathësi mediatike - CriThink
Critical Thinking for Mediawise Citizens - CriThink
Home Blog Page 281

Медиумот како произведувач на политиката и креатор на новата реалност

Кога публиката ќе седне пред телевизорот, се соочува со две реалности што се спротивставуваат една на друга, за истиот собир. Таа (публиката) се наоѓа пред една забуна за тоа кој ја зборува вистината. Одговорот е дека и двете страни ги кажуваат своите вистини. Или, дел од вистината. А постои и една „трета“ вистина…

 

Пишува Агрон Врангала

Медиумите и политиката се две области што некогаш се согласуваат, а некогаш се судираат една со друга. Но, едно е сигурно, тие не можат една без друга и во модерните општества секогаш се сопатници во општествените процеси. Не случајно се спомнува терминот „општествени процеси“ за да се даде до знаење дека сè што се произведува во политиката или медиумите, на крајот на денот е дел од едно одредено општество. И, токму тоа општество ги држи на плеќи овие професии во нивните општествени димензии, колку противречни, толку и потребни.

Не е некоја новост доколку се рече дека сите медиуми имаат политичко влијание. Ниеден медиум во светот нема целосна надполитичка независност. Ова не подразбира секогаш дека медиумите задолжително мора да држат некоја страна за да се сметаат за политички. Може и да не поддржуваат политички субјекти, но не можат да бидат соголени од секоја идеологија што ја смислила човештвото.

Има многу дебата за тоа како е можно медиумите, кои се повикуваат во име на слободата на изразот и јавниот интерес, да станат заложници на една одредена идеологија. Во овој момент треба да се направи поделба. Едно е да веруваш во нешто и да работиш во тој правец, друго е да бидеш платен за нешто и да се преправаш дека веруваш во тоа. И, сосема трето е кога твојата насока ја претвораш во една догма што треба да биде проследена од сите, со идејата дека тоа е единствениот пат што му е потребен на општеството. Тука завршуваме со ова прикажување на опциите, оставајќи ја отворена дискусијата, со една општа констатација дека политиката ги произведува медиумите.

Постои уште едно важно прашање. Дали е можно да е случи спротивното, односно медиумите да ја произведуваат политиката? Медиумските истражувачи велат – да, можно е.

Еден од социолозите за комуникација, Пиер Бордју, дошол до една многу интересна констатација во која вели дека телевизијата не одразува еден одреден политички настан, туку го произведува од почеток. Секој може да ја постави дилемата како е можно да се случи такво нешто. Фактите се многу едноставни и може да се толкуваат.

Македонија само што заврши со една интензивна изборна кампања. Речиси сите собири што беа одржани од политичките партии, се следеа од голем дел од медиумите. И, што се случи? На пример, секоја телевизија имаше свое прикажување на овие собири. Истите собири изгледаа различно – на различни телевизиски канали. И зошто? Бидејќи новинарите на овие телевизии не отишле таму за истата цел. Еден новинар од една провладина телевизија ги одвојуваше најубавите делови од излагањето на еден владетел, спротивно на новинар од опозициска телевизија, кој се обидуваше да фати некој контрадикторен израз на истиот политичар.

Кога публиката ќе седне пред телевизорот, се соочува со две реалности што се спротивставуваат една на друга, за истиот собир. Таа (публиката) се наоѓа пред една забуна за тоа кој ја зборува вистината. Одговорот е дека и двете страни ги кажуваат своите вистини. Или, дел од вистината. А постои и една „трета“ вистина. Но, оваа вистина не стигнува до гледачот пред екранот. Таа вистина ѝ припаѓа на публиката што била присутна на собирот. Условно кажано, овие три вистини се за три различни публики. Прва е публиката што била присутна на собирот и што го следела политичкиот настан, додека другите две (или една единствена), се тие што го вклучиле телевизорот и виделе два различни медиумски производи.

 

ЕФЕКТОТ НА КАМЕРАТА

Да земеме еден малку покомплексен пример. Доколку следите една седница на Собранието од почеток до крај, може да се констатира дека постои голема разлика меѓу дискурсот на политичарите кога се присутни телевизиските камери и тогаш кога тие се отсутни. Обично, во моментот кога нема камери во Собрание, дебатата меѓу власта и опозицијата е многу помирна. Во моментот кога пратениците забележуваат дека некој ги снима, одеднаш почнуваат да го острат политичкиот говор, кревајќи го гласот и силно истакнувајќи ги тие зборови што имаат да му ги кажат на својот противник. Ова е тоа што се нарекува ефект на камерите и создавање сцени од страна на политичарите. Сè што се случува, се случува поради присуството на камерите.

Но, ова не е сè. Новинарите што ја следат седницата, кога се враќаат во нивните редакции, треба да прават ивештај кој трае максимум две минути. На овој начин, тие ги одбираат најпикантните моменти од дебатата, обидувајќи се со малку зборови и со неколку слики да го опишат тоа што се случувало денеска во Собранието. Колку и да способни и професионални новинарите, невозможно е да ја прикажат целата реалност што се случила преку целиот ден во Собранието и на седниците. Вака, новинарите создаваат една нова реалност за дискусијата во салата. Ова не значи дека има контрадикторности меѓу овие две реалности, туку има голема разлика меѓу дискусијата во салата која трае со часови и хрониката на новинарот која трае само две минути.

Во меѓувреме, ако ги земеме предвид каналите што директно ги пренесуваат собраниските седници, имаме работа со еден сосема нов елемент. Во овој случај, телевизиската камера игра улога на една сигурносна камера која снима сè што фаќа нејзиниот кадар. Но, недостига новинарот на средина, што би направил избор, комбинирање и монтажа на најинтересните моменти. Во оваа смисла, овде имаме само еден директен пренос, без ниеден новинарски елемент. Во случаите на емитувањето во живо на овие седници, кај јавноста се создава еден впечаток дека следат сè што се случува таму. Не е вистина. Јавноста го следи само делот што камерата го снима во тој момент. На пример, во времето кога камерата е насочена кон говорницата и го снима моменталниот говорник, истовремено некаде на крајот од салата, може да има десетици пратеници што следат „Фејсбук“ и немаат воопшто идеја за тоа што зборува нивниот колега, но телевизиската публика не успева да го види тој дел. И во овој случај, имаме една нова измислена медиумска реалност, во споредба со тоа што навистина се случува во салата. Вака се случува во сите случаи каде што има камери.

Освен ефектот на камерата, еден од главните фактори на создавање на нова медиумска реалност се и телевизиските студија или, поточно, односот на новинарот со гостите. Познатиот албански филозоф и комуниколог Артан Фуга, истакнува дека имајќи еден формален статус на непристрасност и чувајќи ја оваа површинска непристрасност со фанатизам, новинарот станува одредувачки фактор во сферата на политичката комуникација. Тој е тој што му ги поставува прашањата на политичарот, тој е тој што ја одредува агендата на јавната дискусија, што ги открива или ги крие недостатоците на политичарите за време на телевизискиот политички настап, што го дава времето на располагање на секој политичар што се наоѓа пред камерите и што, на крајот на краиштата, ги одбира посакуваните нијанси за фигурата и телевизиското орално и физичко претставување на секој политичар.

 

ДВЕ ИНТЕРВЈУА НА ИСТА ТЕЛЕВИЗИЈА

Во февруари 2016 година, во студиото на вестите на „Сител“ беше поканет на интервју претседателот на СДСМ, Зоран Заев, да се соочи со новинарот Драган Павловиќ-Латас. Ова беше првото интервју што го памти публиката на Заев во ова студио. Во август истата година, пак, беше поканет претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој редовно се појавува како гостин на вестите и другите емисии во оваа телевизија.

Доколку ги споредите овие два интервјуа, ќе видите дека станува збор за две сосема различни работи, почнувајќи од прашањата што им се поставуваат на гостите, односот на новинарот со гостинот, притисокот или удобноста што им се нуди во смисла на кадарот на камерата, како и многу други работи што зборуваат за тоа што се вика нов медиумски производ на политиката. Тој пристап кон гостите нема воопшто врска со нивните политики. Тоа е еден оригинален, нов конструкт на реалноста, произведен од оваа телевизија. Вака се случува во секој случај. Истиот лик би зборувал за истата тема, но во различни телевизиски студија, би излегол со различни проекции во очите на публиката, во зависност од политичките ориентации што таа телевизија ги прокламира.

Овие три примери што се изнесоа овде, може да служат како просветлување или отварање на нова перспектива за тие што се заинтересирани да одат чекор понапред преку конструктите на реалноста што им се нудат секој ден од медиумите, правејќи една сосема индивидуална проценка за просторот и времето што ќе им го посветат на овие производи, кои се колку привлечни, толку и нестабилни.

Во западните земји, на пример, во образованите семејства, во смисла на медиумското образование, има тренд да се отстрани од употреба или да се употреби на многу ограничен начин телевизијата како апарат за забава. Во Македонија, пак, може да има семејства што уште не успеале да имаат телевизор во нивните домови. Една златна средина секогаш би била добредојдена.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Вистинит наслов е поважен од атрактивен наслов

[Рецензија: Збогум евтини летови, „Визер“ си оди од Македонија]

Насловот на текстот што го рецензираме е класичен пример за манипулација на јавноста. Написот пренесува информација, но со насловот непотребно се крева паника и се шири лажна вест.

Линк до оригиналниот напис:  Збогум евтини летови, „Визер“ си оди од Македонија

Датум и време на објавување: 13.8.2018

Датум на рецензирање: 17.8.2018

Рецензент: Ана Анастасовска

Написот на почетокот пренесува информација дека нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ ја прекинува продажбата на билетите за две дестинации од Македонија. Ова, како што стои во текстот, се случува само осум дена откако Министерството за транспорт и врски ја прекина постапката за избор на авиокомпанија за субвенционирање, на кој единствен понудувач беше унгарската нискобуџетна компанија.

Од денеска не може да се закажува лет од Скопје до Барселона подоцна од 26 октомври годинава, и од Охрид до Лутон, Лондон подоцна од 24 октомври, објави порталот ExYuAviation.

Понатаму се посочува дека „Визер“ ќе ги прекине летовите помеѓу Скопје и Ваксјо во јужна Шведска од средината на септември.

Написот вака е во ред, но недостига одговор на прашањето кога „Визер“ ќе си оди од Македонија и кога авиокомпанијата го соопштила тоа, бидејќи тоа стои во насловот. Насловот им посочува на читателите дека „Визер“ ќе ја напушти Македонија. Но, во текстот има само информација дека се скратени неколку дестинации. А, тоа нема врска со насловот.

Ако е вистина дека авиокомпанијата ќе си оди од Македонија, зошто нема потврда за тоа?

Текстот е во ред, но насловот на текстот има цел само да привлече повеќе кликови и да ја манипулира и лаже јавноста. Познато е дека атрактивниот наслов предизвикува внимание, но не и по цена да биде невистинит.

„Позајмувањето“ вести завршува како „расипан телефон“

Пишува: Ферикан Илјази

Појавата на „позајмување“ вести или дневни информации меѓу порталите, честопати без воопшто да се цитира оригиналот или цитирајќи го на несоодветен начин, е доста присутна во Македонија. Колку за почеток, доволно е да се види првиот наслов што може да се чита во агрегаторите на вести, кој е повторуван најмалку на 15 различни портали.

lajmet-ne-agregator-1

lajmet-ne-agregator

Често се случува кај позајмените вести да не се направи ни обид да се смени точка ниту запирка. Дури и доколку текстовите се пуштаат со грешки, тие така се пренесуваат и во вториот, третиот и во четвртиот медиум, со истите грешки. Ова кажува најмалку две работи: се води борба за да е наполнат рубриките без да се вложи соодветен труд во редакцијата, како и борба за кликнувања.

Некои од порталите барем се обидуваат да го сменат насловот на некоја позајмена вест, додека некои други воопшто не се „срамат“ и го земаат целиот текст, без да кажат од каде го зеле. Го присвојуваат и на крајот го ставаат потписот на нивниот медиум…

Тоа што паѓа в очи, а е и уште една причина повеќе за да се напише оваа лекција, е една дневна вест, која потоа излезе дека била само уште една дезинформација. Поттикнати од гладта за кликови што ја спомнавме претходно, голем број портали ја пренесоа веста дека, наводно, претседателот на Македонија не амнестирал ниеден албански затвореник, притоа без никаков елемент на сигурност и потврда, без никаков напор за да се потврди информацијата, без никаква корекција.

skandaloze-ivanovi-nuk-fal-asnje-shqiptare-te-burgosur-inaВо овој пример, се почнало од порталот „Ина“, кој ја пренел оваа информација како вистина, пренесувајќи и една изјава од затвореникот наречен „Командант Чакала“. Овој портал, со толку малку труд што дал за оваа вест, по објавувањето на веста како последица предизвикал еден маѓесан круг на објави позајмени од другите портали, од кој никој веќе не успеал да излезе.

Во првата вест во врска со оваа тема пишува:

„Претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов, повторно на крајот на годината се покажа скржав со помилувањето на осудените Албанци, известува новинската агенција ИНА.

Повеќето досиеја од албанските затвореници кои пристигнале на масата на македонскиот претседател не се одобрени или се одбиени.

Ова го потврдува и Авдил Јакупи, познат како Командант Чакала. „Денес беа помилувани многу затвореници Македонци и, за жал, ниту еден Албанец. Не ме помилуваа ни мене што сум одлежал 13 години затвор. Не помилуваа ниеден Албанец“, изреволтирано изјави тој“.

И, овој текст бил најславниот или еден од најкликнуваните за тој ден. Има портали што се обиделе малку да го сменат, со промена на насловот, „СКАНДАЛ“ или „СКАНДАЛОЗНО“, или зборот „СКАНДАЛОЗНО“ го тргнале целосно од употреба. Но, внатрешноста на текстот и изјавата на затвореникот ја пренеле целосно, без да тргнат ниту еден интерпункциски знак. Но, вистината изгледа е нешто друго.

Најмалку 19 лица, според тоа што можевме да прочитаме во „Службен весник“ на РМ, пренесен од веб-страницата „Академик“, се Албанци. Можеби меѓу имињата што не се подвлечени фигурираат уште повеќе Албанци, но потпирајќи се само на имињата и на презимињата на лицата за кои со сигурност можеме да кажеме дека се Албанци, произлегуваат 19 припадници на албанската етничка заедница, кои добиле помилувањето од претседателот (кликни и зголеми ја фотографијата за да ги видиш имињата).

Тоа што дополнително станува очигледно, е фактот дека во „стапицата“ на оваа вест се фатиле и многу портали од Албанија и од Косово, кои главно ги земаат вестите од Македонија готови и имаат многу малку можност и интерес за да потврдуваат дневни информации. Вака, за ова прашање ќе се создаде една лажна реалност кај нашите сонародници надвор од државните граници на Македонија.

Во Прирачникот за етика во новинарството постои една посебна точка, со која е одредено или препорачано како треба да се потврди информацијата.

  1. Прва обврска на новинарите е вистината

Во основата на демократските општества е дека нивните граѓани треба да имаат пристап до сигурните и точните факти поставени врз еден разумен и разбирлив контекст. Новинарството е еден од инструментите што го овозможуваат ова. Новинарите не се во потрага по вистината во апсолутна филозофска, туку во практична смисла. Оваа „новинарска вистина“ е еден процес што почнува и подразбира собирање и верификација на фактит. Новинарите треба да бидат колку што е можно потранспарентни во врска со изворите и со методите што ги користат. Ова ќе ѝ овозможи на публиката да формира лична проценка за информацијата. Дури и во светот на мнозинството мислења, точноста е основата врз која се гради целата историја на новинарството – контекстот, проценката, коментарите, критиката, анализата и дебатите.

 

2.Потврдувањето на фактите е сржта на новинарството

Новинарите се потпираат врз една од најсуштинските постапки на нивната работа – потврдување или докажување на информациите. Кога се појави концептот за објективност на професијата, ова не подразбираше дека новинарите се ослободени од предрасудите. Но, објективноста и рамнотежата се потребни за да не се загрози вистинитоста на информацијата поради културните и личните стереотипи на новинарите. Објективна е методологијата, а не новинарот. Потрагата по што повеќе сведоци, колку што е можно повеќе соодветни извори, отварањето на можности за ставови од повеќе страни – се чекори што ги демонстрираат стандардите на објективното новинарство. Овие инструменти на верификација и докажување го одделуваат новинарството од другите форми на комуникација, како што се пропагандата, фикцијата или забавата. 

Во прилог се објавените текстови во врска со оваа вест така што ќе можете да го потврдите тоа што го пишува во тесктот. (Кликнете на фотографиите за да ги зголемите).

1-3 1-4 1-5 1-6 1-7 1-8 1-9 1-10


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Нема закани за меѓуетнички конфликт, но има лажни обвинувања

 

[Рецензија: Командант на ОНА се заканува со нов конфликт: Ако пропадне референдумот, со или без Македонците, Албанците ќе продолжат кон ЕУ и НАТО]

 

Командант на ОНА се заканува со нов меѓуетнички конфликт ако пропадне референдумот за преспанскиот договор. На потег се МВР и Јавното обвинителство – oва е ударната порака и лајт-мотивот на написот што е предмет на оваа рецензија. Иако во него целосно се пренесува фејсбук-статус на Абедин Зимбери, поранешниот пратеник на Нова демократија во македонското Собрание, токму новинарската опрема на текстот, особено тврдењата содржани во лидот на информацијата, се проблематични од аспект на вистинитоста и утврдените новинарски стандарди за објективно и вистинито информирање. Со други зборови, она што го кажува изворот во написот не соодветствува со начинот како тоа им е претставено на читателите.

Линк до оригиналниот напис: Командант на ОНА се заканува со нов конфликт: Ако пропадне референдумот, со или без Македонците, Албанците ќе продолжат кон ЕУ и НАТО

Датум и време на објавување: 13.8.2018

Датум на рецензирање: 15.8.2018

Рецензент: Југослава Дуковска 

За првиот впечаток најпрвин се погрижи насловот: Командант на ОНА се заканува со нов конфликт: Ако пропадне референдумот, со или без Македонците, Албанците ќе продолжат кон ЕУ и НАТО. Но, кога ќе се прочита целиот текст, сосе новинарските интервенции, станува јасно дека фејсбук-статусот на Зимбери, поранешен припадник на ОНА, не само што не содржи закана за нов конфликт туку изразува легитимен политички став во поглед на референдумот што треба да се одржи на 30 септември, обраќајќи им се притоа на сограѓаните Македонци, кои ги повикува, доколку сакаат Македонија да влезе во НАТО и во ЕУ, да придонесат со тоа што ќе покажат разум, меѓусебно почитување и искрена желба за соживот. Тоа Зимбери го кажува уште во насловот на објавениот ФБ-статус: Реципроцитет на меѓуетничко почитување. Во статусот на Зимбери никаде не се кажува дека Албанците ќе продолжат каде било без Македонците ако не успее референдумот.

 

ПОВИК ЗА ЗАЕМНО ПОЧИТУВАЊЕ И СМИРУВАЊЕ НА МЕЃУЕТНИЧКИТЕ ТЕНЗИИ

Иако од објавениот материјал не може да се види кој настан или настани конкретно биле инспирација за овој настап на Зимбери, на социјалната мрежа „Фејсбук“, може да се претпостави дека се работи за инцидентот на Мечкин Камен, на прославата на 2 Август – Илинден, во кој група фудбалски навивачи упатуваа навреди на сметка на припадниците на албанската етничка заедница, што крена доста прашина во јавноста, како и реакција на Обвинителството и полицијата за некои од лицата инволвирани во инцидентот.

Фејсбук-статусот на Зимбери, благодарение на начинот на кој беше пренесен, испровоцира доста реакции по социјалните мрежи. Еве кој дел ги предизвика реакциите:

Сѐ додека ве почитувам како Македонци, сакам и вие да ме почитувате мене како Албанец. Само со реципрочно меѓуетничко почитување можеме да градиме јака, мирна и економски развиена држава. Сѐ друго води кон дестабилизација, поделби и конфликти во кои нема да има победник. Додека сме во мир можеме да ги решиме сите спорни прашања, во не дај Боже конфликтни ситуации, во кои ќе се вмешаат и нашите заеднички непријатели, тогаш кога ќе има жртви и загуби, ќе нема место за помирување, за сѐ ќе биде доцна.

Овој пасус, според критичарите, наводно содржел закана за етнички конфликт доколку Македонија не изгради „реципрочно меѓуетничко почитување“, но тој, всушност, е само потсетување на сите конфликти во поранешна Југославија, кои произлегле од нетолерантноста и нетрпеливоста што различните етнички заедници ги поттикнувале на непријателски однос кон своите сограѓани. Тешко дека може да се најде сериозен аргумент што би го оспорил ставот дека апелот меѓусебно да се почитуваме како луѓе и како припадници на различни етницитети е повик за меѓуетнички конфликт! Зимбери и претходно, пред параламентарните избори во 2016 година, ѝ се обрати на јавноста преку својот фејсбук-профил, повикувајќи го на разум своето гласачко тело и советувајќи ги да не потпаѓаат под влијанија на оние што шират етнички тензии:

Драги млади Албанци, не дозволувајте такви неодговорни луѓе да ги избирате за ваши претставници во Собрание, тие одамна ве лажат и ќе продолжат да ве лажат. Избирајте личности што ќе ви донесат економски услови за опстанок, добро образование и мирен живот со сигурна перспектива. Избирајте личности што ви донесуваат мир, а не конфликти во кои тие сами не учествуваат. Сите други изјави се само измама и манипулација што ја нарушуваaт вашата иднина. Секој обид за создавање меѓуетнички поделби треба да се казни со вашиот глас.

Прашањето е каде авторот на текстов пронашол дека Зимбери вели –

Ако не не почитувате, ние Албанците ќе продолжиме кон ЕУ и НАТО без Македонците?

Такво тврдење, поточно закана, нема никаде во текстот што го напишал Зимбери, но тој „магично“ се нашол во написот што се занимава со неговиот текст, како божемно парафразирање. Со други зборови, ова тврдење во написот што го рецензираме е – невистина. Со вакво лажно обвинување за божемни закани, се оправдува првата реченица на написот, која е наменета токму за да ги запали алармите на Македонците:

Ќе реагираат ли ОЈО и МВР на повиците за отворен конфликт на Абедин Зумбери, поранешен пратеник и командант на ОНА во 2001?

 

НЕВИСТИНИ И ПОТПАЛУВАЊЕ НА СТРАСТИТЕ 

Очигледно е дека жестокоста на реакциите не се должи на самата содржина на статусот, на кажаното во него, туку на начинот како тој беше пренесен, односно претставен во одредени медиуми, на пример, така како што тоа го прави написот што го рецензираме – сервирајќи им на читателите само селектирани факти или голи невистини. Може да се заклучи дека ако на рецензираниов напис наменатаму била да дезинформира и да предизвика револт кај својата читателска публика, таа намена ја исполнил, но тоа претставува неодговорно новинарство. Начинот како овој текст го пренесува својот извор е непрофесионален и значи опасно подгревање на меѓуетничките тензии во државата.

 

Анкетите како доказ или како алатка за манипулација?

Резултатите од анкетата се дополнителен извор за новинарот, а не една неспорна вистина. Тој овие резултати треба да ги третира како што третира секој друг факт или податок. Како што проценува новинарот дали некој извор е сигурен или не, така треба да биде проценет и институтот или организацијата што ја реализира анкетата

 

Пишува: Фатлуме Дервиши

Составувањето прашалник во форма на анкета и неговото виртуелно споделување е најлесниот начин преку кој може да тврдиш дека го мериш пулсот на јавноста. „Дали се релативни добиените резултати“, ова е еден голем прашалник.

„Не е потребен компромис за да им се овозможат на луѓето нивните права. Не се потребни пари за да се почитува личноста. Не треба анкета за да се избрише впечатокот.“

Харли Милк

Има неколку начела, правила и методи, врз кои се гради, се реализира и се завршува една анкета. За сериозни институции, кои имаат цел објективно да го мерат јавното мислење, овие правила и начела се побројни, поригорозни и целосно точно спроведени. Социјалните карактеристики на народот кому се обраќаш се, исто така, дел од подготовките на терен за извршување на студијата.

Целната група или групата што е во интерес на студијата или мерењето, и во овој случај е почетна точка на работата, како и во сите други случаи на проучување на јавното мислење. Бидејќи сме во предизборен период, анкетите што нè интересираат се тие што го мерат пулсот на јавноста за политички прашања, очекувани резултати од изборите и слично. Многу од нив се реализираат од самите партии:

Прво, за да се мери јавното мислење за нивниот политички субјект, за да се најдат слабите и јаките точки, врз чија основа ќе ја изградат нивната изборна стратегија;

Второ, за да го искористат резултатот кој им се допаѓа, како дел од нивната кампања објавувајќи го по медиумите. Резултатите од анкета спроведена од првата причина, обично не се објавуваат.

АСПЕКТИ ШТО ИМ СЕ НЕОПХОДНИ НА МЕДИУМИТЕ ЗА ПРОЦЕНКА

Еден медиум пред да се потпре на резултатите од една анкета и да ги претстави во јавноста, треба да има предвид неколку аспекти, кои се и законски обврски при објавувањето на резултатите од една анкета:

  • Кој е институтот/организацијата што ја реализирала анкетата? – Потребни се податоци за институтот/организацијата: Кој е сопственик, раководител или основач, како функционира, дали е транспарентна кон јавноста, дали има адреса, телефон за контакт, веб-страница? Колку повеќе информации, колку попристапен за јавноста е спроведувачот на анкетата, толку повеќе се зголемува довербата кон него.
  • Каква е методологијата на реализирање на анкетата? – Има неколку практикувани форми комплицирани за јавноста, но барем треба да се открие начинот на комуникација меѓу анкетираниот и анкетарот. Обично како порелевантни се сметаат анкетите реализирани од врата до врата на директен начин, и не толку тие што се направени преку телефон, како што често се случува.
  • Колкава е големината на групата, односно потребниот број на анкетирани? – Во зависност од тоа колку е голема целната група, толку повеќе анкетирани се потребни за пообјективни резултати. Колку е поголем бројот на анкетирани, толку поблиску до вистината ќе бидат резултатите на анкетата.
  • Дали се опфатени сите групи на населението за една релевантна анкета? – За анкетите кои, на пример, го прикажуваат расположението на гласачкото тело, тие мора да ги опфатат сите групи на гласачи со различни особини, и по возраст, род, живеалиште (градско или рурално), социјален статус, образование, етничка припадност итн. Колку попретставувани да бидат сите групи, толку порелевантни ќе бидат резултатите.
  • Во каков период е направена анкетата? – Колку посвежа е анкетата, толку порелевантна е, особено кога зборуваме за расположението на јавноста во врска со поддршката што ја имаат политичките опции на анкетираниот. Или, анкетите што се прават за да се прикаже расположението на јавноста во врска со социјални прашања или настани, мора да се совпаднат со времето кога тие биле актуелни и имале свое очигледно влијание во животот на граѓаните и во јавниот дискурс. Како и да е, релевантната анкета мора да го прикаже времето кога или во кој период е реализирана.
  • Колкава е дозволената граница на грешка (margin of error) што се почитува од извршителот? – Тоа што медиумите често забораваат е да ја нагласат маргината на грешење на резултатите на една анкета. Познавачите на областа, генерално сметаат дека за еден примерок од 1.100 до 1.200 луѓе (анкетирани), дозволената граница на грешка може да варира од +- 2,3 до +-2,5 отсто. Ова мора да го знае новинарот.

Еве неколку сугестии или проценки од познавачите на областа:

„Доколку се потребни резултатите за секој круг, тогаш со ниво на сигурност од 95 отсто и со грешка од +-10 отсто за секој круг, потребни се околку 100 поединци. На национално ниво ова создава група од 1.200 поединци, кои со ниво на сигурност од 95отсто дозволуваат грешка од околу 2,8 отсто, што се смета нормално за национално ниво.“

Имаме случаи на анкети и со 2.400 поединци, па до 4.800 поединци, анкети кои не се гледаат често да се цитираат по медиумите (бидејќи се прават ретко или воопшто не се прават). Маргината на грешка кај нив се симнува на 2 отсто.

Кога зборуваме за анкетите кои се реализираат во Македонија, некои од институтите кои обично се цитирани во медиумите како реализатори на анкетите се:

 

МЕДИУМИТЕ КАКО АНКЕТАРИ

Самите медиуми, одвреме-навреме, земаат улога на анкетари за да извадат резултати со кои подоцна ќе го поткрепат новинарскиот труд. Но, тие не се многу уверливи и повеќе се сметаат за релативен показател на перцепции кај јавноста и никако не може да се тврди дека е направено релевантно мерење на јавното мислење. Подолу се неколку од нив.

Со само неколку движења и кликнувања, „Фејсбук“ и другите интернет-страници даваат можност за составување и за масовно споделување на прашалници и на анкети, но самата оваа форма влијае на резултатите поради неколку причини. Корисниците на социјалните мрежи не се претставници на сите категории на општеството, со различни демографски распоред и со еднако гласачко право. Една од пречките е возраста (корисниците на интернетот се претежно млади), потоа може да биде и живеалиштето (разликата помеѓу градското и руралното, каде има шанси да нема пристап до интернет). Овие разлики се отсликуваат во резултатите од мерењето.

Секој медиум, во зависност од неговата уредничка политика, прави различно толкување на резултатите од мерењето. На пример, доколку тргнуваме од резултатите од анкетата на Институтот „Павел Шатев“ објавени во последно време, констатираме дека медиумите не ги имаат секогаш предвид горенаведените критериуми за да проценат дали една анкета вреди да се објави. Некои од насловите што одат заедно со објавувањето на резултатите од анкетата, кажуваат многу и за уредничката политика или политичката ориентација на авторот и на самиот медиум.

Институт „Павел Шатев“:

„Тетова 1“: Павел Шатев: Анкета, еве го рејтингот на политичките партии!

„Тетова сот“: Aнкета на Павел Шатев: Груевски, лидерот кој ужива најголема доверба кај Македонците

„Журнал“: Aнкетата на Павел Шатев покажува дека Али Ахмети ужива 5.5 % доверба кај граѓаните, продолжува да биде лидерот со најголема доверба во земјава

„Телеграфи“: СДСМ:Анкетата на „Павел Шатев“ е измама

ИРИ

„ТВ Шења“: Aнкетата на IRI: БЕСА повторно се докажува како лидер на опозицијата, од ДУИ ја дели само 2%

„Тетова сот“: Tаравари: Aнкетата на IRI е тенденциозна, IRI треба да даде објаснувања за јавноста!

Институт „Димитрија Чуповски“

„Журнал“: Aнкетата на Институтот Димитрија Чуповски: ДУИ со 6.3% а кај Македонците ВМРО со 27.6%

ЦЕЛОСНО РАЗЛИЧНИ РЕЗУЛТАТИ ЗА ИСТО ПРАШАЊЕ!?

Една многу јасна споредба објавена од новинската агенција „Meтa“ покажува дијаметрално спротивни резултати од направените анкети од неколку институции, дури и разликата меѓу известувањето од еден ист медиум, но во различни написи.

– Најновата анкета од Меѓународниот републикански институт (ИРИ) со седиште во Вашингтон покажува дека 63 отсто од анкетираните ја поддржуваат работата на Специјалното јавно обвинителство што ги истражува случаите што резултираа од скандалот со прислушувањата.

– Пред речиси еден месец, на 12 мај, институтот „Павел Шатев“ објави една анкета чии резултати покажуваат дека 60 отсто од анкетираните немаат доверба во Катица Јанева и во СЈО, додека 25,2 отсто имаат доверба во оваа институција.

– Истата институција на 18 март објави една анкета, според која, во Катица Јанева и во Специјалното јавно обвинителство немаат доверба 64,3 отсто од анкетираните, 23,4 отсто имаат доверба, додека 12,3 отсто не одговориле.

– Агенцијата на истражување на јавното мислење, „Бриа Галуп“, за потребите на порталот „Република“, на 12 февруари ги објави резултатите од анкетата кои покажуваат дека дури 50 отсто од граѓаните немаат доверба во Катица Јанева, за разлика од 32,4 отсто кои го мислат спротивното.

За крај, треба повторно да нагласиме дека резултатите од анкетата се дополнителен извор за новинарот, а не една неспорна вистина. Тој овие резултати треба да ги третира како што третира секој друг факт или податок. Како што проценува новинарот дали некој извор е сигурен или не, така треба да биде проценет и институтот или организацијата што ја реализира анкетата.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).